Горан Ѓоргоноски

Колумна на Горан Ѓоргоноски во две продолженија

Разбирам и ривалство и борба за титула и револт и алергија (или осип на кожата) кон доскорешната ракометна влада, која е инкорпорирана во клубот од Автокоманда, но мораме да имаме мера и граница, особено кон оние што нешто направиле за оваа држава. Па имал тој некој и „лимон“ карактер и амбиција да ги контролира работите во стилот на „узорот“ од Умаг

ПАСХА или Велигден, најголемиот христијански празник, кој означува Христово Воскресение. Симбол на верата, и како што самиот збор Пасха или еврејски Pesach, значи „преминување“ од смрт во живот, односно воскресение. За мене лично, некогаш, нај веселиот период од годината, именденот на мојот покоен татко Паско, како своевидна свадба, во домашни услови, на која и претходеше едномесечна „вонредна состојба“ на средување на куќата и подготовка на се што треба да излезе на трпезата.

Честит Велигден на сите оние кои го слават, посакувам здравје, љубов и благосостојба!

Во чест на Пасха и именденот на мојот татко, а силно мотивиран од прексиноќешната претстава на нашиот Алкалоид во полуфиналето од ЕХФ купот, против силниот Рунар Сандрерфјор, предводен од живата легенда на светскиот ракомет, Бјарте Мирхол, како против тежа на нашиот Кирил Лазаров, на другата страна и пласманот на младите ракометари на Пелистер на фајналфор турнирот во Келн, по долга пауза се „фатив“ за тастатура. (Пре)многу настани, натпревари, ситуации, за период од неполн месец од како ја напишав последната колумна „после Романците“, а имам чувство како да поминала цела година.

Поради обемноста на материјалот, оваа колумна решив да ја напишам во две последователни продолженија, од кои првото продолжение ќе оди денес.

Првата колумна ќе го опфати „патувањето“ и патешествијата на Алкалоид во домашниот плејоф, како екипа која ги одигра сите (или скоро сите со исклучок на гостувањето на Пелистер во Охрид) значајни (од аспект на распределба на трофеите) натпревари периодов, а во втората за настапот на „тимот од Автокоманда“ во ракометна Европа, после +5 од првиот дуел со надеж ќе остане „жива“ во Европа и по крајот на април. Исто така, пишувам и за состојбата во мак ракометот и за подвигот на младите Битолчани и пласманот во Келн.

Стартува првото продолжение . . .

Од последното мое „јавување“ со колумна, стартуваше плејофот, со гостување на Алкалоид во „Јане“, но и во Битола и Охрид, како убава најава за европскиот супер-предизвик против норвешкиот Рунар. Респектабилно густ распоред на квалитетни и важни натпревари дури и за екипа со фудбалски ростер на играчи, во однос на бројност, особено ако се имаат во предвид проблемите со повредите кои тимот од Автокоманда ги има(ше) периодов.

А како се справи овој релативно млад состав на играчи со горенаведениот предизвик?

МАКЕДОНЕЦОТ МОРА ДА ГИ ПОЧИТУВА ОНИЕ КОИ НАПРАВИЛЕ НЕШТО ЗА ДРЖАВАТА

На стартот, во „Јане“ без поддршка од голмани, „испукувајќи“ се што има од својот арсенал, во однос на расположливи зони, Лазаров долго беше во игра, благодарение на двоецот Ѓоргиев – Стојковиќ, но на „нападoт од надвор“, со тешка артилерија, предводена од Борозан и Хорига, не успеа да одговори адекватно и загуби (пре)убедливо. Во игра беше и поради фактот, дека Сињор Милано експериментираше со зоната во која го немаше Аларов, како партнер на Мечка Лазаревски. Кога тие двајца се „споија“, „промајата“ во зоната на „двократниот“ исчезна и се беше полесно или потешко, зависи од која страна на реката Вардар функционираш и твориш.

Нејсе, мојот впечаток е дека Алкалоид играше многу посодржајно во напад, многу повеќе „работеше“ за секој погодок, наспроти индивидуалните решенија на Вардар, игра на сиров квалитет кој го имаат Борозан, Лазаревски, Хорига, Џомба Георгиевски и останатите.

За разлика од „Јане“, во „Боро Чурлевски“ беше друга приказна. На лице место, уште еднаш се уверив во љубовта на Чкембарите кон битолскиот спортски бренд, омразата кон скопјани и „нивната држава“, но искрено (не) ме изненади непочитувањето кон најголемиот спортист кој го имала Македонија последните сто години. Разбирам и ривалство и борба за титула и револт и алергија (или осип на кожата) кон доскорешната ракометна влада, која е инкорпорирана во клубот од Автокоманда, но мораме да имаме мера и граница, особено кон оние што нешто направиле за оваа држава. Па имал тој некој и „лимон“ карактер и амбиција да ги контролира работите во стилот на „узорот“ од Умаг.

КОЛКУ КОШТА ДА СЕ ПЛАТИ, ФИТИЉ ДА КЛАВА ГОЛОЈ ОД НАША СТРАНА?

Што се однесува до самиот натпревар, во кој уште пред стартот на истиот судиите што „свирнаа“ или „не свирнаа“, беа главна тема, во ситуација на „лоши“ одбранбени зони на двете страни, слаби бројки на голманите, техниките грешки беа тие кои го носеа Пелистер до сигурна победа. Натпревар на кој Мистер Раул почна „да вади рогови“ и покажува фалинки, да презентира дилетантизам, во ситуација кога со „рацете во џеб“ и директ од кафеана сакаше да му се спротивстави на Кирил Лазаров. Покрај добрата атмосфера во тимот, која Мистер Раул очигледно знае да ја направи, и која не е неважна, не е на одмет овој Пелистер да почне да игра ракомет, надвор од индивидуалниот квалитет на поединци и тактика „ко му иде“. Алкалоид повторно подобро играше на поставен напад, тактички подобро подготвен, одлично користи транзиција и „трча во грб“ на противникот, но нема(ше) играч како Фитиљ на своја страна, за да може „да се прошета“ низ Битола. Убеден сум во тоа.

Прашање за Борзаш, Тајник, Хосни и останатите: Колку кошта да се плати, Фитиљ да клава голој од наша страна?

п.с. Битолчани се пред промоција во однос на титулата, иако има уште „за орање нивата“. Но, ова што го видовме во Кавадарци, Охрид и дома со Алкалоид треба да го вклучи алармот, пред да биде касно, во случај на пораз во Автокоманда и победа на лутиот ривал во истата таа сала. Зависноста на тимот ВО ПОЛЕ од еден играч, и незаинтересираноста или не дај Боже, неквалитетот на останатите играчи ВО ПОЛЕ, не состојба која е посакувана за (нај)големиот ракометен бренд во државата. Толку.

ГРАДОТ ПОКРАЈ ЕЗЕРОТО НЕ ЗАСЛУЖУВА ВАКОВ ОДНОС ОД ИГРАЧИТЕ

„Биљанини извори“, како следна станица на „децата на Лазаров“, пак покажа или потврди уште еден факт. Тимска игра на супер високо ниво, при која „обичен“ (па и оние со изострен вид) гледач на ракомет, многу тешко ќе глорифицира одреден играч, како супер квалитет на тимот од Автокоманда. Се разбира Симба, во отсуство на ракометниот Брус Ли, покажа дека зрее во најдобар организатор во мак ракометот, отфрлајќи ги сите сомнежи околу моменталниот квалитет и споредби со одредени играчи, на негова позиција, кои или играат во неконкурентни екипи или не добиваат минутажа во оние кои се борат за титулата. Симба континуирано „расте“ и се подобро слуша и извршува тактички замисли на „шефот“. Подготвен е да носи екипа, и ако е нешто добро во лошата повреда на Марко Митев, тоа е принудната ситуација на Ѓоргиев да носи екипа и созрева во сериозен ракометен репрезентативец.

Што се однесува до самиот натпревар, ми се потврди тезата дека Охрид игра најлош ракомет во државата, од засега непознати причини, со многу странски (не)квалитетни ракометари во тимот. Навистина е неверојатно, како тренер како „стариот“, за кој имам супер високо мислење во однос на струка, ја донесе работата, „екипата да не му гине“, да се шетаат по терен и да чекаат да дојде јуни, да соберат арачот и да фатат магла. Немам информација искрено, но овој тим заслужува минимум -30% од плата. Вакво однесување на странски играчи (па и македонски, да не останеме покуси) може да се толерира само во Македонија, која стана „крава музалка“ за скапи второ и треторазредни странски играчи.

МАКЕДОНСКИОТ РАКОМЕТ ВО ПАТ ПОЗИЦИЈА

Македонскиот ракомет се наоѓа во чудна ситуација. Четири клуба трошат сериозни (за македонски услови) средства на купување играчи, од кои три клуба купуваат едно чудо странци, а четвртиот пазари Македонци кои играат во останатите три клуба. Правилата викаат дека максималниот број на странски играчи во домашно првенство е осум, и од тоа најголем ќар ќе имаат добар дел просечни или млади македонски играчи и супер ветерани, кои ќе наплатат солидно, но и ќе бидат статистичка бројка. Тешко дека голем дел од нив ќе добијат шанса да играат и напреднат, но ќе бидат и тоа како задоволни со примањата, влегувајќи во комфорна зона, каде одговорноста е мала, а примањата солидни. Тоа ќе доведе до намален број квалитетни играчи, кои знаат да понесат одговорност, да добијат и загубат натпревар. Позната дијагноза од македонската кошаркарска сцена!

И се додека на некој „добронамерник“ не му текне да ја тргне „високо“ поставената летвичка од 8 странци во домашната лига.

Тогаш го обравме бостанот!

…Утре следува второто продолжение со наслов: АЛКАЛОИД ЌЕ „ТРЧА“ ДО ФИНАЛЕ, БИТОЛА ДЕМОСТРИРАШЕ РАКОМЕТЕН ТАЛЕНТ!

Горан Ѓоргоноски
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете