Создаваме пишувачка и читачка култура

Рубриката Приказни од самоизолација, која „Нова Македонија“ ја отвори некаде во почетокот на карантинските мерки, а која со оглед на нивното постепено укинување се ближи кон својата завршница, беше замислена како поттик и мотивација како полесно да се пребродат актуелната криза и изолациското секојдневие. Одличниот одѕив на овој наш карантински пишувачки предизвик уште еднаш ни потврди дека ние, Македонците, навистина сме пишувачка нација, нешто што со години одново и одново ни се докажува и низ традиционалниот конкурс за краток расказ

Нашиот весник „Нова Македонија“ уште на почетокот на карантинските мерки, кон крајот на март, на своите страници отвори нова рубрика, поттикната од актуелните случувања со пандемијата на коронавирусот, насловена Приказни од самоизолација. Во неа досега се објавени околу 40 текста на наши познати личности: уметници, писатели, спортисти, интелектуалци, професори, политичари, но и на граѓани што беа креативно и творечки инспирирани од новонастанатата ситуација и од тоа како тие ја доживуваат. Рубриката, која со оглед на постепеното укинување на мерките се ближи кон својата завршница, беше замислена како поттик и мотивација како полесно да се пребродат актуелната криза и изолациското секојдневие.

Одличниот одѕив на овој наш карантински пишувачки предизвик уште еднаш ни потврди дека ние, Македонците, навистина сме пишувачка нација, нешто што со години одново и одново се докажува и низ традиционалниот конкурс за краток расказ, кој весникот го возобнови пред повеќе од една деценија.
И овој пат добивме текстови (не секогаш книжевни, со оглед на широката целна група на рубриката, која не беше ограничена само за писатели) што изобилуваат со пишувачки квалитети, оригиналност, сензибилност, често и духовитост, а во чиј фокус е собрана целата суштина на нашето живеење во овие нови околности. Многумина се осмелија да го отворат својот ум, но и својата душа, препуштајќи ѝ се на инспирацијата и отворајќи нови хоризонти во овие тешки мигови.

Пишувањето е еден од начините да се справиме со промените, но и да создадеме траен запис за еден од најдраматичните периоди од нашите животи.
Поврзаноста меѓу книжевноста и весниците е традиционална. Всушност, родното место на модерниот краток расказ и е во весниците, односно во книжевните магазини. Голем дел раскази што денес се класика на овој жанр, биле објавувани токму во периодиката. Дури и славните Марк Твен и Ернест Хемингвеј ја почнале својата книжевна кариера објавувајќи кратки приказни во дневниот печат. Во првата половина на 20 век побарувачката за квалитетни раскази била толку висока што Френсис Скот Фицџералд во неколку наврати му се посветил на пишувањето кратки раскази за да отплати дел од своите многубројни долгови.

Врвот на таа побарувачка е достигнат кон средината на 20 век, кога списанието „Лајф“ во 1952 година го објавува расказот (новела) „Старецот и морето“ на Ернест Хемингвеј. Изданието е продадено само за два дена, во над пет милиони примероци. Бројот на комерцијални списанија во кои се објавуваат кратки раскази оттогаш е во постојан пад, иако весниците се простор за паметење, баш како што се и кратките раскази, и оттука нивната нераскинлива врска. И едните и другите го документираат секојдневието, иако на различен начин. Па, сепак, сѐ помалку расказот, и литературата воопшто, си го наоѓа местото во печатените медиуми. Кај нас ретко кој медиум му посветува преголемо внимание иако гладот на читателите за оваа книжевна форма е повеќе од очигледен.

Точно е дека објавувањето книжевни текстови (раскази, творби, стихови…) во весниците никогаш не служело за пумпање на тиражите, но факт е дека весникот „Нова Македонија“ низ годините успева да отвори простор за литературата, која денес има незначително место во дневниот печат, а годините ни покажаа дека тој простор има свои верни приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите, иако нивниот број никогаш не е преголем. Сепак, без скромност, можеме да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ не само што во минатото ја создавала културата на читање во нашата средина туку посветено го прави тоа и денес.