Дипломатската димензија на конфликтот

Интерпретирајќи ги моите анализи во изминатите два броја, неколку добронамерни критики минатата недела инсистираа дека до конфликт помеѓу Русија и Украина, а со тоа и Западот, сепак нема да дојде. Но минатонеделниот говор на Путин пред генералите и воениот врв, како и демонстрацијата на сила преку воените проби се чини дека им противречат на ваквите ставови. Само колку за илустрација, со ова Русија, во воена смисла од фазата на одвраќање (која се карактеризира со воени вежби, демонстрација на присуство и сила, патролирање, набљудување, извидување и собирање податоци и понекоја провокација), според она што го гледаме на терен, се придвижува кон следната фаза – зграпчување на иницијативата – или преземање на иницијативата. Точно е дека оваа фаза сѐ уште ги држи воените опции под контрола и во втор план и остава каков-таков простор за преговори. Но тоа е значително несигурно како претходно и тежи кон ескалација.
Русија, според она што го гледаме, е во фаза на движење до контакт-иницијална фаза за ескалација на односите. Русија трупа сили. Тоа го оправдува со артикулирање на, за неа перцепцијата на страв и чувство за загрозеност од Запад, што значи таа е оставена без опции. Од правен аспект евентуалното правдање на употребата на сила би било превентивно дејствување или преемпција (многу слично како САД и коалицијата на волјата во Ирак – 2003, или, пак, Израел при интервенцијата во Осирак, односно Русија во Осетија итн.). Сепак, засега и покрај предупредувањата, кои се сериозно алармантни, ќе морам да се согласам со добронамерните критики и да се извинам ако сум влијаел на каква било заблуда дека инсистирам на тоа оти ќе има конфликт и едноставно да кажам дека мирот сѐ уште има шанси.
Она што е мошне битно за да се разбере целиот контекст, а што може да биде и пресудно, е како стратезите ќе ги користат другите инструменти на моќ Тоа се дипломатијата, информациите и економијата како мултипликација на воените дејства и остварување на стратегиските цели.

По дебатата околу разбирањето на различните концепти и загубената комуникација околу перцепциите (што би рекле Јенките „бај да бук“) спремање за конфликт деновиве наместо релаксирање на реториката таа се изостри. Дипломатски, Путин веќе повлече потези на кои Западот одговори со контрапотези. Имено, преку Министерството за надворешни работи, Русија испорача рамка што, според неа, ќе биде гаранција и услов за давање шанса на мирот. Русија, како што веќе објавија медиумите, бара правна гаранција дека НАТО нема да се шири во поранешните советски републики и дека преферира мирна разврска на наелектризираниот спор, кој лесно може да ескалира во конфликт. Она што, исто така, барем мене не ми е докрај јасно е дали во тие ставови, кои добар дел од западните медиуми ги искоментираа како ултиматум, за ширењето во Источна Европа се мисли и на активностите во НАТО-земјите. Според изјавите на рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Ријабгов, Русија е сериозна за тоа дека нема да дозволи ширење на НАТО во Украина и во Грузија. Воено, сепак, НАТО би можело да распореди соодветен арсенал на границата со Русија, кој би ги потел сериозно руските стратези и обратно. Тоа не оди во прилог на мирот и е сериозен проблем што ги крева веѓите и буди морници. Она што за овој потег од неутрална перспектива би можело да се анализира е следното. За Русија, Западот е несериозен во намерите и е агресивен. Дипломатски во неколку наврати Русија се обидува да стави до знаење дека нема да толерира општ курс на наратив, кој во пракса има морална флексибилност во тоа како ќе се операционализира. Во превод, за Русија е проблематично дека НАТО го задржува правото да прави сѐ што е во негова можност за да ја обезбеди евроатлантската сигурност. Русија во неколку наврати (последното преку заменик-МНР) го кажува истото тоа. Тука лежи и проблемот. Оттука, културолошки, во дипломатска смисла за Москва се битни правните гаранции што ги понуди преку двата договора со САД и со НАТО. Тоа, за да појаснам, е многу слично како и колоквијалниот термин на овие простори, па и пошироко, многу е посигурно „ако имаш папир“. Русија не испушти да потенцира и дека е свесна за ефектите што вака понудената форма на дипломатска разврска може да ги имаат на спротивната страна. За волја на вистината, за да ја ублажи ситуацијата, јасно стави на знаење дека е подготвена да преговара и дека е свесна дека одделни ставови во договорите тешко ќе се постигнат или дека ќе се постигнат етапно. Тоа, од ваквата перспектива, веќе не личи на ултиматум. Уште повеќе, имитирајќи го фенси-вокабуларот на Вашингтон, заменик-МНР на Русија потенцираше дека за Москва е исклучително важно да воспостави стратегиски стабилна и предвидлива рамка на дипломатски односи.

