(насловот е позајмен од Џон Раскин)
Не беше тоа одамна. На страниците на светската енциклопедија Википедија прочитав дека Шарената револуција за деца започнала спонтано поради несогласување со една одлука на претседателот и „тогај се народ подигна иљадно“. И тргна „смело“ да ја погани сопствената историја! Не знаев дека било вака и некако чувствувам постојана потреба да заборавам! Но во Македонија постои сѐ, само не заборав! Како сведок на настаните и тогаш и сега таа разновидна измама ја сметам за добро изрежирана подготовка за лек на старата ЕУ-параноја од постоењето на Македонија и македонската цивилизација (Ханс Дитрих го потврди ова во неговото последно интервју за ДВ, но не успеа да ја види „шарената“).
Не треба голем напор: сетете се „The Name Issue“!… и кога режисерот објави „фајронт“, сендвичи и „кока-кола“ веќе не се делеа, муштериите мораа да се разотидат, столовите се качија на маса, пазарот се преброи… Скопје навидум продолжи како да не било. Ништо. Ако денес прошетате по „улиците московски и скопски“ (со почит кон Јозо Т Бошковски), ќе забележите дека „шарената“ си ја брка работата и понатаму. Исчезнуваат имињата на спомениците, исчезнуваат делови од спомениците, исчезнуваат комплетни споменици, се подгрева постојано идејата дека „кога ќе влеземе у ЕУ не ни требаат споменици“ (они имаат и за нас).
Добро. Ни требаат ли навистина? Споменици.
Ако ја прашате градоначалничката на Скопје најверојатно ќе рече „не“ (пред повеќе од една година заедно со скопјанец, кој се згрозува од сквернавењето на спомениците, сакавме да поднесеме пријава, но службеното лице нѐ извести дека пријавата веќе е поднесена и дека градоначалничката презема мерки)!
Ако ја запрашаме историјата на архитектурата работите изгледаат поинаку.
На пример. Првата архитектонска артикулација на цивилизацијата не е куќа, населба или град. Првата појава на свесност е артикулирана како споменик. Појдете кај Ѓобекли Тепе или кај Цоцев Камен или на Баба. Луис Мамфорд (оној што ја напиша „Градот низ историјата“) смета дека градот не е создаден како продолжена кожа на општеството, туку како споменик – градба во име на светите нешта. Градот е СПОМЕНИК… спомен… меморија… облик… Употребувајќи го универзалниот безгласен јазик на архитектурата градот го пренесува сеќавањето на градителите низ простор и време. Спомени ме. Не е човек тоа што не се сеќава. Само ако се сеќава може да слави. Ако нема што да се слави, нема ни што да се гради. Затоа градиме град. Го градиме и со гради и со тоа што постои во гради.
Не беше тоа одамна. Судбина… или… статистичка веројатност: присуствував на средба на градоначалници на градови збратимени со Ерусалим… Градоначалникот домаќин ги поздрави гостите со зборовите: Ерусалим нема море. Ерусалим нема ни езеро ни река. Ерусалим нема индустрија ни некоја плодна почва наоколу… Но Ерусалим живее од приказна… и… таа приказна ја купуваат три и пол милиони годишно. Секој граѓанин на Ерусалим добива годишно финансиска донација од шест граѓани на светот што само сакаат да ја доживеат приказната. Зошто? Само затоа што тие се сеќаваат дека градот е кристализирана меморија. Архитектура. Кога е разурната поради природата на времето и постапките на луѓето ја именуваме археологија.
Сега: Скопје.
Може ли Скопје да пристапи кон овој историско-економски модел?!
Има ли Скопје приказна достојна на стандардите на Ерусалим?
Секој стандарден уредник не смее да дозволи ваков есеј на страниците затоа што во секојдневноста и „науката“ се знае каде е местото на Скопје: измислен главен град на еден од Тито измислен народ. Инаку, крстосница во која некое време поминале славни војски. Тоа треба да се „знае“ и да се повторува. Но само со четири отсто истражена археологија се покажува дека Скопје е постар град од Ерусалим за најмалку 3.000 години! Првиот собор-храм во Ерусалим е изграден во 957 пр. н.е, а првиот собор-храм во Скопје е видлив и денес, а датира најмалку 3.000 години порано!
За мене се потребни и доволни само овие два аргумента за да предложам потребен и доволен број дописи за место на страниците на „Нова Македонија“.
Мојот прв предлог го именувам:
ВЕРА, НАДЕЖ, ЉУБОВ
Скопје со проектот за поставување споменици во централното градско подрачје влезе навистина во категоријата речник на главните градови на држава. Пред тоа Скопје не беше престолнина на Македонија според архитектонските стандарди. Нема да останам должен на читателите со потребното објаснување за овие ставови. Сега дозволете да го изнесам восхитот спрема една исклучителна скулптура во светски рамки, вдахновение на скулпторката Искра Димитрова, која свесно никогаш не сум ја сретнал. Но она што таа го овоплоти во ’рбетот на светата река што судбински тече низ Скопје за мене беше парадигма за граѓанин што ја препознал вредноста на својот град.
Затоа често навраќам на брегот за да ја следам генезата на живата скулптура препуштена на прифаќањето на природата, на табиетот на реката, на индоктринираниот анимозитет кај наивните жители, на пропагандата за која беа обилно платени определени медиуми… Забележав: прво страдаше Верата: дрвото беше оштетувано од секојдневноста…, но повторно зазеленуваше… Потоа беше нападната Љубовта и ѝ беа кршени гранките…, но коренот изникна нови… Надежта остана негибната!
Творците не создаваат ремек-дела. Тие само не го изневеруваат тоа за што се родени.
Убеден сум дека Искра Димитрова е одбрана од Светиот Дух да создаде ремек-дело за својот град, во својот град каде што е родена. Тука нема случајност.
Често навраќам кај ќерките на Пресветата Мудрост. Има мир во годишната испорака на убавина од крошните на врбите. Погоре од нивната иднина свети ликот на законодавецот Управда. Ова знам дека никој не го испланирал. Божја промисла. Светиот Дух. Зошто Јустинијан секаде градел цркви посветени на пресветата Мудрост – Константинија, Никеја, Сердика, Каср ибн Вардан… Како се викаа ќерките на Софија?…
Да прошетам… да се напијам кафе на брегот на Хомеровата река… да се потсетам зошто Орфеј има врбово гранче в рака… и кое од трите врби е машкото…
Вангел Божиновски