Драган Костовски / Фото: Приватна архива

Овој текст е автентично пренесување на изјава на ученик при посета на училишната стручна служба, истата е обработена и прилагодена за полесна разбирливост, пишува м-р Драган Костовски, специјален едукатор и рехабилитатор и биофидбек терапевт

Денес станувам порано од вообичаеното, не знам зошто, но чувствувам нешто како да не ми е добро, нешто во мене ми вели: „денес подобро не оди на училиште“…

Продолжувам да лежам во креветот, иако веќе требаше да сум подготвен, но некоја необјаснива тежина во моето тело ме беше притиснала и не ми даваше да се подготвам и заминам тој ден на училиште. Кратко се појави на вратата од мојата соба мајка ми и ме праша зошто не сум подготвен за на училиште, а јас одговорив кратко: „не се чувствувам добро, ме боли стомакот“. Ете повторно излажав, иако вистината беше нешто сосема друго, јас навистина чувствував болка од стравот и тагата во исто време, се плашев да одам на училиште, но и бев тажен затоа што ќе ги испуштев сите весели моменти со моите другарчиња.

Како да бев разделен на две половини, едната сакаше да биде таму да учи да се радува и другарува, а другата да избега далеку од срамот и болката која и ја предизвикуваа неколку соученици. Тие беа деца кои немаа чувство за другите, барем така изгледаа, немаше ден а да не ме навредат или пак физички нападнат и тоа го правеа на начин на кој скоро никој не можеше да посведочи за нивните лоши дела. На часовите по физичко беа најмногу ангажирани да ме понижат и уништат колку што можат повеќе, ете и последната случка не можам лесно да ја заборавам. Се подготвувавме за часот во соблекувалната, а тие нешто се дошепнуваа и гледаа накај мене, јас се правев дека не ги гледам бидејќи во спротивно ќе започнеа веднаш да се пресметуваат со мене, а јас сум еден а тие двајца, јас ситен и слаб, а тие две глави над мене и деца кои се на улица израснати. Ништо, влеговме во салата за часот и се помина добро, таму не ме задеваа, ниту ме погледнаа, но забележав дека во еден момент ги снема на некое време. Се упативме во соблекувалната, а таму не можев да ги пронајдам работите кои ми беа оставени ниту јакната ја немаше. Некој од децата викна: „Видете во тоалетот има фрлена јакна“… Веднаш знаев дека тоа е мојата, а дека тие двајцата тоа го беа направиле за да ме повредат и навредат по кој знае кој пат. Ги погледнав, а тие се кикотеа. Им реков зошто ми ја фрливте јакната, ранецот и се ми е мокро?! „Неееее, не сме ние“, и повторно се кикотеа. Веднаш отидов да раскажам на наставникот по физичко, ми рече ништо не е, ќе се исуши. Му раскажав дека тие истите секогаш прават работи поради кои се чувствувам тажно, а тој ми одговори кратко: „Ај не претерувај, вие треба да се дружите“… Да, си помислив во себе, треба да се дружиме, а не да се повредуваме, но јас го знам тоа, а тие НЕ.

Во очите солзите сами ми надоаѓаа, во грлото нешто ме стегаше и не ми даваше слободно на дишам, се прашував дали вреди да се живее ваков живот… Ќе се присетев дека имам и добри другарчиња, добри родители брат и сестра, луѓе што ме сакаат и што ги сакам и тогаш се си добиваше нова подобра смисла. Вредеше да се продолжи борбата со сите оние кои се несреќни и сакаат својата несреќа да ја пренесат на другите повредувајќи ги и нанесувајќи им болка. Јас нема да дозволам да го живеам својот живот во страв од оние кои живеат за да повредуваат, ќе се борам се додека можам а и понатаму.

Потикнат од неодамнешното секојдневно соочување со судбините на младите луѓе во училиште и нивните животни приказни решив да споделам една која ми беше инспирација да започнам активно да се борам на подигнување на јавната свест за појавата на меѓуврсничко насилство, наречено булинг. Меѓуврсничкото насилство кое трае континуирано и остава привремени или трајни последици го именуваме како булинг.

Денес во ова време-невреме децата се често оставени да избираат негативни модели на однесување кои ги наметнуваат и во училиштето. Наставниците и стручните служби често не се ни свесни за појавата на булинг во нивните училишта, не и придаваат доволно внимание се додека не ескалира со појава на последици по животот и здравјето на учениците.

Појавата на ученици кои се доминантни и сакаат да бидат водачи во училиште не е нова ниту чудна за периодот на детството и адолесцeнцијата. Но проблемот е во тоа врз која основа ќе се гради лидерската позиција во групата. Доколку тоа се прави врз негативни етички и морални вредности тогаш имаме проблем кој мора уште веднаш да го решиме како би спречиле понатамошно деградирање на позитивните врснички интеракции во училиште и создавање негативна социјална клима.

Учениците жртви на булинг се често повлечени и тивки, нивната инфериорност е добредојдена основа да бидат континуирано психички и физички вознемирувани.
Во исклучителни случаи можна е и појава на суицидност за која во последно време се повеќе се зборува поради случаите за кои слушнавме преку социјалните медиуми.