Сепак, првпат по низа години на магловито и грчовито навраќање (на што ќе се осврнам подолу) на правната основа за распадот на СССР, кој за Русија е емотивен (хегемонски) крах што создава перцепција на губитник, Путин во таа смисла, се чини ја напишал домашната бидејќи удри во „живец“ кај руската гордост. Во агресивен говор, проектирајќи сигурност, ја нахрани гладната руска душа со подготвеност да се влезе и во конфликт ама да не се попушти. Уште повеќе пркосот кон Запад се чини дека му го дигна рејтингот (спротивно на очекувањата на ултралибералната перцепција за ваквите настапи). Она што е исто така очигледно е дека во екот на крајно комплицираните односи на Пацификот, Путин ита да ја компензира историски болната реалност за Русија, која има романтичарска сериозна емотивна компонента и чувство на губитник. На оперативно ниво, тој телефонира за подготвеноста на фузирање на напорите со Кина (за ова во наредниот број подетално). Истовремено, додека Западот смета оти Русија се обидува да ја поправи историјата по крајот на Студената војна, Путин упорно инсистира на тоа дека Русија реагира на, според него, агресивниот Запад. Причините за ваквото дипломатско отворање на конфликтот се чини лежат во руините од распадот на СССР.
Според Западот, меморандумот од 1994 година, потпишан во Будимпешта, е јасен и, според него, Русија не треба да презема акции кон соседите. Односно, за НАТО и САД, Русија манипулира со договорот и инвазијата на Крим, а стимулирањето на конфликтот во источна Украина не е ништо друго туку прекршување на договореното. За Русија дипломатски работите стојат поинаку. Сите гаранции со тој меморандум и во согласност со Договорот за спречување на пролиферација на нуклеарно оружје се исполнети од руска страна. Западот е тој што распоредува оружје во НАТО-земји, вклучувајќи и персонал. За Запад тоа е завршена работа, повикувајќи се на ставовите и интерпретацијата на значењето на гаранциите со договорот од Будимпешта (нешто што меѓународните правници многу добро знаат дека е есенцијално во толкувањето на договорите). За Русија, пак, таква интерпретација не постои.

Она што постои е дека во целата прашина од тресокот и либералната магла на замрзнување на конфликти, со цел да се прикаже успехот на дипломатијата над конфликтот како опција работите се нејасни. За Москва, тогаш, а и сега работите стојат поинаку. Според Русија, во записниците нема забелешка дека Русија ја прифатила интерпретацијата на САД на договорот (значи дека може да распоредува опрема и персонал). Она што, сепак, ја руши руската магла во изместување на аргументот е дека безбедноста на Украина е загарантирана само во поглед на договорот за антинуклеарна пролиферација. Договорот, според заменик-МНР на Русија не дава гаранции за Украина ако некој дел од населението сака да се отцепи и присоедини кон Русија. Ако дојде до немир во Украина, за Русија (многу цинично би рекол) е во ред да интервенира. Цинично бидејќи она што не се кажува или е под маглата на оваа добронамерна дипломатска прекривка за преговори е тоа што токму Русија го стимулира тоа отцепување. Тука веќе се менуваат аргументите и имаат сосема поинаков епицентар од каде што се градат аргументите. Да не зборуваме дека како страна на истиот тој договор за кој се обвинува Западот, Русија го прави истото во Белорусија. На крајот на денот договорот е двонасочна улица.

Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД.