Дали сме свесни дека Бугарија има долгорочна стратегија за ништење на македонството

Антимакедонската политика, како што се отворањето бугарски клубови и друштва во Македонија и соседството со имиња и програми што го нихилираат македонскиот национален супстрат, барањата за промена на учебниците по историја, внесувањето на Бугарите во македонскиот устав по матрица што дозволува промена на
карактерот на државата, па и доделувањата на бугарските државјанства итн. произлегуваат од стратегијата позната како „Бугарската политика спрема Република Македонија“. Но останува отворено прашањето дали како општество и држава сме свесни за негативните последици од исполнувањето на целите што се
стипулирани во оваа стратегија?

Во еден подолг период македонската јавност е сведок на една континуирана бугарска политика што е насочена против македонските национални особености, како во Македонија така и во соседството. Но овие активности не треба да нѐ зачудуваат, напротив, тие произлегуваат од стратегијата позната како „Бугарската политика спрема Република Македонија“ од март 2008 година. Впрочем, антимакедонската политика, како што се отворањето бугарски клубови и друштва во Македонија и соседството со имиња и програми што го нихилираат македонскиот национален супстрат, барањата за промена на учебниците по историја, внесувањето на Бугарите во македонскиот устав по матрица што дозволува промена на карактерот на државата, потоа доделувањата на бугарските државјанства итн. произлегуваат токму од споменатата стратегија. Во споменатата стратегија има два сегмента што објаснуваат две актуелности, односно внесувањето на Бугарите во македонскиот устав, како и бугарските притисоци врз Македонците во Република Албанија. Ако внимателно се анализираат сите досегашни бугарски активности, треба сериозно да ги сфатиме предупредувањата дека македонството, како национална посебност и самобитност на македонскиот народ, е загрозено повеќе од кога било порано.
Во македонското општество сѐ уште е актуелна темата за промена на македонскиот устав со цел впишување на Бугарите, промена што е условена од т.н. француски предлог и од која зависи почетокот на преговорите со Европската Унија. Барањето за внесувањето на Бугарите во македонскиот устав кај голем дел од македонската политичка и општествена јавност предизвика одредена зачуденост, бидејќи во почетокот овој услов никаде не се сретнуваше. Влегувањето на Бугарите во македонскиот устав, првпат како услов, го спомена бугарскиот претседател Румен Радев во октомври 2021 година, по средбите со европските лидери на самитот Европска Унија – Западен Балкан.
Но мора да се нагласи дека овој бугарски концепт не е нов. Токму во стратегијата позната како „Бугарската политика спрема Република Македонија“ од 2008 година јасно се вели дека треба да има рамноправност за Бугарите во Македонија (сите, кои jасно се самоидентификуваат како такви) со другите етноси во склад со локалното национално законодавство, кое предвидува нивно наброjување во преамбулата на Уставот на земjата, покраj наброените Албанци, Турци, Власи и Роми, и потоа додадените Срби и Босанци, односно треба да наjдат место и Бугарите, независно од нивниот броj, официjално деклариран во Република Македониjа.

Во контекст на Бугарите во Македонија исто така се вели дека е неоправдан стравот дека признавањето на бугарското малцинство би го „капсулирало“ одделно од доста помногуброjната категориjа жители (можеби двесте илјади според некои условни експертски процени) на Република Македониjа, кои имаат дуалистичка етничка самосвест на Македонци и Бугари истовремено. Според авторите на стратегијата: „Несомнено, важен елемент од таква поддршка би била грижата за бугарското малцинство, чие признавање, позабележливо присуство и активност, и во краjна мера самоувереност, би го заjакнало, а не ослабело и бугарското чувство каj оние, кои се самоопределуваат истовремено како Бугари и како Македонци“.
Со други зборови, творците на стратегијата веруваат дека околу 200.000 граѓани на Република Македонија имаат дуалистичка етничка самосвест, односно истовремено се чувствуваат и како Македонци и како Бугари, а внесувањето на бугарскиот народ во македонскиот устав ќе го засили нивното бугарско национално чувство и ќе се зголеми бројот на бугарската заедница во нашата држава. Во оваа конотација треба да се спомене дека покрај внесувањето на Бугарите како рамноправен етнос, стратегијата предвидува бугарско барање во учебниците, кое официjално треба да биде одобрено од надлежните органи на Република Македониjа, во кое треба категорично да биде истакната бугарската народносна припадност на истакнати фигури од нашата општа историjа (Св. Климент Охридски, цар Самуил, браќата Миладиновци, Гоце Делчев), активирање на дејноста на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, создавање бугарски читалишта, клубови и др., поткрепа на истакнатите културни, политички и медиумски лидери на бугарската заедница во Република Македонија, потпомагање и популаризирање на нивното дело и во двете земји.

