Загрижувачки демографски состојби

Последниов период од годинава честопати слушаме дека за повеќе актуелни состојби во земјава чекаме одредени статистички податоци како да се насочиме за иднината. Впрочем, во сегашниов период се соочуваме со економска, енергетска, мигрантска, социјална и не знам каква кризна состојба. Па оттука произлегува потребата за податоци од тие области или дејности за водење натамошни активности, односно зајакнување на политиките и спроведување национални стратегии. Затоа во дадениов момент е потребно да се напомене дека без квалитетни статистички податоци, кои се основа за креирање развојни програми, не може да се постигнат саканите цели. За тоа во подолг временски период, со децении, говорев, пишував, посочував, давав и давам мислење, забелешки, сугестии дека на државата ѝ се потребни квалитетни статистички податоци. Секогаш се одело со целта кон подобрување на квалитетот на податоците заради јакнење посебно на економските политики, а секако и кон другите поради брзите промени што настануваат во општеството.
Во контекст на сето ова и во денешно време и денес постојат сѐ уште доволно едукации, средби, и тоа организирани од меѓународни организации преку разни програми од страна на Европската Унија и Обединетите нации за повеќе области.
Во тој правец, имајќи предвид дека настануваат брзи промени во општеството во демографските состојби преку намалување на наталитетот, морталитетот, доаѓање до негативен природен прираст на населението што значи тоа се намалува, населението старее, во прашање е и фертилитетот, родовата еднаквост, планирањето на семејството, состојбите со младината, руралните средини, треба да се размисли за обликување на демографската иднина, и тоа не само во нашата држава туку и пошироко во Европа. Наведеното нѐ доведува до размислување за обликување на демографската иднина на нашата држава имајќи ги предвид демографските движења во државава последниве неколку години, а посебно и оваа 2021 г.
Зошто велам дека демографските податоци за загрижувачки? Затоа што направените анализи во подолг временски период покажуваат податоците дека се движиме во негативна насока. Оваа состојба, според природното движење на населението, во околу 50 отсто од општините има негативни трендови веќе трета деценија. Тоа, секако, ќе го покажат и потврдат и податоците од неодамна спроведениот попис на населението, домаќинствата и становите во октомври 2021 година.

Во овој момент за да го потврдам ова што го пишувам од пообемната направена анализа за движењето на природниот прираст на населението во деветте месеци од 2021 година, според претходните објавени податоци, може лесно да се констатираат состојбите во државава во кој правец се движиме.
Веднаш ќе започнам со тоа дека споредено истиот период од 2021 со 2020 година ги покажува следните состојби, бројот на живородени деца е намален за 4,8 отсто, а бројот на умрените лица е зголемен за 35,5 отсто. Мислам дека овие податоци доста говорат, а на сето тоа дека врз основа на нив природниот прираст во 2020 година бил негативен за 1.711 лица, а во 2021 година за 8.065, Ако имаме предвид дека до крајот на 2021 година недостигаат податоци уште за трите последни месеци, можете да замислите како ќе ја завршиме 2021 година. Со намален наталитет, зголемен морталитет и висок негативен природен прираст.
Познато е дека во државава постојат осум региони, кои првпат оваа година сите имаат негативен природен прираст на населението. Меѓутоа, доколку се направи анализа по региони ќе се дојде до констатација дека постојат големи диспропорции во однос на истите тие, како во однос на наталитетот или живородените деца така и во однос на морталитетот или починатите лица, а секако и во природниот прираст на населението. Затоа само за илустрација да кажам дека во Скопскиот Регион има 5.189 живородени деца, а во Вардарскиот Регион само 893 за истиот период. Второ, во однос на умрените лица исто така во Скопскиот Регион се починати 6.304 лица, а во Вардарскиот 1.729 лица. За другите региони, секако, во поширока анализа може да се прикажат состојбите. Ова е само еден од компонентите или критериумите во рамномерниот регионален развој на државава, а тука може да се компонираат уште многу други параметри, како, површина на истите тие, број на населени места, раселени населени места, густина на населението, како и низа други состојби.
Состојбата, пак, во однос на општините исто така е загрижувачка, затоа што од 80 општини во државава, во 71 имаме негативен природен прираст на населението, во осум имаме позитивен, а во една општина салдато е нула или колку има живородени деца толку има и умрени лица.
Општини што имаат најголем негативен природен прираст се Битола -559, Прилеп -545, Куманово -413, Карпош -398, Гостивар -397, Кисела Вода -335, Струмица -290, Гази Баба -278, Аеродром -263 итн. Додека, пак, општини што имаат висок природен позитивен природен прираст се Студеничани 183, Сарај 163, Арачиново 124, Шуто Оризари 97, Чаир 37 итн. За руралните други општини да не говориме.

Во анализите, секако, интересни се појавите на соодносот помеѓу наталитетот и морталитетот, и тоа во различни региони и општини. Но сепак, за обележување е и појавата не само на висок позитивен прираст на населението туку и во соодносот на живородените деца и умрените лица во општина Студеничани, посебно со живородените деца каде што нивниот број изнесува 308 и тоа значи дека во рурална општина има повисок наталитет од многу поголеми општини, и тоа Велес 29, Кавадарци 246, Неготино 126, Свети Николе 77, Берово 46, Виница 93, Делчево 69, Кочани 188, Штип 257 и да не ги набројувам и другите како што се Бутел, Ѓорче Петров, Кичево, Шуто Оризари итн.
Врз основа на изнесеното од направените анализи само се потврдува дека демографската состојба не е добра, дека состојбата на регионално ниво покажува дека постојат големи диспропорции во територијалната дистрибуција на населението и дека е потребно преземање итни мерки. Иако на повеќе наврати имам коментирано, пишувано, посочувано, укажувано и давано предлози сѐ уште сметам дека не е поведена некоја посебна активност за надминување на состојбите.

Во земјава постојат одредени надлежни институции што се занимаваат со популационата политика, кои имаат и средби со меѓународни институции, но сѐ уште на виделина нема ништо како што беше со регионалниот развој со донесување закон, стратегија, програма, акционен план и други придружни документи.
Состојбата со демографските движења не е ништо подобра, туку може да се рече дека е уште полоша во нашето непосредно опкружување. На пример соседна Република Србија презема низа мерки што ќе почне да ги применува од почетокот на 2022 година.
На крајот пак треба да се има предвид и тоа каква е состојбата со надворешните миграциски движења, односно иселувањето од државава. Тоа е тема за која исто така треба да се расправа со мерки и активности, стратегија и други придружни документи. Времето одминува, појавите се присутни, а состојбите се влошуваат.

Поранешен директор на Државниот завод за статистика и демографски аналитичар