Човек како мене, кој врши јавна работа, мора да има ум и стомак за да издржи критики, напади, обвинувања, па дури и навреди и клевети! Ако за кажан збор во врска со тоа што го правиш лесно ти паѓа „крстот од чело“, тогаш ти не си за таа работа! Научив со време дека дури и кога „ќе ми падне крстот од чело“, ако сакам да си го носам, ако сакам да бидам – со крст на чело што се вели, тогаш мора да се наведнам, да си го земам крстот од прашината, да го истресам, да го бакнам и повторно да го вратам на она место што се определува како чело! Нема друг начин. Мора сам да го направиш тоа. Прашање на избор е. Ти паѓа крстот, го оставаш во прашината, заминуваш и готово! Никој повеќе нема да те спомне, ниту тебе, а ниту твојот крст. Значи, ми паѓал тој крст многупати, сум си ги разранувал колениците од паѓањата, сум си го вадел крстот од калта и сум си го ставал на чело – до следното паѓање!
Бев и сѐ уште сум обвинуван дека сум одговорен за медиум што нелегално, нелегитимно, неморално и неправедно шири лаги и клевети со кои ги руши угледот и интегритетот на лидерот на опозицијата во Македонија и на неговите соработници, соистомисленици, сопартијци и поддржувачи, за што пред надлежни органи поведоа соодветна законска постапка! Имаат право на тоа. Во ред е, се работи за политичка партија. Политичките партии имаат легално и легитимно право да напаѓаат, да обвинуваат, да етикетираат, да стигматизираат, па дури и да прелажат во врска со некои настани или некои луѓе. Да не идеализираме! Политиката не е религија. Партиите не се цркви и џамии, а лидерите не се попови и оџи. Политиката и медиумите се гадна и непријатна работа, драги мои. Во жарот на личните или општите убедувања, во светот на политиката и медиумите се кажувале, се кажуваат и ќе бидат кажувани работи што времето ќе ги потврди или ќе ги отфрли. Како и за многу други животно важни нешта, единствен фактор што може да ги вреднува и категоризира е проклетото време. Па така, во политиката и во медиумите мора да помине време за да разбереме дали тоа што се кажува и прави е вистина или лага. Нема како да се знае во моментот додека се кажува. Тоа е! Политиката и медиумите се прашање на верување и доверба. Точка по темата. Сѐ друго се заблуди и бесмислици. За да бидат потврдени сите оние работи што лидерот и партијата СДСМ ги кажуваат во врска со Алфа и со нас што во суштина го правиме тој медиум, за да биде докажано или одречено – потребно е да помине време. Поради таа логика ќе се воздржам да зборувам за сето она што за нас беше кажано во последните неколку недели, затоа што не постои факторот – одминато време. Во изминатите седум години, таа политичка партија, предводена од тројца лидери, за Алфа и за мене постојано ги зборувале истите работи, а некои ги преповторувале неколкупати годишно, но на крајот од сето тоа ништо не се покажало како вистина. Слободно може да изведам заклучок дека, досега, тие за нас зборувале лаги! Кажеле па излажале, отишле на избори па изгубиле – бидејќи лажеле. Ние сме кажале, било вистина, па сме ја зголемиле довербата преку рејтингот и бројот на гледачи – бидејќи сме ја зборувале вистината! Во овој дел од нашите меѓусебни односи, во демократија, во земја со слободен јавен говор, не можам да разберам зошто се незадоволни и бесни кога овие правила на игра се познати и озаконети како добри практики, а тие ги прифатиле и учествувале во играта. Јас, драги мои, не се лутам за ништо кажано и направено од нивна страна. И покрај препораките дека постои правна основа, немам намера да поднесам тужба за ниту една клевета што Венко Филипче или неговата партија ја изрекле или во иднина ќе ја изречат јавно против мене или против телевизија Алфа, сѐ додека јас одлучувам за тоа! Судовите во ова земја се политичка сопственост на таа партија и јас во нив не верувам. Да можат, тие судови би ме осудиле мене за тоа што сум се родил во работен ден, рано наутро. Сакам да се држам подалеку од нив и од нивните обвинители, од нивните судии и од нивните судови! За мене, во ова работа има само еден судија – времето!
