Српскиот тенисер никогаш во кариерата не бил поразен во финалето на Австралија опен, а со емотивниот триумф на годинашниот турнир во Мелбурн се израмни со Шпанецот Рафаел Надал според бројот на освоени гранслем-трофеи (22), но од денеска Ѓоковиќ одново е и на првото место на АТП-листата

ТЕНИС – ПО ТРИУМФОТ НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН И ОСВОЈУВАЊЕТО НА 22-ОТ ГРАНСЛЕМ-ТРОФЕЈ

Новак Ѓоковиќ (35) од Србија десетти пат во кариерата триумфира на престижниот тениски гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн и со тоа стигна до својата 22. гранслем-титула, откако во емотивното финале вчера го победи Стефанос Циципас од Грција со 3-0 во сетови, и тоа 6-3, 7-6 (7-4), 7-6 (7-5).
Мечот траеше два часа и 56 минути, а ова беше 13-ти меѓусебен дуел во кариерата на двајцата тенисери, а 11-ти триумф на Ѓоковиќ, кој од денеска и официјално ќе го преземе првото место на АТП-листата од Шпанецот Карлос Алказар.
– Сонувајте големи нешта, затоа што можете да ги остварите – рече Ѓоковиќ, меѓу другото, по големиот триумф, во пораката до младите.
Ѓоковиќ никогаш во кариерата не бил поразен во финалето на Австралија опен. Тој со триумфот во Мелбурн се израмни со Шпанецот Рафаел Надал според бројот на освоени гранслем-трофеи (22), а на таа листа следува Швајцарецот Роже Федерер со 20 трофеи од четирите најголеми турнири (уште и Ролан Гарос во Париз, Вимблдон во Лондон и САД опен во Њујорк), Американецот Пит Сампрас со 14, Австралиецот Рој Емерсон со 12, Австралиецот Род Лејвер и Швеѓанецот Бјорн Борг со по 11 трофеи итн.
Ова беше 33-то гранслем-финале за Србинот. Ѓоковиќ истовремено со оваа победа стигна до 93-та титула во својата кариера (втора сезонава), една повеќе од Надал и се искачи на четвртото место на оваа ранг-листа, на која води Американецот Џими Конорс со 109, втор е Федерер со 103, а трет е Чехот Иван Лендл со 94.

ПРВА ТИТУЛА ЗА САБАЛЕНКА

Арина Сабаленка од Белорусија со пресврт ја победи шампионката на Вимблдон, Елена Рибакина од Казахстан, со 4-6, 6-3, 6-4 и ја освои својата прва гранслем-титула во прекрасното финале на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен.
Сабаленка е 29-та тенисерка во т.н. опен ера на тенисот (од 1969 година) што обезбедила титула во поединечна конкуренција на Австралија опен и 58-та вкупно, во опен ерата, која освоила гранслем-титула. Таа сега има 11 победи на исто толку мечеви годинава и од денеска ќе се искачи на второто место на ВТА ранг-листата.

ТРОФЕЈ ЗА ДВОЈКА ШТО ПРВПАТ ИГРА ЗАЕДНО

Австралиската двојка Ринки Хиџиката и Џејсон Кублер ги победи Хуго Нис и Јан Зиелински со 6-4, 7-6 и ја освои титулата во машки двојки на Австралија опен. Тоа беше прва гранслем-титула и за Хиџиката и за Кублер, кои на турнирот првпат настапија заедно.
– Ринки и јас дефинитивно пред две недели не мислевме дека ќе се случува ова. Тој, всушност, беше причината поради која се здруживме на овој турнир. Не бев сигурен дека ќе играм, тогаш Ринки ме праша и решив да играм. Две недели подоцна го добивме овој трофеј – рече Кублер, пренесе агенцијата „Асошиејтед прес“.
Австралија има долга историја на силен тим во двојки, а овој триумф е 16-от целосно австралиски тим што освоил гранслем-титула во двојки за мажи во опен ерата. Хиџиката и Кублер, кои настапија со т.н. вајлд-карта, се петтите неносители што победуваат во двојки на Австралија опен, пишува Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Г.И.


РЕКОРДЕРИ НА ЧЕТИРИТЕ ГРАНСЛЕМ-ТУРНИРИ

Австралија опен                            Новак Ѓоковиќ              10
Ролан Гарос                                  Рафаел Надал               14
Вимблдон                                      Роже Федерер               8
САД опен                                      Бил Тилден                   7
Ричард Сиерс                7
Вилијам Ларнд              7

НАЈМНОГУ ГРАНСЛЕМ-ТРОФЕИ, МАЖИ
Новак Ѓоковиќ 22
Рафаел Надал 22
Роже Федерер 20
Пит Сампрас 14
Рој Емерсон 12
Род Лејвер 11
Бјорн Борг 11

НЕДЕЛИ НА ПРВОТО МЕСТО НА АТП-ЛИСТАТА
Новак Ѓоковиќ 373
Роже Федерер 310
Пит Сампрас 286
Иван Лендл 270
Џими Конорс 268