Република Северна Македонија ќе престане да постои

Република Северна Македонија не може да постои како демократска заедница на слободни граѓани. Република Северна Македонија не може да се состави себеси во една целина за што и да е, и во што и да е. Република Северна Македонија ќе умре. Ќе колабира. Ќе се урне. Едноставно ќе престане да живее. Како стар и изнемоштен слон. Ќе застане и ќе умре. На нозе! Како на фотографија на Нешнл џеографик. Ќе биде тоа неубава смрт за гледање. Република Северна Македонија ќе се распадне не затоа што е пропадната држава, онака како што Френсис Фукујама го дефинира проблемот со државите како нашата, туку затоа што оваа земја е самозамислена и неостварлива. Република Северна Македонија ќе умре од причина што нема жив организам што сака да живее во таа општа форма на живот. Република Северна Македонија е измислица, создадена сосила, како преодна фаза што ќе резултира со распад и новораѓање на она што од неа ќе остане. Република Северна Македонија е лага во која не веруваат дури ни тие што ја измислија. Како поинаку можете да го објасните незапочнувањето преговори за членство во ЕУ по сѐ што се случи од војната во 2001 година, па сѐ до договорот од Преспа? М?
Република Северна Македонија ќе се самоукине од една и единствена причина: никој нема идентификација со неа! Точка. Не може и нема да постои нешто на кое вие не сакате да му го кажете името. Неименувањето на нешто означува состојба на неприфатливост на тоа нешто, на одбивање со него да воспоставите однос како со нешто реално и постојно како такво. Дистанцирањето од именувањето на некоја заедница не означува ништо друго, освен сосема јасен и сосема недвосмислен однос на отфрлање на таа заедница како простор во кој вие го определувате своето постоење. На овие простори, драги мои, ова не е ништо ново и ништо непознато. Нема како, ќе мора да се повикаме пак на минатото, ќе мора секој понеделник да ве потсетувам дека сѐ што ви се случува денес е последица на нешто што ви се случило вчера, а ќе ви се случи и утре повторно ако го игнорирате тоа и денеска.

Со ред. На први декември 1918 година, веднаш по завршувањето на Првата светска војна, конституирана е државата Кралство на Србите, Хрватите и Словенците. Иако од таа војна Србија излегува како победник, таа се откажува од својот државен континуитет, следете ме внимателно, Србите, кои некои ги нарекуваат најголеми националисти, се откажуваат од својата национална држава и заедно со дотогаш формално непостојните нации Хрвати и Словенци формираат заедничка држава. Во таа држава, за првпат во историјата, Хрватите, а посебно Словенците, кои во тој момент се само околу еден милион жители, имаат можност да му се претстават на светот како одделни нации со свои посебни идентитети, различни од српскиот и да се самоидентификуваат и развиваат во една, сепак голема заедница што била формирана, внимавајте: заради мир и економски и социјален развој на целиот регион. И веднаш започнале проблемите, па во 1921 година е донесен устав на Кралството СХС, со цел да се дефинираат и озаконат правата и обврските на најголемите заедници на тоа кралство, кои доброволно се обединиле во една држава. Ама нејсе, секоја од заедниците барала нешто повеќе и нешто подобро за себеси, на сметка на другите.
Оние што ја формирале таа држава, ете ви ги истите до ден-денешен, Англија и Франција, свесни за комплексноста и неодржливоста на таа држава со недефинирана општа идентификација за сите, во 1929 година го поддржуваат кралот Александар Караѓорѓевиќ во идејата да создаде сосема нова држава со сосема ново име Кралство Југославија, со едно и единствено од државата определено идентификување на сите граѓани, внимавајте, како Југословени! И, што? Ништо. Никој не бил задоволен од тоа да биде Југословен, па на 6 јануари истата година, кралот воведува диктатура, со која ја суспендира демократијата во земјата, со цел да ја одржи како една целина, сега наречена Југославија. И, што? Ништо. По падот на диктатурата поделбите си продолжиле, па проблемот го гледале, пак оние истите Англија и Франција во донесување нов устав! Ете ти ги, Уставот им е крив. И во 1936 година е донесен нов устав, со ново, внимавајте сега: територијално распределување на државата по систем на бановини, кои се наречени по големи реки што течат во тие региони. И, што? Ништо.

Никој не бил задоволен и никој не се идентификувал со државата и со нацијата, која на 6 април 1941 година ќе се самораспадне и ќе престане да постои во еден ден! Ете така, како никогаш и да не била. И тоа, драги мои, не било доволна поука, па истите тие Англија и Франција, неколку години подоцна во 1945 година ќе го поддржат создавањето на Социјалистичка Југославија, внимавајте, повторно со истите изговори: создавање мир и економски и социјален развој на целиот регион. Сите знаеме како заврши таа заедница. Во крвава војна, рушевини и пепел. Во никому неважна пропаст умреа и остатоците од неа наречени Сојузна Република Југославија и Заедница на државите Србија и Црна Гора. Иако, за разлика од поранешната, монархистичка, комунистичка држава Југославија имаше исклучително голем опфат на права и слободи на сите нејзини граѓани да се самоорганизираат и самоидентификуваат онака како што сакаат.
За првпат, во таа земја, во тој опфат беа вклучени и Македонците и Албанците. И нема како да го негираме фактот, дека во таа Југославија, токму Македонците и Албанците можеа да ги остварат и оние вистински економски и социјални придобивки. А богами и мирот, го почувствуваа четириесетина години. Да не се лажеме, Косово и Македонија од Втората светска војна излегоа од феудализмот и се кренаа од дното на светот. И стигнаа до таму каде што стигнаа. И таа држава се распадна, не поради економски причини, како што ве лажат разни Заевци, Тачевци и Пендаровци, оти знаеме дека во таа земја тие што некогаш немале леб да јадат, јадеа чоколади „нестле“, пиеја сокови „фруктал“ и носеа патики „адидас“! И истите тие Македонци и Албанци не беа задоволни од таа Југославија и учествуваа во нејзиното распаѓање. Особено Албанците. Тоа што сега истите тие Англија и Франција ви кажуваат дека ако се откажете од идентитетот и го прифатите новиот идентитет на државата Република Северна Македонија ќе се случи ренесанса и ќе се овозможат услови за, бидете така и следете ги фразите: да се остварат мир и економски и социјален развој, оти како што рече другарот Костадин Костадинов, името ли ќе го јадете?! Сега, што? Ништо.
Република Северна Македонија не постои. Република Северна Македонија е самозамислена заедница што е конституирана од Англоамерика и Франција со една единствена цел, заштита на нивните интереси во однос на геополитичките игри со Русија и посебно со Кина. Република Северна Македонија не е природен израз на потребите на граѓаните да се самоорганизираат во заедница што ќе се определува како држава со која тие ќе имаат идентификација? Република Северна Македонија е држава со која не се идентификуваат три четвртини од нејзините државјани. Ги молам сите умови творци и поддржувачи на Република Северна Македонија да ми објаснат, но со свои зборови, за да можам да разберам, како од утре, веќе и со блескавите резултати од пописот, ќе тргнете кон, внимавајте пак на фразичките: мир и економска и социјална благосостојба, ако тие што треба да ја создадат и да живеат во таа благосостојба не се идентификуваат со местото каде што таа благосостојба треба да се случи? Зошто некој би се венчал, би раѓал деца, би почнал бизнис, би отворил фабрика, би купил стан или би градел куќа ако не сака да му го каже името на тоа место? М? Вие сте луди.

Република Северна Македонија нема да се распадне заради тоа што Албанците ќе се одделат и ќе направат федерална држава. За десет години, на следниот попис, во Македонија Албанци нема да има, ќе се иселат во Германија и Швајцарија, не затоа што некој ќе ги избрка од тука, туку затоа што тие немаат никаква идентификација со ова држава. Република Северна Македонија за Албанците е само преодна фаза од раѓање до емигрирање. Република Северна Македонија дури и за Македонците денеска е само имитација на животот, а не живот сам по себе. И, да бидам најискрен, колку побрзо се распадне, толку подобро за неа. Она што ќе остане, е тоа ќе биде добар почеток на една надежна приказна. Повикувам ли на уривање на Република Северна Македонија? Не. Нема што да се урива. Ова е урнисано. Само што не ви кажале од Брисел и од Вашингтон. Имам чувство дека дури ни на Таче не му кажале. Но кај и да е, ферманот ќе дојде! Лажете се дотогаш. На почетокот, самозалажувањето не боли. Слатко е. На почетокот.

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и универзитетски професор