Колишевски бил еден од ретките југословенски револуционери што имале храброст да му се спротивстават за некои јазични ставови на Ј.Б. Тито. Во дискусија за јазикот на седница на Извршниот комитет на СКЈ во 1963 година, тој, меѓу другото, му рекол на врховниот командант: „Впрочем, кога се работи за рамноправност и на нациите и на нивните јазици, бројот и големината на една нација не може да имаат никаква улога за поголемата од друга нација или помалку развиена нација“. Така рекол Колишевски, реченицa што може да им послужи како пример на денешниве политичари во одбрана на македонскиот јазик, ако воопшто сакаат да го одбранат…

Се случи големо изненадување. Еден високорангиран член на ВМРО–ДПМНЕ со длабок наклон изјави дека Лазар Колишевски е најголем Македонец, според неговите согледувања. Тоа го стори Марјан Ѓорчев, поранешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во вмровска влада, поранешен градоначалник на Кисела Вода и поранешен амбасадор на Република Македонија во Бугарија. И поранешен меѓу најблиските соработници на Љупчо Георгиевски, еден од најголемите негатори на ликот и делото на Колишевски додека беше на чело на партијата. Во последното, во разидувањето со ставот на Георгиевски се крие и слаткогорчливиот вкус на трансформацијата на ВМРО-ДПМНЕ во партија што, за разлика од порано, има поинакво, посовремено чувство за комунистичкото минато на македонската држава и народ.
Дополнителен шмек на изненадувањето е што само десетина дена пред изјавата на Ѓорчев, лидерот на неговата партија, Христијан Мицкоски, присуствуваше на промоција на книга по повод 110 години од раѓањето на Колишевски, издадена од Социјалистичката партија. Мицкоски може да биде критикуван од идеолошки аспект од своите за тоа присуство, но не и од практичен – социјалистите се коалициски партнер на ВМРО, па во изборен период многу е поважен вториот, а не првиот аспект.
Личен или партиски став 
Ѓорчев изјави дека „Лазо Колишевски е најголемиот Македонец за мене. Човек што ги избркал Србите од Македонија и им го одзел целиот имот. Тој е погрешно интерпретиран во македонската историја“. Иако дел од изјавата има и подруг национален (националистички) контекст, именувајќи го Колишевски како најголем насилен антисрбин, сепак, целината претставува големо признание за политичарот и човекот што кај ДПМНЕ беше на списокот на најомразени личности во Македонија
Не мора тој личен став на Марјан да значи и широк или официјален партиски став, но ако се има предвид дека Колишевски од појавата на ДПМНЕ е третиран како најголем крвник на ВМРО, Ѓорчевата постапка навестува внесување една блага нотка на преиспитување на тој дел од македонска историја во рамките на Југославија и личностите во неа. Дотолку повеќе што Ѓорчев, свесно или несвесно, ја засилува својата констатација тврдејќи дека Колишевски е „погрешно интерпретиран во македонската историја“.
Сосема е извесно дека изнесеното мислење на високиот партиец нема да му се допадне на дел од широкото членство, но, од друга страна, има еден друг позатскриен и поширок ефект. Со тоа мислење Ѓорчев му плесна силна шлаканица на Социјалдемократскиот сојуз, кој бега од Колишевски како ѓавол од крст. Ниту го брани, ниту бара вистинско интерпретирање на неговото дело, ниту пак зборува за значењето на човекот чии политички наследници се токму членовите на таа партија. Не го прави тоа ни во сопствената партија иако таа вистинска „интерпретација“ заслужува државно ниво.
Црни дамки во неговата  биографија
Навистина, како е политички интерпретиран Колишевски во актуелната, незаокружена и недовршена македонска историја? Што може во еден новински напис да се извади најкарактеристично од неговата животна и политичка биографија? За дете што по 10 години поминати во сиропиталиште во Битола израсна во личност вклучена во највисоките врвови на македонската и југословенската комунистичка политика. До национална фигура број 1, според комунистичката официјална политика.
Во Република Македонија неофицијалната биографија на Колишевски никогаш не била оставена без негативни забелешки. Многу околности придонеле да биде третиран како контроверзна личност. Од неговото учество во војната, од неговото судење во Охрид каде што е осуден на доживотен затвор, од неговата молба за помилување до бугарскиот цар Борис, од неговото експресно напредување по крајот на војната, до прв претседател на Владата на Република Македонија. И повеќе од четириесет години алфа и омега во македонската политика, како за организирање на партијата, за функционирање на институциите и за избор на кадри на највисоките позиции.
Обвинуван дека по негова наредба на Божиќ во 1945 година се ликвидирани без суд и пресуда 1.200 лица што, наводно, не сакале да одат на Сремскиот фронт туку на Солун. Докази нема никакви, но вербалните обвинувања останаа до крајот на неговиот живот. За судења и ликвидации на „бугараши“, „ванчомихајловисти“, „ВМРО-вци“ и „фашисти“ и воени шпекуланти набргу по војната. Црна дамка од тој период останува прогонот на поборниците за решавање на „македонското прашање“, поточно, за обединување на Македонија. Тоа беа главно тие што ги споделуваа идеалите на ВМРО, што беше причина за ново раслојување на македонското општество.
Уште оттогаш, па до крајот на животот Лазо го носеше од вмровците даден епитетот „српски слуга и македонски предавник“.
