Фото: Игор Бансколиев

Меѓу Македонија и Бугарија повеќепати се потврди и докажа констатацијата за асиметричност во однос на правата и обврските што ги имаат двете страни, врз основа на меѓусебниот Договор за пријателство и добрососедство, наметнат како услов за македонската страна во нејзините евроинтеграции. Фактот што Бугарија е членка на ЕУ, а Македонија е земја-кандидат, според експерти од меѓународното право со кои се консултиравме, дава некаква шанса „да може да биде ползувана асиметријата од посилната бугарска страна“. Но затоа експертите нагласуваат дека тука се принципите на правото и правдата, за да не се случи тоа. Но штом спиралата на асиметрија се дозволи и се случи истата таа да се толерира и развива (и тоа со согласност на послабата страна), не може да се очекува дека во иднина работите ќе се вратат на почетната точка, туку асиметријата само ќе се продлабочува

Дали врз база на асиметрични договори можат да се развиваат симетрични, избалансирани и добрососедски односи, засновани на рамноправност, како и меѓусебно почитување на своите и истите права за другиот?!
Асиметричноста и во меѓучовечките односи неизбежно натежнува кон наметнување на интересите и барањата на посилната страна врз другата страна, која ги нема истите позиции при „воспоставувањето на пријателството“. Сосема аналогно е тоа и во меѓудржавните односи, нагласено во некакви склучени формалноправни меѓудржавни договори, во кои во суштина е изразен хегемонизмот на посилната страна, и премолчено меѓународната заедница го толерира тоа иако не е во согласност со меѓународното право, а со тоа таквите договори се ништовни!
Политички декларативно, па и демагошки убаво звучат заложбите за постигнување и потпишување договори за добрососедство и пријателство, но кога во нив е вградена „асиметрична тенденциозност“, во практиката се претвораат само во фасада што ги затскрива стапиците, заканите и уцените што ги наметнува тој кому „асиметријата на договорот за добрососедство и пријателството“ му оди во корист.

Принципите на меѓународното право се гарантори да не се случат асиметрични меѓудржавни односи и хегемонија?!

Многупати од потпишувањето во 2017 година на Договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија е потврдена и докажана констатацијата за асиметричност во однос на правата и обврските што ги имаат двете страни во тој процес на градење пријателство, наметнат како услов за македонската страна во нејзините евроинтеграции. Фактот што Бугарија е членка на ЕУ, а Македонија е земја-кандидат, според експерти од меѓународното право со кои се консултиравме, дава основа „да може да биде ползувана асиметријата од посилната страна“. Но затоа се принципите на правото и правдата, за да не се случи тоа. Имено, со таквата потенцијална шанса да биде унилатерално ползувана „базичната наклонетост на една страна“ на билатералните односи, кои треба да се решаваат и да бидат урамнотежени, неможно е градењето избалансирани, рамноправни, меѓудржавни и добрососедски односи меѓу народите. Токму тежок преседан се случи и со Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија, па од неговото склучување „асиметријата во полза на Софија и натаму се надградува“ со фактот што некои од барањата што Бугарија ги наметнува како „европски услови“ за Македонија се спротивни на меѓународното право.
Пет-шестгодишното искуство од практикувањето на асиметричното добрососедство на Бугарија спрема Македонија само ја потврдува аксиомата и во природните и општествените науки – дека нешто што е накриво насадено, поставено, „накриво ќе расте и накриво ќе се надградува“.
Актуелната ескалација на билатералните односи меѓу двете соседни земји, предизвикана од многубројни провокации на бугарските политичари со оспорување на територијалниот интегритет на Македонија, негирање на националниот суверенитет и идентитет, како и манипулација со инсценирани насилни инциденти, покажуваат само мал дел од можностите за злоупотреба на повластената позиција на Бугарија што ја има со асиметричниот Договор за добрососедство.
Обидите за контролирање на штетата во актуелната билатерална ситуација со изразени ризици за безбедносна закана врз Македонија, ургентно го наметнува предизвикот – на каков начин би можел да деескалира актуелниот „напон“ во односите меѓу Македонија и Бугарија, што би довело до нормализирање на (добро)соседските релации. Но и по евентуално решавање на актуелната ситуација и понатаму останува да „виси“ ризичноста на прашањето – колку се можни „нормални односи“ меѓу Македонија и Бугарија во услови на асиметричен Договор за добрососедство и закани за дополнување на декларацијата на бугарското собрание со нови барања за Македонија.
– Почетокот на предизборната кампања ги оневозможува нормалните процеси во билатералните односи, со што во наредните месеци ќе бидеме сведоци на ескалација на реториката од бугарска страна. Самиот договор наметнува повеќе обврски за Македонија и Бугарија ќе ја користи секоја шанса да ги забави преговорите, откако тие и формално ќе започнат со отворањето на поглавјата. Некаква нормализација може да очекуваме по формирањето нова бугарска влада, што најрано би се случило во текот на летото – вели универзитетскиот професор на Правниот факултет при УКИМ, Васко Наумовски, поранешен македонски вицепремиер за евроинтеграции.
Сосема спротивно од насловот на Договорот за добрососедство и соработка, кој требаше да го отвори и да го забрза европскиот пат за Македонија, во практика тој се покажа како извор на сите опструкции, уцени и вета што ги направи, а и понатаму планира да ги прави Бугарија. Најконтроверзно во сета оваа ситуација е што тој договор претставува флагрантна негација на сите принципи на меѓународното право и базичните принципи на меѓународните организации. Сите горчливи искуства од постоењето на овој договор, кои не навестуваат дека уцените базирани на неговата асиметричност ќе престанат, ја наметнуваат потребата Македонија да ги постави односите со соседите на нови основи, со помош на меѓународната заедница и меѓународните организации, како Обединетите нации, Советот на Европа и ОБСЕ, организација со која Македонија е актуелен претседавач оваа година.