Ги следам со години лидерите на СДСМ и нивните соработници како нѐ определуваат телевизија Алфа, мене, уредниците и новинарите како противници, па дури, замислете, и како политички и животни непријатели! Страшно е колку немаат поим што прават? Зарем навистина мислат дека ако ги контролираат или ги затворат медиумите каде што работиме, тие ќе нѐ замолчат и нас? Алфа е само лист хартија во Централен регистар! Алфа е само фреквенција во етерот со писулче од ААВМУ. Алфа е само лого што стои горе лево во аголот на телевизискиот екран! Суштината се луѓето, оние што ја прават Алфа. Боже Господе, тие мислат дека ако не постои телевизијата нема да постоиме ние и нашето мислење за нив и нивните политики? Тие се убедени дека ако го нема медиумот ќе ги снема и оние што јавно и без страв зборуваат за своите идеи и убедувања, различни од нивните. Особено денес, кога социјалните мрежи и дигиталните платформи му се достапни секому и во секое време. Не ми е јасно како не можат да разберат дека тие немаат проблем со медиуми – туку со луѓе! Триесет и кусур години не можат да сфатат дека нивните непријатели не се партија, институции, организација, весник или телевизија. Нивниот непријател е идеја! Нивниот непријател е невидлив и видлив во исто време! Нивниот непријател е материја и дух, во истото време! Нивниот непријател се неправдата и болката што ја предизвикувале и сѐ уште им ја предизвикуваат на сите оние што не ги споделуваат нивните лаги, измами и предавства. Била не била Алфа, биле не биле други медиуми, ова што го зборувам денес сум го зборувал јавно и пред Алфа. Пред дваесет, а богами и пред триесет и кусур години, во трета година гимназија, во далечната 1987 година бев повикан на одговорност поради зборување и пишување против оние што тогаш и денес ги нарекувам исто и припаѓаат на истата мизерна псевдолева црвена буржоазија! Тие што ме познаваат го паметат ова. Зарем навистина во СДСМ мислат дека ако ја замолчат Алфа ќе ме замолчат мене? Боже, лудости! Тие мислат дека ако немам поддршка од организација или ако не земам плата, нема да го зборувам и нема да продолжам да го правам тоа што го мислам? Зборувам и пишувам затоа што верувам во идејата дека тие се најголемото зло што им се случило на оваа земја и на овој народ! Сум зборувал и сум пишувал за ова кога не сум познавал ниту еден човек од ВМРО! Ниту еден. И кога не сум работел во медиуми. За мене ова е лична идеја. Лична борба! Дури и да нема медиуми, дури и да нема други луѓе и организации, јас ќе го правам ова сам! Без пари. Ќе пишувам графити! Ќе пишувам песни. Ќе играм оро. Со или без музика. Сеедно ми е. Не знам како не разбирате дека ова нема никаква врска со ВМРО? Најсмешно ми е кога зборуваат дека од „центарот за комуникации“ ми нарачувале прилози и теми насочени против нив! Тие што знаат – знаат дека ниту јас, а ниту уредниците во Алфа немаме комуникација на тема прилози во информативна програма на Алфа! Лажам?! Океј, кој верува – верува?! Кој не – негова работа! Кога ќе дојдам дотаму, некој од партијата да ме повика за да ми „објасни“ кои сте и што сте вие, ќе си отидам од телевизијата додека сте кажале Алфа! Толку ќе биде со мене и со Алфа.
Не знам како не разбирате дека ова нема никаква врска со ВМРО? Ова нема никаква врска дури ни со Македонија? Не знам како не сфаќате дека еден ден, ако го снема ВМРО, дури ако ја снема и Македонија, а вие сѐ уште некако и на некој начин постоите, борбата против тоа што сте, тоа што го претставувате и протежирате ќе продолжи – како досега! Како и пред 23 октомври 1893, како и пред 2 август 1944, како и по 8 септември 1991! Оти вие и вашите намери не сте од вчера! Оваа подла мижитатара ја играте од Берлинскиот конгрес, преку Сан Стефано и Версај, па сѐ до ден-денешен. Во овие сто и педесет години само конвертирате од „фили“ до „мани“, од леви до десни, од фашисти до комунисти и демократи, а се едни и се исти! И да, колку и да трае ова, на крајот ние ќе победиме! Затоа што ова е борба на идеја и идеалисти од една страна, наспроти трговија и трговци од другата страна! Еден ден ќе нема кој да ви плаќа за лагите и измамите што ги нудите по тезгите на политичките пазари. Еден ден ќе ги снема сите „шути и рогати“, како што ги нарековте оние дробни платеници што излегоа да се борат наместо вас и во името на една шарена заблуда знајно-незнајно, волно-неволно ни ги направија најголемите зла и најголемите болки нам и на нашите семејства! Еден ден ќе нема кој повеќе да стравува од удби и амбасади, од кодошења, од уцени и присили! Ова ќе се случи, порано или подоцна, трпението и истрајноста во борбата ќе нѐ спасат. Затоа и не се плашам од вас, од вашите закани, од вашите обвинители и обвинителства и од вашите судии и судови. Денот кога застанав спроти вас, знаев што ми е судено! Не жалам ниту за еден миг потрошен во ова борба. Се чувствувам достојно со секоја нова добиена, но и со секоја изгубена битка. Се куражам од секоја лузна на лицето и душата. Се надевам само дека времето и неговиот суд, еден ден, со или без мене, ќе пресудат дека ова било праведна борба. И дека јас сум бил праведен со вас.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на Универзитетот „Еуропа прима“

