Главниот човек од сенка 
Обвинуван за пресметки и со луѓе од своите редови: за несреќната судбина на Методи Андонов-Ченто, Методија Шаторов–Шарло, Панко Брашнаров, Павел Шатев и редица други постари револуционери, за политичка и човечка елиминација на своите соборци од НОБ, Цветко Узуновски, Вера Ацева, Крсте Црвенковски, вклучувајќи го и Киро Глигоров, иако Глигоров тврдеше дека не било така. И редица други лица со име и презиме. Колишевски стоеше во сенка и зад големиот судир во Сојузот на комунистите на Македонија во 1972 – 1973 година кога конзервативците во партијата жестоко ги осудија појавите на либерализам во Македонија и ги анатемисаа кадрите што стоеја зад тој идеолошки пробив што го форсираше Крсте Црвенковски.
Дипломатот Ристо Никовски во предговорот за книгата за Лазо напиша концизно дека и најповршна анализа на времето на Лазар Колишевски мора да води сметка дека е тоа период по долга окупација, време кога се поставуваа темелите на современата македонска држава. И сето тоа се случуваше во рамките на една федерација, се спроведуваше во услови на нова идеологија, контролирана ем однадвор ем од федерацијата. Затоа, условите биле исклучително тешки и обременети со огромни предизвици. Токму таквите околности придонеле мислењата за местото и улогата на Колишевски да бидат контроверзни.
Човекот што ја преобрази  Македонија
И во забранетата Македонска енциклопедија што во издание на МАНУ излезе во 2009 година одредницата за Лазар Колишевски е доста скромна и не многу јасна. Ако се знае дека при составувањето на таа одредница владеело политичко расположение што го диктираше власта на ВМРО со Никола Груевски на чело ќе се разбере од каде произлегува таквата краткост и конфузност. Плус беше познато дека добар дел од академиците не му се наклонети на Колишевски, тие го преферираа Крсте Црвенковски во чиј мандат беше формирана Академијата.
Сепак во неа се нагласува дека по негова иницијатива и под негово раководство се формирани низа македонски национални научни и културни институции. За жал, не е напишано кои се тие. Како што не е напишано дека во времето на Лазо македонската држава го доживеа својот процут, се етаблира како современ политички субјект, а македонскиот народ го доби своето место на меѓународната сцена.
Постигнати се историски резултати – објавена е азбуката, кодифициран е јазикот, отворени се првите училишта на македонски јазик, формирани се зачетоците на скопскиот универзитет, театарот, операта, филхармонијата. Формирани се сите национални институции карактеристични за една современа држава. Од земјоделска земја, по завршувањето на несреќната колективизација од советски тип, Македонија тргна по патот на нова индустриска држава, градејќи нови објекти, отворајќи низа индустриски капацитети, здравствени установи и фирми за услужни дејности.
Со Тито за македонскиот јазик 
Колишевски бил еден од ретките југословенски револуционери што имал храброст да му се спротивстави за некои јазични ставови на Ј.Б. Тито. Во дискусија за јазикот на седница на Извршниот комитет на СКЈ (18–19.02 1963), меѓу другото, го убедувал врховниот командант дека „Југословен (кога станува збор за јазикот) може да се смета оној што не е обременет со разни предрасуди кон македонската и словенечката нација и јазик, туку настојува да ги запознае културата и јазикот на тие нации. Владеењето на трите јазици (српскиот, словенечкиот и македонскиот) една е од претпоставките за зацврстување на југословенството, а не обратно: инсистирањето на српскиот јазик како владејачки јазик!
„Впрочем, кога се работи за рамноправност и на нациите и на нивните јазици, бројот и големината на една нација не може да имаат никаква улога за поголемата од друга нација или помалку развиена нација“.
Така рекол Колишевски, реченици што може да им послужат како пример на денешниве политичари во одбрана на македонскиот јазик, ако сакаат да го одбранат.
Непоколеблив заштитник на  македонските национални  интереси
Веродостојна документација потврдува дека Колишевски, иако строг комунист и лично атеист, има големи заслуги за Македонската православна црква. Во 1945 година во Скопје е одржан првиот Црковно-народен собор на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската архиепископија, како Македонска православна црква. Во 1958 година во Охрид е одржан вториот македонски Црковно-народен собор, каде што е донесена одлука за самостојност и е прифатен предлогот за обнова на Светиклиментовата Охридска архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска православна црква, а за нејзин прв епископ е избран г. Доситеј.
Во времето на Лазо, во 1946 година, се донесени од Софија во Скопје моштите на Гоце Делчев, кога во бугарскиот печат пишувало дека „моштите на големиот македонски револуционер Гоце Делчев се пренесени во Скопје, главниот град на земјата за која тој го даде животот“. За односите меѓу Македонија и Бугарија Колишевски од бугарската политика беше сметан за премногу тврд македонски националист, столбен заштитник на македонските национални интереси и самобитноста на македонскиот народ и како таков еден од најголемите душмани на Бугарија.
Мртвиот Колишевски повторно воскресна и во Охрид. Таму беше симната спомен-плочата од куќата во која од страна на прекиот суд на бугарскиот фашистички окупатор беа осудени петмина комунисти, меѓу кои и Колишевски. Но, претходно, охриѓани него го закопаа уште на живо. Охридското собрание во декември 1991 година донесе одлука со која му беше одземена титулата почесен граѓанин. Злобници тврдеа дека тоа било направено по сугестија на Глигоров, но оние поупатените беа на мислење дека тоа не е дело на „стариот лисец“ туку на младите неокомунисти, наследници на неговата партија што доби ново друго име.