Ќе стане ли државната работа уште поголема привилегија

Иако во една современа држава, особено држава што претендира да стане членка на Европската Унија, не треба да се гледа на администрацијата како на гласачко тело, туку како на работници што го овозможуваат и потпомагаат економскиот просперитет на државата, сепак, реалноста изгледа поинаку

Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и четири часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено. Оваа реченица од предлог-законот за административни службеници предизвика бура во јавноста, многу негодувања, критики, полемики, дебатирања, но и многу прашања. Дали станува збор за нови олеснувања на и онака габаритната администрација, која постојано е критикувана поради бавноста на завршените задачи, дали станува збор за предизборен маркетинг, или, пак, можеби за остварување на веќе дадени предизборни ветувања…?
Со планот да се скрати работното време на административците, државата како да заборави на многубројните укажувања од Европската Унија дека нашата административна служба е преобемна, но и дека е неефикасна, дека се неопходни реформи што ќе резултираат со нејзино намалување, но и подобра организација и подобрување на услугите што ги обезбедуваат. Претходниците на сегашните предлагачи на овој закон, кои се од истата владина коалиција, најавуваа намалување на администрацијата со трансфер на дел од вработените во приватниот сектор, со цел намалување на државниот трошок за плати. Дополнително беше најавувано и работење во две смени или двократно, за услугите што ги обезбедува државната администрација да бидат подостапни за граѓаните, но ваквите најави останаа само најави, а ненајавената скратена работна недела се најде во предлог-закон поставен на ЕНЕР.
Наспроти укажувањата за неопходни промени во насока на подобри остварувања на државата кон граѓаните и кон бизнис-заедницата, кај нас нема реформи, не се намалува државната администрација, а сега се најавуваат и поволности што ќе ја направат државната работа уште поатрактивна за граѓаните што и досега претендираа да најдат државна работа наместо работа во приватниот сектор.

Секоја година за државната администрација се планираат и одвојуваат големи суми од државниот буџет, пред сѐ, наменети за плати, средства што би можеле да бидат инвестирани во болници, во подобрување на образованието, во подобрување на инфраструктурата, доколку бројот на административните работници се сведе на разумни бројки и доколку се зголеми ефикасноста на работните места.
Со скратувањето на работата во петок, за административците се отвора можност без да бараат разни ослободувања да заминат порано. Но оваа привилегија не се планира за работниците од приватниот сектор, за кои ниту неделата не може да стане неработна, иако државниот буџет се полни од нивните плати. На овој начин се прави поделба меѓу „привилегираните административци“ и „казнетите работници“. За едни работната недела ќе трае 40 часа, а можеби и повеќе, додека за други 36 часа, можеби и помалку.
Наспроти укажувањата од јавноста и од медиумите дека администрацијата е неефикасна, дека граѓаните со денови се мачат од шалтер на шалтер за да ги извадат потребните документи, дека се принудени да земаат слободни денови за да ги завршат обврските, наместо реформи во насока на подобрување на услугите, кај нас се планира кратење на работното време, со што граѓаните ќе имаат уште помали можности да дојдат до потребните документи.
Во јавноста се наметна и прашањето зошто баш во петок се скратува работното време на четири часа? Кои се целите на четиричасовното работно време во петок? Но и дали истото тоа има етничка конотација? Зошто ако веќе се цели кон задоволни административци што на тој начин би биле поефективни, не се скрати секој работен ден за половина час или, пак, за еден час, наместо администрацијата да добие продолжен викенд, кога приватниот сектор и понатаму работи и кога има услуги што ќе бидат недостапни поради затворањето на шалтерите во 12 часот.

Дали оваа измена во законот е направена поради етнички причини и колкава ќе биде сега штетата од истата таа? Изминативе години беа вработувани голем број сограѓани, со единствено објаснување по рамковен договор, кои иако седеа дома без воопшто да одат на работа сепак редовно примаа плата од државата. По многу години нивно неоправдано плаќање, беше пристапено кон распределување во разни институции, со цел да почнат да ја заработуваат платата што со години ја добиваа. Со нивното плаќање со години се фрлаа огромни суми, без оправдување, средства што можеа многу подобро да се инвестираат, и тоа во услуги што ги обезбедува државата и кои се неопходни за целата јавност.

Но никако не смееме да заборавиме дека пред нас се избори, а во изборните периоди кај нас се ветуваат секакви реформи и новини, но колку од нив ќе се реализираат е под прашање. Администрацијата, за жал, важи за големо гласачко тело и на нив, но и на нивните семејства се гледа како на потенцијални гласачи на изборите. Иако во една современа држава, но особено држава што претендира да стане членка на Европската Унија, не треба да се гледа на администрацијата како на гласачко тело, туку како на работници што го овозможуваат и потпомагаат економскиот просперитет на државата, сепак, реалноста изгледа поинаку. Дали ова ќе биде уште еден пропаганден предизборен маркетинг, или напротив законот ќе им овозможи на административците попривилегирани позиции од вработените во приватниот сектор, веројатно ќе видиме по завршување на локалните избори.
Но креаторите на политики во земјава мора да имаат на ум дека економскиот раст и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните не може да започнат ако немаме еднаквост, со поделби и привилегирани се задушува мотивираноста за работа, а со тоа и продуктивноста на работниците. Мора да се дефинираат јасни цели, дали ни се потребни привилегирани административци или добро обучена и ефикасна администрација што за кратко време ги испорачува барањата на граѓаните?