Злосторство и казна

Не знам. Речиси една седмица по трагичниот настан, можеби се случил друг, трет… можеби и веќе паднало во заборав она што нè потресе од Белград. Особено сега, откако судот на улицата (виртуелниот, на социјалните форуми) викна „нека виси, Педро!“, и откако дури и нашето министерство за образование формираше некаква комисија за превенција од насилство во училиштата (формирај комисија ако сакаш да не го решиш проблемот). Можеби проблемот е сега ad acta. Но, колку што злосторството на 13-годишно дете зборува за темните ќошиња на детството и младешките години во денешниот свет, јавните реакции уште повеќе зборуваат за нас. Си разменивме понекој збор со колешка: таа порача дека светот на возрасните е вознемирувачки одбивен (за децата), а јас додадов дека и светот на децата одамна не е детски. Прашање е колку си ги познаваме сопствените деца. Ние ним туѓи, но и тие нам. Можеме да ламентираме до бесвест, ама злосторство се случи. Тоа отвора серија нови прашања и за светот на возрасните и за оној (не)детски свет, од кој за неколку години ќе излезат возрасни луѓе. Кога Балашевиќ пееше со носталгија за „некои нови клинци“, го немаше на ум овој хорор. А возрасните денес, слепи при очи и за своите деца и за другите, не знам дали ќе умеат да извлечат некаков умен заклучок. Покој на душите на загинатите, но сега товарот е на родителите: не знаете дали детето може да заврши како жртва (на врсничко насилство) или ќе стане сторител.
Но, товарот на вината (онаа потенцијалната и веројатно најголемата) е префрлен на нежните детски плеќи. Еве, посебно внимание ќе им се посветувало на мирните и повлечени деца (некој квазиексперт спомна и аутистични деца!), на одличните ученици што не се вклопуваат во средината (далеку од мирољубива и посветена на учењето), бидејќи белградската трагедија ја подигнаа на ниво на парадигматски случај. И токму на него, јавноста си ја покажа крвожедноста, барајќи смртна казна (или, како што ми порачуваа на Фејсбук, требало да се воведат „драконски казни“; таа фина женичка не кажа што подразбира под тоа – мачење, тортура, ампутација? Што?). Велат дека „монструм се раѓа, а не се создава“, и сè во тој стил. Го открија монструмот зад убавото детско лице, се хранат со полуинформации, божем „од прва рака“, за мрачните тајни на монструмот. А кривичен популизам прв заговараше српскиот претседател (во насока на симнување на старосната граница за кривична одговорност на 12 години); тој прв ја почна и хајката со обелоденување детали од приватноста на сторителот и семејството, свртувајќи го фокусот од државата кон лошите родители и неприспособените деца. Таквите како мене, кои во настанот видоа сеопшт гнилеж и траор, се на удар како бранители на злото. Една госпоѓа ме прашува: Дали вие би прифатиле да му бидете професорка на такво дете? Тука нема разговор, бидејќи или си за гилотина среде Белград (или каде и да затреба) или го браниш злото. Најинтересно е што тие луѓе се сметаат себеси за добри, богобојазливи и пристојни. А во име на организирана одмазда и некаква божја правда драконски би казниле дете. А за да не биде баш дете (малку непријатно е сепак), згодно ќе биде да се симне старосната граница за кривичен прогон. Оние што бладаат за смртна казна ниту устав прочитале, ниту Европска конвенција за човекови права.

Ваквата реакција зборува за нашите општества, кои ги изгубиле и разумот и моралниот компас. Она што го научив од саканиот професор Марјановиќ за кривичното право е дека санкциите/казните не се одмазда (око за око, заб за заб, дете за дете), туку генерална и специјална превенција. Со други зборови, санкција за сторителот под услови предвидени со закон со која на општеството ќе му се покаже дека злосторството се плаќа/казнува со одземање на слободата, како и рехабилитација на сторителот (да се врати во општеството и да може да се вклучи во него, а не да се изопшти). Причината зошто деца не подлежат на кривична одговорност не е случајна, иако законодавецот може да ја поместува погоре или подолу. Малиот Коста веќе си пресуди себеси, си ја одзеде иднината и се осуди на живот со стигма, која ќе ја носи и целото семејство, заедно со 10-годишната сестричка. Еден српски коментатор изразува сеопшто сочувство – за српското општество, кое садеше зло, па сега и го жнее. Тој вели: Сите сме виновни, го згазивме моралот, вредносниот систем, човечноста; ги протеравме љубовта и грижата за ближниот, инсталиравме насилство како доминантен облик на однесување. Да не се лажеме, македонското е слично, како и многу други низ светот. Децата се колатерална жртва на нашите промашувања и порази како луѓе и човештво.
Да го тргнеме настрана конкретниот случај и да поставиме посериозни прашања. Барањето бесилка за монструмот е само миење на рацете од одговорност од страна на системот, оние што го водат, оние што воспитуваат… Еден од најзастрашувачките податоци што ги слушнав деновиве (иако се однесува на истражување во Србија, тоа е релевантно и за нас) гласи: секое трето дете е несреќно на училиште (од различни причини, меѓу кои е и врсничкото насилство, но и некои други). Секое трето дете доаѓа дома со изјава: или ќе се убијам или ќе убијам некого ако продолжи ова! Треба ли да потсетам на нашата (краткотрајна) тага за дете што се самоуби поради свидетелство (или врсничко насилство). Никому ништо! Молк. Семејството бараше приватност, државата не се потресе многу; детето го заборавија. Тоа не уби, туку се самоуби. Разликата е само во бројот на жртви. Статистика, да кажам цинично и болно. Погледнете колку фини луѓе шетаат околу нас: порано се дилаше дрога на улици, сега во училишта; видете кој станува наставник, кој е министер, кој ја води државата. Страв ти е дете да пуштиш на забава – а дури и сопственици на локали предупредуваат „припазете си ги децата, не знаете во што се трансформираат кога ќе го напуштат куќниот праг“. Што е со прифаќањето на „обичајот“ да се стрела со оружје за свадба, раѓање на (машко?) дете или и за изборна победа? Мајка на три деца (како мене) пишува во српски медиум нешто што секој од нас треба да си го повторува како мантра: јас за своето дете не знам ништо.

