Ќе се стопи ли новиот европски предлог за проширување во новото жешко лето?

Пријател што веќе неколку години живее во Лондон, деновиве ми јавува како го имале најтоплиот јунски ден откако се мерат дневните температури во Велика Британија, жалејќи се на тамошните 43 Целзиусови степени со висока влажност во воздухот, при што нагласи дека тука ни е добро со нашите триесет и кусур степени. Се шегуваше дека ситуацијата со температурите се сменила, па сега ќе дојде во Скопје за да се разлади, што навистина е така.
Но Островот не е единствен со невообичаено топли денови, бидејќи Западна Европа месецов е особено погодена од екстремни горештини што доведоа до смртни случаи во Франција, Шпанија, Италија… Во одредени региони температурите достигнаа речиси 44 Целзиусови степени, доволни за да предизвикаат сериозни нарушувања во општества што традиционално не се предвидени и осмислени за такви услови.
Научните податоци потврдуваат дека Европа се загрева побрзо од глобалниот просек, а топлотните бранови сè почесто се претвораат од сезонски феномен во ризик за економијата, инфраструктурата и за јавното здравје. Според Светската метеоролошка организација и европската служба „Коперник“, Европа е континентот што се загрева најбрзо во светот. Од средината на 20 век, бројот на топлотни бранови драстично се зголемува, а поголемиот дел од најекстремните случаи се случуваат во 21 век. Во некои држави бројот на денови со температури во кој термометарот ја надминува бројката 30 е повеќекратно зголемен во последната деценија. А сè повеќе градови се соочуваат со ефектот на „топлински остров“, каде што урбаната инфраструктура ја задржува топлината наместо да ја ублажува.
Последиците се видливи насекаде: затворени училишта, прекинати железнички линии поради ризик од деформација на шините, прекини во снабдувањето со електрична енергија за домаќинствата и ограничено работење на институциите. Дури е забележливо и влијанието во секојдневната економија, преку зголемената побарувачка за клима-уреди и вентилатори и раст на потрошувачката на електрична енергија.
Надлежните здравствени служби насекаде издаваат предупредувања, додека политичарите зборуваат за нова климатска вонредна состојба. Европската партија на зелените деновиве побара итен самит на лидерите на ЕУ поради екстремните горештини. А главното прашање од новонастанатата состојба не е климатско туку политичко: дали Европа има одговор и начин да се справи со новонастанатиот предизвик?
Ако се осврнеме на изминатата деценија, европската политика се соочи со голем број кризи: мигрантски кризи, ковид-пандемијата, војната во Украина, енергетската несигурност, инфлацијата, геополитичките тензии и со екстремни временски услови, но немаше секогаш единствен одговор.

За време на мигрантската криза, заедничкиот европски одговор се распадна под товарот на националните интереси. Во пандемијата, првичната реакција беше бавна и нееднаква, со различни стратегии меѓу државите членки. Во енергетската криза по избивањето на војната во Украина, Европа повторно реагираше дури откако ценовниот шок веќе ја погоди економијата. Европското семејство, на пример, има едни од најамбициозните цели за намалување на емисиите во светот, но во последните години фокусот сè повеќе се поместува кон индустриската конкурентност, економскиот раст и геополитичката стабилност, што исто така е разбирливо. Но додека политичарите дебатираат за цели за 2040 или 2050 година, милиони луѓе денес живеат во градови што не се предвидени за екстремни горештини.
Отсуството на консензус во ЕУ е забележливо и во однос на проширувањето, па оттука доаѓа и најновиот предлог за промена на овој процес што ја засега и Македонија. Европската комисија изготвува планови за да им овозможи на земјите кандидатки за ЕУ ​​економски придобивки пред да ѝ се приклучат на Унијата, во обид да го забрза проширувањето. Предлозите се дел од обидот на комисијата за „постепена интеграција“ преку наградување на кандидатите со поголем пристап до ЕУ додека спроведуваат реформи и чекаат на членство.

За разлика од претходните идеи за „обратно проширување“ што беа отфрлени од дел од членките, во Брисел сметаат дека овој предлог веќе има поголем политички импулс бидејќи Франција и Германија претходно поддржаа слични идеи за „поедноставно членство“ за земјите што се соочуваат со долги рокови за пристапување. Но дали е тоа баш така? ЕУ често сака да се прикаже како систем што успешно ги идентификува кризите, прави планови, зацртува цели, но видливо е дека тешко наоѓа заеднички решенија, поради отсуство на заедничка политика и визија или поради внатрешни судири на интереси помеѓу членките или, пак, едноставно, поради отсуство на вистински лидери. Можеме само да се надеваме дека и оваа последна иницијатива нема да се стопи на летните горештини и дека во ЕУ ќе има заедничка согласност за нејзина реализација. Но анализата за новиот предлог, почитувани читатели, ќе имате можност да ја прочитате на страниците на нашиот весник в понеделник. Дотогаш, ви посакувам мирен, спокоен и оптимистички викенд.