Како да не е доволно што слободата на мислата и нејзиното јавно искажување (преку различни форми на изразување) одамна се ограничени и вкалапени во една генерална матрица од која не смее да се отстапи, туку тоталитарното општество воспоставува и „чувари“ и механизми на надзор над непослушните. Кога велам „тоталитарно општество“ на ум имам многу поширока категорија од македонскиот примерок. Но за да се справиме со Големиот брат, секој од нас мора да започне со справување со неговите помали браќа и сестри на локално/национално ниво. Затоа и за тема на оваа колумна го земам примерот на т.н. вистиномер.
Мнозина ме убедуваа дека е подобро да ги игнорираме, да не им се придава значење, но јас мислам дека нивните „заслуги“ и улога во целата пропагандна машинерија мора да се разголува одново и одново. Онака како што тие мислат дека го фатиле Големиот брат за брада, па добиле привилегија да денунцираат, поткажуваат и етикетираат… – и ние имаме што да кажеме за нивната неславна мисија. Точно е дека тие го прават тоа со т.н. грантови (финансиски средства стасани однадвор, од западните и најчесто американските, британските или други европски центри). За разлика од нив, нашата борба за слобода не смее да биде искомпромитирана и поттикната од желба за профит. Дури, би рекла, ни желбата за одмазда (враќање мило за драго) или повредената суета немаат место во оваа „пресметка“ со „Нив“.
Кога некој, како Најчевска и нејзините, ќе ме посочат мене, Венко или Трајче (главно поради наводно ширење дезинформации, руска или српска пропаганда), тоа е показна вежба, шиканирање на влијателни личности, кои треба да послужат за пример на помалку одважните. Ние сме само случајно згодни примероци за отстрел. Целта сте сите вие што неретко се препознавате во нашите мисли, зборови, акции.
Одамна знам дека колумните, па и фејсбук-профилот, редовно ми ги преведуваат и следат. Да бев „препишувач“ (како што вели Најче) немаше да се арчат на мене, ама пусти страв… Иако долги години, активистката ме имаше блокирано на Фејсбук и ме олајуваше зад грб, сега ја симнала забраната. Ме следи во чекор. Замислете! Сум споделила статија од (српски) портал, па инсинуира што сум сакала да кажам меѓу редови и какви политички и идеолошки склоности негувам и сл. За таквите не е битен контекстот, не е битно ни можеби присутното иронизирање или цинизам – за неа сè што ќе види напишано е Вистина! Според нејзиното гледање на вистината. За мониторингот врз мене дознав случајно: имам поставено алерт кога името ми се спомнува, па Гугл ме информира и ми дава линк до статијата. Ете, не сум знаела дека нашите вистиномери ги преведуваат на три јазици записниците на своите „полицајци на мислата“: македонски, албански и англиски (за донаторите и за „меџународната“ да знаат каков олош има во она што не е Северна). Убедена сум дека повеќето читатели знаат на што мислам и се запознаени. Некогаш по социјалните мрежи ги нарекуваат проверувачи на факти, а во Македонија функционира мрежа „Вистиномер“, финансирана од најмалку две моќни американски фондации (озлогласената НЕД, онаа што стои зад секоја смена на режим, е едната од нив).
Вистината е една од централните категории и концепти не само на филозофијата (далеку пред познатиот дијалог меѓу Протагора и Сократ) туку и на голем број други научни дисциплини. Па и оние што не се многу навлезени во таа дебата знаат барем толку дека тоа е сложен поим. Вистината никогаш не е еднозначна – и покрај она широко распространето мислење дека „вистината е само една и непроменлива“. На пример, Птоломеевиот систем бил апсолутна вистина додека не бил урнат; исто како што расната теорија беше (или уште е) вистина за некои општества. Оскар Вајлд ќе каже: „Вистината е ретко чиста и никогаш едноставна“.
Ние што се занимаваме со транзициска правда, а во тој контекст и со кажување на вистината (truth telling) знаеме дека во една заедница, општество или поголема група може да коегзистираат повеќе вистини за еден настан. Со повеќеслојна дефиниција на вистината оперираше и јужноафриканската Комисија на вистината и помирувањето. Впрочем, кога и не би постоеле различни видувања на нештата, а би се наметнала една зацементирана и бранета Вистина (го големо В и не нужно заснована на факти), стварноста би била многу едноставна – и погрешна. Бидејќи веднаш се поставува прашањето: за чија вистина зборуваме? Кој е тој авторитет што одлучува која верзија на настаните ќе ја сметаме за веродостојна? Затоа остануваат неодговорени, или се предмет на континуирана дебата, прашањата како на пример кој е победникот во Втората светска војна, дали се САД демократија, дали УЧК во 2001 година беше ослободителна армија или сторител на воени злосторства (или и двете)? Дали да ја прифатиме вистината на Асанж или онаа не неговите џелати? Размислете и погледнете наоколу колку „вистини“ ќе откриете за Преспанскиот договор – или за историските комисии, за Гоце, за бугарската окупација, за ВМРО, за балистите итн.
