Институционална ефикасност

Наједноставниот начин за рестартирање на македонскиот општествен систем е преку примената, на пример, на швајцарската институционална ефикасност. Доделување службенички обврски преку квалитетот и способностите на кандидатите. На тој начин македонските институции ќе создаваат имунитет на надворешни негативни влијанија, а истовремено ќе бидат ефикасни и ќе можат да ги реализираат своите задачи. Но системското ресетирање ќе биде условено од обединување на сите политички и општествени чинители (буквално сите)! Потребно е обединување на политичко-општествените сили по тоа прашање доколку сакаме од Македонија да создадеме држава во вистинската смисла на зборот. Во спротивно, македонските граѓани и понатаму ќе ги губат своите животи поради неефикасност на институциите

Колку и да се обидуваме да ја скриеме вистината, таа секогаш излегува на површина. Но што вели таа? Денес Република Македонија, според сите параметри, влече децениски опашки како едно од најсиромашните општества во Европа, едно од најкорумпираните општества во светот, клиентелистичките и патримонијалните врски го загрозуваат функционирањето на општеството, а владеењето на правото е мисловна именка. Сите овие недостатоци и грешки што се влечат и акумулираат децениски доведоа и до трагични настани. Цената ја плаќаат македонските граѓани, некои од нив и со своите животи, како што потврди последниот немил настан со пожарот во Кочани.
Но како се доведовме во оваа ситуација? Не сите поединци во едно општество или заедница се несебични, пожртвувани или заедничкиот општествен интерес го ставаат пред личниот. Не! Во Македонија, како и во други општества, одредени поединци се водат исклучиво од сопствените интереси и не се ограничуваат при изборот на средства за остварување на сопствените цели. Со таква себичност и саможивост во минатото се соочија многу општества и држави, вклучувајќи и неколку европски држави, како што е Германија. Меѓутоа, Германија системски е функционално и напредно општество, секако дека германските граѓани се соочуваат со проблеми, особено во изминативе години, но германскиот систем ќе им овозможи да ги пребродат тешкотиите.
На што се должи германската ефикасност? Германската администрација и институции се позитивен пример како да се отстранат негативните последици од патримонијализмот и клиентелизмот (прекратување на назначувањата преку покровителство), испити за државната служба како порта во институциите и администрацијата, како и поделба на службеничките должности преку квалитетот и способностите на кандидатите. Тука е суштината на германската ефикасност, односно автономијата на институциите и администрацијата може да доведат до висококвалитетна влада и државни функционери што се грижат за јавното добро. Денес германската администрација е под целосна контрола на германскиот политички систем и е одговорна пред демократски избраните партии претставени во Бундестагот.
Сега да се насочиме кон уште едно суштинско прашање! Повеќепати досега високата корупција и слабостите на владеењето на правото во македонското општество беа нотирани во неколку извештаи на Европската Унија, а слабоста на македонските институции беше нотирана и од страна на Вашингтон. Веќе и малите деца знаат дека високата корупција и невладеењето на правото ги попречуваат демократските процеси и го нарушуваат угледот на Македонија пред меѓународните организации и странските инвеститори, но претставуваат и егзистенцијална закана, како што потврди пожарот во Кочани. Сите реномирани странски и домашни експерти досега неколкупати нагласија дека корупцијата и невладеењето на правото се едни од најпроблематичните сегменти на македонското општество и создаваат лоша клима поради која младите граѓани ги напуштаат сопствените огништа и се намалува чувството за лојалност кон македонската држава.

Сега да се насочиме кон суштината! Во ситуација кога некои од македонските граѓани ги губат своите животи поради системски аномалии, како што е корупцијата или неефикасноста на институциите, сосема природно се наметнува прашањето што треба да направиме. Одговорот е едноставен, потребно е рестартирање на општествениот и државниот систем! Досега имавме неколку шанси да го направиме тоа, а најголемата шанса ја пропуштивме пред неколку децении, кога беше кога беше побарано од Вишиот совет на Италија дозвола за доаѓање на консултант што ќе ѝ помогне на македонската влада во подготовката на закони за јавно обвинителство, со други зборови требаше да се спроведат реформи во правосудниот систем.

Од непознати причини, таа инцијатива не се реализира и затоа денес судскиот систем е во ваква состојба. А да беше само таа иницијатива што премолчно беше игнорирана?! Само неа ја спомнав за потсетување, инаку десетици такви слични и со добра намера беа предлагани и од САД, и од скандинавските земји, и од Европа…
Мора да се почне однекаде, но најефикасното решение е рестартирање на системот преку спроведување суштински реформи, но и ефикасно спроведување на постојните закони. Но како да го ресетираме нашиот општествен систем? Наједноставниот начин за рестартирање на македонскиот општествен систем е преку примената, еве уште еден пример, на швајцарската институционална ефикасност.
Доделување службенички обврски преку квалитетот и способностите на кандидатите. На тој начин македонските институции ќе создаваат имунитет на надворешни негативни влијанија, а истовремено ќе бидат ефикасни и ќе можат да ги реализираат своите задачи. Но системското ресетирање ќе биде условено од обединување на сите политички и општествени чинители (буквално сите)! Потребно е обединување на политичко-општествените сили по тоа прашање доколку сакаме од Македонија да создадеме држава во вистинската смисла на зборот. Во спротивно, македонските граѓани и понатаму ќе ги губат своите животи поради неефикасност на институциите.