Ме прашуваат што би сторила јас… Како поединец, не можам многу освен низ мојата работа и јавна дејност (неслучајно напишав учебник за транзициска правда и помирување). Дежуловиќ потсети на сите „незапаметни злосторства“. Тоа е онаа фраза што се користи кога ќе се случи шокантен настан, ама зад неа се кријат корените на насилството, на гневот, омразата – и на суровоста со која се врши злосторството, ама и со која се бара казната (за монструмот, кој е дегенеративен лик, а не правило во нашето нели пристојно општество). Колективното паметење ни е како на риба. Култура на насилство не е кога нештата се „решаваат“ со тупаници, ножеви или автоматско оружје. Култура на насилство е кога ликови што се истакнале и биле злосторници (на зрели години) стануваат ценети ликови, херои, на кои им се градат споменици. Величањето на „машкоста“, на воената/оружената храброст, поддршката за војски и полиции (па и параполиции и приватни обезбедувачи), веењето знамиња за кои се леела крв (и на невини), симболи, песни и претстави, но и пукањето на свадби и изборни победи – сето тоа е порака и за децата. Насилството се исплатува, се заборава, амнестира или трансформира во хероизам. Крвта се мие, злосторниците стануваат фактори на мир. И тука лежи клучот на тој перпетуум мобиле во кој сме сите заробени: на злосторникот не смееш да му кажеш дека е злосторник зашто ќе те обвинат за говор на омраза; сега тој е почитуван лик и фактор на евроатлантските интеграции и богат/моќен човек. Училиштата ги чуваат агенции за обезбедување, психолозите се маргинализирани.
Општеството во кое мнозинството страда од тивко и континуирано силување едвај чека момент кога ќе се издигне од своето понижување и праведнички ќе покаже со прст кон монструмот дете. Овие што сега врескаат и бараат правда само завчера премолчеа незапаметено злосторство во Вејце. Тие што ќе го решаваат проблемот со врсничкото насилство (експерти за сè) се истите што ќе ги видите како легитимираат масовно насилство (ама за нашата кауза, против лошите, оружјето е пат кон мирот, што би рекол Столтенберг). Не, не сакам геополитика да мешам во расправа за тоа како станавме сурови, нечувствителни, механизми без емпатија, луѓе што ќе проронат солза ама само за своето/нашето, а ќе го посакаат пеколот за „другиот“. Не станува збор дали е „западот“ или „истокот“ матицата во општата промоција на насилството. Коренот на злото е во капитализмот. Толку.

Можеби најдобра вивисекција на системот што почива на различни видови насилство е онаа на Мајкл Мур во документарецот „Куглање за Колумбина“ (се среќава и под преводи како „Луди по оружје“ или „Забава со оружје“). Секогаш кога можев им го прикажував на студентите или ги упатував на него, бидејќи во еден филм е собрана сета мудрост на Јохан Галтунг за теоријата на насилството. Проблемот е во она што стариот добар Маркс го кажуваше за отуѓувањето на човек од човек и на човекот од својата човечка суштина. Доста со патетики како ние сме растеле со Бранко Коцкица и Мечето Ушко, бидејќи во војните од 1990-тите и 2001-та покажавме дека и обични луѓе, комшии, браќа, прекуноќ стануваат злосторници кога ќе се притиснат вистинските „тригери“/точки. И тие „незапаметени злосторства“ ги заборавивме, исто како и она дете што се самоуби пред само некој месец. Исто како што ги заборавивме „исчезнатите“ од пред 20 години…
Оние што го поттикнаа крвавиот пир или заминаа од овој свет како опеани херои или се ценети луѓе. И потоа дојде „демократијата“, дојде капитализмот, кој од човек направи волк. Самотник. Или член на глутница жедна за крв. Тие ликови не прашуваат ЗОШТО. Не им е грижа, а секое „зошто“ претпоставува сложен одговор за кој тие немаат ни нерви ни време. Бараат „брза правда“ (од послабите од нив, пред моќните молчат како јагниња). Исто како што се хранат со брзи вести/наслови од портали, или голтаат хамбургери. И веднаш потоа се враќаат во своето секојдневие, како праведници, бидејќи веќе изрекле најстрога казна за монструмите, а всушност враќајќи се во ѓаволскиот круг на насилници-жртви и жртви-насилници. Кога ќе ги истребиме монструмите меѓу нас, фините и добри граѓани, сè ќе биде добро, нели? Ќе има и правда и мир.
А кој ли да го чита сега Достоевски? Плус е на црна листа.