Среќни Финци и несреќни Македонци

Дали и колку сме среќни? Како тригодишен просек (2020 – 2022), рангирани сме на 87-то место од 109 опфатени држави и малку сме „посреќни“ споредено со претходниот тригодишен просек (2019 – 2021) од 146 опфатени држави, каде што бевме рангирани на 89-то место. Клучни фактори на влијание: приходи, здравје, имаме некого покрај себе за да се потпреме, чувство на слобода за носење клучни животни одлуки, великодушност и отсуство на корупција. Македонците се длабоко потонати во незадоволство и очај. Според мерењата и премерувањата, македонскиот граѓанин во основа е многу незадоволен и несреќен човек. Згора на тоа, тој е и религиозен, и молчелив, и трпелив, и уплашен. Според домашните „медиумски експерти психолози“, тие својата несреќа ја чуваат љубоморно само за себе и за својот потесен семеен круг и ако треба, македонското „човече“ ќе се истурело на своите, но нема да дозволи да се срами на улица.
Хм! Хм! Уште една дијагноза во низата срамни, површни, душегрижни прикази, неразбирања за меката природа на Македонецот, неговиот космополитски дух, расположение, карактер, но и неговото трагично чувствување на светот, сохрането во пластовите народни умотворби и вткаено во волшебните македонски балади и пеења, од кои извираат доблеста и мудроста според која среќа ниту, пак, вечна пролет не постојат. Постојат само проблесоци и мигови на радост на трагичниот фон на минливоста и заборавот.
Бочен удар врз читателското достоинство во вид на журналистичка дијагноза и уште едно погрешно сфаќање и толкување на меката природа на Македонецот. Резултатите од истражувањата со раширени раце ги дочекаа домицилните журналистички месии и гатачи и катастрофичари и, според извесни мислења и пишувања на „експерти“ и психолози аматери, Македонците се принудени со убедлива глума да си ги обезбедат лажниот социјален мир и лажниот привид за функционирањето на институциите на демократијата, сето тоа како перверзна фарса од „патриотски причини“. Сите заедно заробени во своевиден театар на апсурдот глумат и само ја потенцираат вистината дека Македонија денес не е само бивша туку е несреќна, тажна, мрачна и тотално лажна република.
И така, тука веќе сѐ е лажно: парламентот е сосем празен и лажен, судовите и судските процеси се монтирани, човековите права се декларативни, работничките права се непостојни, лажна ни е културата, лажна е и науката и лажни ни се и здравството и образованието. Лажен е секој квадратен сантиметар од архитектурата, на монументално глупавите државни згради, лажни се спомениците на минатото, а лажно е веќе и нашето минато, поради што е лажна и практично непостојна и нашата иднина.

Според анализите на „експертите психолози“, во македонската перверзна измамничка фикција – активно учествуваат и нашите странски набљудувачи, кои во своите оцени бесрамно ја фалсификуваат и разубавуваат нашата стварност во нивните извештаи, за „бавниот“ раст на економијата, опишувајќи го со еуфемизми нашиот перформанс и ни ги „даруваат“ оцените и потврдата за кредитниот рејтинг.
Повторно, бочен удар врз читателското достоинство во вид на журналистичка дијагноза и уште едно погрешно сфаќање и толкување на меката природа на Македонецот, повторно обид да се испровоцира и испреврти логиката за неговата пословична трпеливост, мудрост, како немање критичка свест и сопствен став кон реалитетите итн. Се пишува и се вреска за сѐ и сешто освен за убавите работи, кои верувам ќе нѐ направат подобри луѓе, подобри сограѓани, соседи.
И така, редум недоглед од „пригодни“ колумни, текстови, блогови, реакции, описи за Македонија во која се живее како во услови на „гасна комора, владеат неслобода на говор, медиумски мрак, диктатура“… и уште ред грди слики пред глобалниот поглед. Со усти полни мрачни квалификации за сопствената земја од устите и перата на „самопрогласени аналитичари експерти“ за македонските расположенија, поранешни високи функционери, амбасадори, директори на државни институции, новинари, истакнати личности од јавниот и општествениот живот, најголем дел од нив никнати и раснати и пораснати под ова исто небо, во систем на полувековен бескласен непотизам, потомци и привилегирани следбеници на светлите традиции на ослободителната антифашистичка епопеја и така недоглед незадоволници од денешницата, што го пополнуваат мозаикот со фрустрации, незадоволство заради губење на привилегиите, нарушениот децениски комодитет. Сѐ во име на народот, демократијата, слободата и заради необезбедена широка граѓанска согласност, широка расправа, политичка консензуална согласност за сите прашања, од донесување буџет до одобрение и согласност за секој камен-темелник, чешма, камбанарија, црква.

Лошата слика и плукањето и бербатењето на својата земја на разните форуми, јавниот дискурс, блогосферата, како политичко несвесно, барабар сосе лицемерство и со глобалистичката сурова неминовност, сето тоа впрегнато влегува во редовните глобални анализи за несреќата и очајот и им оди во прилог на оние што континуирано низ годините и вековите на овој мал-голем народ и митски простор се обидуваат којзнае по кој пат да му ја одземат и реконфигурираат надежта, јазикот го дели на две, да се сотре „зборот“, да го разнебити историското паметење за да се обезличи и оневозможи иднината и да се претвори во вид на геополитички фрактал, што подмолно ни се поттура и нуди како замена за оној останат дел од вечноста и спонтаноста, насловен како Македонија.
Во демократските општества ваквите извори и автори и нивните недоумици се третираат институционално. Народот, во чии име се колнат, се прашува. Тој суди и пресудува на демократски избори. А што се однесува до рејтинзите и индексите за „утеха“, еден стих од рускиот волшебник на поетскиот збор Михаил Јурјевич-Лермонтов: „Тагата е несреќа на чувствителниот свет“, а што се однесува до среќата, таа постои само во вид на среќни мигови и е во обичните нешта. Виртуелниот привид одново нѐ обзема и со она малку остаток на спонтаност, се претвора во наша единствена емоционалност. Надежта ги насетува неограничените можности во масмедиумската симулација и по сопствен избор ги вградува во сопственото битие.
И за крај.. „Мастерклас на среќата“, како што е насловена програмата на „Посети ја Финска“, е предвидено да се одржи во текот на четири дена во јуни, во одморалиштето Куру. Водичот ќе ги покрие сите трошоци за пат и за сместување, кои вклучуваат приватна соба, пристап до приватна сауна и спа-центар, и сите други „суштински капацитети“, се посочува на веб-страницата на водичот. Патувањето вклучува сесии со фински експерти за луѓето да се запознаат со занаетите, храната, благосостојбата, здравјето и балансот. И сосема за крај… СРЕЌАТА Е ВО ОБИЧНИТЕ НЕШТА… сонг од пред години… https://www.youtube.com/watch?v=frWcRBWVPvY&t=4s