Споменатата стратегија ја објаснува и досегашната бугарска политика кон македонското малцинство во Албанија и Косово, особено сегашните закани и притисоци, кои се засилија поради пописот на населението во Република Албанија. Во „Бугарската политика спрема Република Македонија“ се вели дека иако со скромни можности, Република Македониjа инвестира значителен пропаганден, политички и материјален ресурс кај македонското малцинство и соодветно постигнува одреден резултат.
Според автори на стратегијата, макар и не толку броjни, Бугарите, кои го зачувале своjот етнички идентитет во Грциjа, Албаниjа и во Косово се „важен доказ за вистината за историското минато на географскиот регион Македониjа“. Исто така се вели дека особено во контекстот на интеграцискиот процес на присоединување на Албаниjа кон ЕУ и НАТО, респективно утврдувањето на Косово како независна држава и неjзиното доследно интегрирање во ЕУ и НАТО, Бугариjа треба да побара: рамнопоставеност на Бугарите во Албаниjа со другите етноси во склад со практиката и законодавството на земjата во таа област, т.е. официjално признавање на бугарското малцинство покраj другите официjално признаени малцинства – независно од броjот на самоидентификуваните како Бугари.
Ако внимателно се анализира, оваа точка од стратегијата веќе е исполнета, односно Софија веќе ја уцени со вето албанската влада за признавање на бугарското малцинство, а во однос на Косово се препорачува еднаква политика, односно уценување на нејзиниот евентуален пат кон ЕУ и НАТО.
Во однос на Албанија и Косово исто така се посочува дека Бугариjа треба да го интензивира присуството меѓу Бугарите во Албаниjа и Косово, вклучувајќи преку супсидирање на заеднички невладини проекти, да го стимулира пристапот до бугарските високи училишта, да го олесни давањето бугарско државjанство. Споменатите активности веќе се остваруваат, а се дополнети со закани и уцени до Македонците, односно да се изјаснат како Бугари на актуелниот попис во Република Албанија.

Според сето погоре искажано, сите досегашни бугарски активности се координирани и усогласени со стратегијата позната како „Бугарската политика спрема Република Македонија“ од март 2008 година, стратегиска концепција што има цел да го уништи македонскиот национален супстрат. Тврдењата дека по промената на македонскиот устав нема да има нови бугарски услови и уцени немаат основа, а впрочем тоа го призна и Бујар Османи, кој истакна дека нема да имаме никакви гаранции оти ќе нема нови бугарски условувања на европскиот пат. Повеќемина наши соговорници посочуваат дека треба сериозно да ги сфатиме предупредувањата дека македонството е загрозено повеќе од кога било порано.
Не случајно, Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, нагласи дека трагедијата на Македонците во дваесет и првиот век е дека македонството, што подразбира национална посебност и самобитност на македонскиот народ во однос на соседните народи, е загрозена идеологија повеќе од кога било порано токму во независна и самостојна Македонија. Од своја страна, академик Катица Ќулавкова, анализирајќи ја активноста на историската комисија, посочи дека со нејзините препораки се сугерира идејата дека Македонците немаат право самостојно да ги слават своите национални и историски вредности, па затоа од нив се бара да ги слават само заедно со Бугарија?
За опасностите од бугарската агресивна политика предупреди и Васил Стерјовски, претставник на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), според кого, во Преспа, Гора, Голо Брдо, каде што се претендира дека наводно има бугарско малцинство, живее единствено македонско малцинство. Ова барање на Бугарија е во рамките на нејзиниот проект за „голема Бугарија“. Доколку се признае бугарско малцинство, тоа ќе биде геноцид врз Македонците, предупреди Стерјовски.