
„Нова Македонија“, од Германија
Германската автомобилска индустрија на демографска пресвртница и рефлексиите врз Македонија
Германската автомобилска индустрија се наоѓа во најдлабоката трансформација во својата историја – а со неа и мрежата на доставувачи во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) во Македонија. Повеќе од две децении меѓународните компании градеа инфраструктура што профитабилно функционираше како продолжена производствена база. Но овој модел денес е под силен притисок. Причината не е повеќе само технолошката трансформација туку и сериозниот недостиг од квалификувана работна сила на локално ниво.
Создавањето нови работни места за производствени работници станува сè потешко. Кога слободните позиции во фабриките повеќе не можат да се пополнат, а компаниите почнуваат меѓусебно да си ги преземаат преостанатите работници, Македонија мора темелно да го преиспита и да го трансформира својот досегашен економски модел.
Егзодусот на работната сила и прогнозите на ОН
И Македонија се соочува со токсична комбинација од историски ниска стапка на наталитет и масовен одлив на мозоци. Млади и високообразовани Македонци во голем број ја напуштаат државата и заминуваат во земјите од Западна Европа.
Евтината работна сила повеќе не е неограничен ресурс. Најновите демографски прогнози на Обединетите нации прикажуваат загрижувачка слика: до 2050 година населението на Македонија значително ќе се намали. Со намалувањето на работоспособното население постепено исчезнува и традиционалната конкурентска предност заснована на евтина работна сила. Моделот на „продолжена работилница“ се приближува кон својот неизбежен крај.
Во овој клучен момент е потребно заеднички да се создадат сигурни и одржливи услови што ќе ги мотивираат постојните и новите странски инвеститори и понатаму да инвестираат во земјата.
Нов договор за иднината: Иновативен кластер
За да се зачува индустриското јадро на Македонија и долгорочно да се задржи ангажманот на странските инвеститори, потребно е да се воспостави „Нов договор за иднината“ меѓу државата и стопанството.
Целта во следните пет-десет години мора да биде јасна: премин од улога на извршител кон улога на иновативен партнер.
Преку насочени мерки, Македонија треба да ги приспособи економските услови така што сите чинители уште поефикасно ќе се здружуваат во кластери. Главниот двигател на трајната додадена вредност во земјата треба да биде македонскиот мал и среден бизнис.
Таквото партнерство меѓу странските инвеститори, универзитетите и локалните мали и средни претпријатија носи значајни придобивки за сите страни:
А) Придобивки за локалните мали и средни претпријатија
Малите и средни компании треба да станат столб на националната економија. Преку тесна соработка со меѓународните корпорации тие добиваат пристап до технолошки трансфер и современи стандарди за управување со квалитетот. Наместо да останат само извршители, тие можат да се развијат во директни и долгорочни доставувачи интегрирани во автомобилскиот синџир на вредност.
Б) Придобивки за странските инвеститори
Компаниите добиваат пократки синџири на снабдување, ги намалуваат логистичките ризици и ја намалуваат зависноста од скапи увезени компоненти. Дополнително, соработката со универзитетите обезбедува пристап до квалификуван академски кадар и истражувачко-развојни проекти.
В) Придобивки за македонските универзитети
Високото образование добива поголема практична вредност и меѓународна релевантност. Индустријата вложува средства во истражувањата, се модернизираат лабораториите и наставниот кадар работи на реални технолошки предизвици.
Инвестирање во образованието како заштита од одлив на мозоци
Клучот за реализација на ваков екосистем е во луѓето. Само преку создавање услови во кои младите инженери, техничари и квалификувани работници ќе гледаат перспектива во сопствената земја може долгорочно да се запре одливот на таленти.
За таа цел е потребна сеопфатна образовна офанзива заснована на партнерство меѓу државата и приватниот сектор.
Важен чекор претставува програмата „Скилс експертс“ (Skills Experts) на Германско-македонската стопанска комора (АХК), која придонесува кон воведување на дуалниот систем на образование.
Овој модел ги поврзува теоријата и практиката уште од првиот ден и веќе се докажа како успешен во повеќе европски држави. Соодветна политичка поддршка би можела дополнително да го забрза неговото ширење.
За да се обезбеди долгорочен успех на трансформацијата, потребно е уште подлабоко поврзување на академското образование со практичната работа во компаниите. Македонија би можела да го разгледа данскиот модел на „Индастријал пи-ејч-ди“ (Industrial PhD).
Во рамките на оваа програма, докторандот е запишан на македонски универзитет, но истовремено работи во компанија во ТИРЗ. Темата на неговото истражување произлегува директно од реален технолошки предизвик на компанијата.
Резултатот е тројна добивка:
1. универзитетот добива практично релевантни истражувања;
2. компанијата добива пристап до врвни иновации;
3. државата успева да задржи високообразовани таленти.
Време е за пресврт
Демографската криза во Македонија и трансформацијата на автомобилската индустрија не треба да се гледаат како причина за песимизам, туку како историска можност.
Доколку политиката и стопанството го прифатат овој нов договор и ја искористат можноста што ја нуди сегашниот момент, може да се постигне вистински пресврт.
Наместо зависност од евтина работна сила, може да се создаде динамичен економски екосистем потпомогнат од силни домашни мали и средни претпријатија. Македонија има шанса во следната деценија да се трансформира од продолжена производствена база на Западот во иновативен партнер на европската автомобилска карта.
Времето за дејствување е сега!
Демографски промени во Македонија
• 1996 година: околу 1,98 милион жители
• 2026 година: пад на околу 1,81 милион жители
• 2050 година (прогноза на ОН):
дополнително намалување
на приближно 1,52 милиони жители
(Извори: Georank/UN World Population Prospects)
За авторот:
Ларс Фаренбах има повеќе од 30 години искуство во меѓународната автомобилска и доставувачка индустрија. Меѓу другото, осум години раководеше со регионот на Централна и Источна Европа во водечкиот германски производител на гуми и решенија за автомобилската индустрија „Континентал АГ“. Денес ги советува малите и средни претпријатија во процесите на интернационализација, влез на нови пазари и во изградба на отпорни синџири на снабдување во Европа.
Ларс Фаренбах, специјално за „Нова Македонија“, од Германија


































