ТЕНИС – ЛИНА ЃОРЧЕСКА ЌЕ ИГРА НА ГЛАВНИОТ ТУРНИР НА ВИМБЛДОН
- Ѓорческа е прва македонска тенисерка во поединечна конкуренција (мажи и жени) што ќе игра на главниот турнир Вимблдон. На истиот турнир во 2001 година настапил и Александар Китинов, но во игра на двојки
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа (31) успеа да се пласира на главниот турнир на Вимблдон, како прва македонска тенисерка во поединечна конкуренција (мажи и жени). На истиот турнир играл и Александар Китинов, но само во игра на двојки. Ѓорческа во третото коло од квалификациите убедливо ја совлада Италијанката Лусија Бронцети (20-та носителка во квалификации и 127. рангирана тенисерка во светот) со 2-0 во сетови (6-1 и 6-2) за 73 минути игра. Ѓорческа (223-та на ранг-листата на ВТА) претходно ги победи Анхела Фита Болуда од Шпанија и Франциска Жорге од Португалија. Статистички гледано, Ѓорческа имаше девет аса, а противничката три, на мрежа, Македонката освои осум од 10 поени, притоа имаше пет брејка од девет можни, а успеа да спаси дури 13 брејк-топки во мечот, додека вкупниот број на поени беше 65-42 во корист на Ѓорческа.
Во првото коло, Ѓорческа ја очекува тежок меч со шестата светска тенисерка, Аманда Анисимова (24) од САД, која во 2025 година беше финалистка на гранслем-турнирите на Вимблдон и САД опен. Главната фаза на Вимблдон почнува на 29 јуни.
– Горда и среќна сум за сите овие денови на Вимблдон. Доаѓам од мала земја и горда сум што сум единствената во историја, и во машка и во женска конкуренција, која се изборила за место на главниот турнир. Ова за мене е остварување на сонот. Не е лесно да си од мала држава, поради целата логистика, условите за тренинг и финансискиот дел. Но кога ќе стигнеш тука, даваш 100 проценти од себе за да успееш, а на крајот сето тоа носи резултат. Можеби доаѓам од мала земја, но ние сите имаме огромно спортско срце – изјави Ѓорческа за телевизијата на Вимблдон, пренесе Тениската федерација на Македонија (ТФМ).
Од Македонците, на Вимблдон во 2001 година играл и Александар Китинов, но во игра на двојки, заедно со Србинот Ненад Зимоњиќ, и со пласманот во третото коло (меѓу 16-те најдобри, осминафинале) го постигнал својот најголем успех на тревни терени во Лондон. Китинов, кому највисокиот пласман му е 38-то место на АТП-листата во игра на двојки во ноември 1999, беше специјалист за игра во двојки, освојувајќи три АТП-турнири во кариерата (Базел, Бурнмаут и Букурешт) и уште четири финалиња, а во мешани двојки најголемиот успех го постигнал во 1998 на Австралија опен, кога заедно со Ева Мелихарова од Чешка играл во четврт-финалето, против чешката двојка Хелена Сукова и Кирил Сук. Околу тоа дали, кој и кога од македонските тенисери или тенисерки може да се очекува да заигра на Вимблдон или на некој друг гранслем-турнир, Китинов во интервју за „Нова Македонија“ во јули 1999 година изјави дека, според него, Лина Ѓорческа е најблиску да заигра на Вимблдон или на некој од другите гранслем-турнири.
Со пласманот на главниот турнир, Ѓорческа заработи 80.000 фунти (околу 105.500 долари), а ако го мине првото коло, ќе заработи 126.800 фунти (околу 105.600 долари). Вкупниот награден фонд на турнирот, пак, изнесува 64,2 милиони фунти (околу 84,5 милиони долари), а победниците во двете конкуренции ќе бидат побогати за 3,6 милиони фунти (околу 4,5 милиони долари). Г.И.


