Додека Бугарија не реши да го смени пристапот, ние во Македонија не можеме да ја сметаме за пријателска земја

Ида Мантон, советничка за решавање конфликти и меѓународни преговори, смета дека ЕУ, во соработка со експерти од ОБСЕ, ОН и Советот на Европа, мора да застане во одбрана на сопствените вредности.
– Договорот не ја спречува Бугарија да има цивилизиран однос со нашата држава. Напротив, тој информира дека двете земји се договориле „да развиваат сестрани односи во согласност со основните принципи на меѓународното право“ и „дека ќе соработуваат во рамките на Обединетите нации, ОБСЕ, Советот на Европа и други меѓународни организации и форуми“. Во членот 11, Бугарија како потписничка на договорот се обврзала дека „нема да презема, поттикнува и да поддржува дејства што имаат непријателски карактер“. Избор на Бугарија и нејзините политичари е да се однесуваат како непријателска земја кон нашата држава, народ и идентитет. Никој не ги тера со сила. Напротив, мислам дека многу би им олесниле на европските колеги кога би престанале да бидат проблематична членка. Опциите за негово решавање нѐ ставаат во асиметрична положба, затоа што е предизвикан од нашата желба да влеземе во ЕУ, а Бугарија е земја-членка, па го злоупотребува своето членство. За да се воспостави конструктивна рамнотежа и за да се спречат поголеми проблеми (ако паѓање на три влади и политички вакуум не се доволно голем проблем) мора ЕУ, во соработка со експерти од ОБСЕ, ОН и Советот на Европа, да застане во одбрана на сопствените вредности и како непристрасен „чувар на галаксијата“ да ги олесни дискусиите, да интервенира кога аргументите се во спротивност со веќе договорените заложби во кревката, но постојна и мултилатерално градена, супранационална/меѓународна орбита. Обврските што произлегуваат од таму не се „ала карт“ (à la carte) за земјите да си избираат што ќе спроведат што не. Со тоа што Бугарија со години одбива меѓународна медијација или помош во преговорите само покажува дека нема искрени намери и знае дека прекршува не само заложби, принципи и необврзувачки стандарди туку и обврзувачки пресуди од Европскиот суд за човекови права. За да имаме понормални односи треба преговарачкиот процес да се стави на друг перон и да престанеме да се преправаме дека го решаваме проблемот без тим, без експерти, без консултации и со ад хок средби, лошо напишани соопштенија и очајни прес-конференции – вели Ида Мантон, советничка за решавање конфликти и меѓународни преговори.
Според професорката Мантон, додека Бугарија не реши да го смени пристапот, ние во Македонија не можеме да ја сметаме за пријателска земја, а со тоа договорот е само обврска, а не аспирација за пријателство.
– Таа обврска е сѐ потешка ако Бугарија провоцира, небаре ни ги испитува границите на толеранција. За да се надмине кризата предизвикана со нашата желба да влеземе во ЕУ, треба ЕУ да ја потсети Бугарија дека идентитетските прашања не се дел од Копенхашките критериуми и дека има други форуми на кои двете држави треба да разговараат на овие теми, а ЕУ може да биде логистичка поддршка на тој процес, токму затоа што нејзина членка и кандидат-земја се засегнати, па ако ескалира непријателството, Унијата долгорочно ќе ги чувствува последиците. Затоа наместо да инсистира на францускиот договор, ЕУ треба да предложи одвојување/раскинување (de-coupling) на пристапниот процес и историските прашања, на кои многу поповикани се да помогнат ОН; ОБСЕ и Советот на Европа. Но под чадорот на ЕУ, која ќе го координира целиот процес на одвојување, олеснување на дијалогот, координација со другите „чувари на галаксијата“ и финансирање на процес, кој ќе трае подолго од едно претседателство и мора да вклучува врвни експерти од областа на малцински права, справување со историјата, антрополози, лингвисти, историчари, помирувачи, преговарачи… Ако Бугарија не ни е нам пречка на патот кон ЕУ (а ЕУ може лесно да го изведе тоа), лесно ќе дискутираме за јазикот и историјата – вели Ида Мантон.