Нашава полиција на мислите е токму онаа од Орвеловата „1984“ – тоа им е работа, за неа се платени. Тие не се филозофи, тие се чувари на „вистината“ како што ја создале нивните господари и донатори на грантови. Тие се размилеле по социјалните мрежи, по порталите, телевизиите и сл. за да ги откриваат и казнуваат/клеветат неправоверните, вештер(к)ите, непријателите на Западот, НАТО и ЕУ.
Нив не ги интересира ни контекст на кажаното/напишаното, ниту подлабоката суштина. Јок! Ним им треба плен, злосторник, „лажго“ што може да ги урне темелите на нивната кршлива (божем) Вистина. Им треба покажување со прст на луѓе што размислуваат со своја глава, а кои на тој начин ја доведуваат во прашање цврстината на Ѕидот на Вистината изграден во некој вашингтонски или бриселски центар на моќ. Бидејќи, како што велеше Орвел, во време на општа измама (која ни ја пласираат како единствена Вистина) кажувањето (инаквата) вистина е револуционерен чин. Токму затоа, иако се колнат дека нивната Вистина е онаа „вистинската“ и единствено можната и прифатливата, а сепак умираат од страв дека тоа што го проповедаат е полно со пукнатини и дека секој инаков аргумент може да ја стори парампарче.
Сте се прашале ли зошто баш во земји како нашата се истураат милиони за (наводна) битка со дезинформации, т.н. фејк-њуз или ширење руска/кинеска/марсовска пропаганда, според која, Западот не е она што се претставува. Податоците од Стејт департментот од декември 2022 година покажуваат колку пари се вложени од САД во поддршка на земји „ранливи на влијание и агресија на Руската Федерација“ на кои „им недостигаат економски капацитети за ефикасно да возвратат“. Македонија се наоѓа на третото место на таа ранг-листа, а минатата година биле вложени 67,4 милиони долари. Со други зборови, освен поддршката за медиуми, тука се и проекти (како Вистиномер) со мисија да „возвратат“ или да помогнат во слабеењето на „руското влијание“. Ваквата хајка против оние што случајно добиле награда за книжевно дело од Руската Федерација, кои имале научна соработка, или (како мене) не се согласиле со палење на Достоевски како начин на борба против руската инвазија во Украина е единствен начин да најдат „руско влијание“ и да си ги одработат парите. Бидејќи, добро ви се познати два факта: прво, Русите се „тапа“ кога станува збор за јавна дипломатија, пропаганда или медиумско влијание, а второ – Македонците баш и немаат видено нешто арно од таа земја (патем, Бугарите се мека на пренесување руски вести, ама вистиномерите кај нас гонат „мразачи на Бугари“). Скенирањето на секое „сомнително лице“ треба да докаже дека се будни, агилни и вешти во разоткривањето. Вистински балкански шпиони! Патем, во едно скорешно интервју дури и американската амбасадорка, размавтана со повеќето „црни листи“, укажа дека би било згодно кога граѓаните будно би следеле кои луѓе би заслужиле да бидат казнети од камшикарот. Црната листа на вистиномерите не е поразлична од онаа што ја направија соработниците на Зеленски, а на која се најдоа некои извонредни ликови, како професорите Џон Мершајмер и Јан Оберг (меѓу другите).
Е сега, она што го кажува Бујар Османи за потреба од нова специјална обвинителка што ќе гони за говор на омраза против Бугарите/Бугарија, си добива соодветно место во контекстот и мозаикот на Македонија во која мора да доминира една (антимакедонска) вистина. Колозова откри дека критиката за корумпираноста на ДУИ (воените злосторства им ги заборавија сите) било знак на албанофобија. Така, сега е забрането и да се каже нешто против силувањето на Бугарија, Грција и сите други што ни се редат. Ако на тоа се надоврзат и нежните „снегулки“ (разбудените и самоосвестените со нов етнички, расен, полов или асексуален идентитет), тогаш излегува дека што и да кажеш, некој ќе се најде навреден. На будалата не смееш да ѝ кажеш дека е будала, туку евентуално дека „кога умот се делел, тој/таа бил некако заобиколен“.
Конечно, ако тие тврдат дека се свештеници на Вистината, па и ние можеме да си запееме: „Има само една вистина, има една Македонија!“. Колку да видат дека вистината, како и стапот има два краја.