Можеби пописот од денешна перспектива изгледа како ланскиот снег, поради најавите за уште едно-две менувања на Уставот, безброј скандали и скандалчиња, заканите по слободата на мисла и говор од министер за полиција и обвинителство, нова набавка на оружје од САД (немаме за леб, а купуваме „чоколади“) итн. Освен тоа, веќе се изредија и попис-бранителите и оние што уште пред една година навестија што ќе се случува. Но колумнава ја имав напишано уште минатата недела, па еве ја како запис за мојот однос по ова важно прашање. Да се разбереме, колумната не е оплакување над резултатите од пописот! Напротив, добивме очекувано салдо на една однапред позната манипулација и меѓуетнички договор. Секој што беше и малку рационален и свесен за инженерингот испланиран уште при донесувањето на законот (ако не и порано, за време на создавањето на владината коалиција), не може да биде изненаден. Оние 7 отсто што одбија да се попишат и да легитимираат фарса, издржаа и трпат притисоци и закани (бидејќи државата точно знае кој е попишан, а кој отпишан – и како).
Над истурено млеко не се плаче, бесполезно е. Требаше да се реагира жестоко за да не се дозволи попис заради попис и местенка заради етнички привилегии. Слушајте ги политичките вербални акробации од типот: важно е дека сепак имаме (каков-таков) попис, не сме меѓу неколкуте држави без попис, не сме Либан, пописот е според сите стандарди. Портпаролката од Брисел во орвелијански стил објасни дека Северната ШИРОКО се усогласила со „релевантните стандарди“ за пописи (значи, одоколу, „округло, па на ќоше“). Најдалеку отиде платениот (словенечки) експерт, кој во занес ја посочи „брилијантната идеја“ за опфаќање на нерезидентите (дијаспората), иако тоа е незамисливо во неговата земја, во ЕУ или каде и да е во светот. Најдолу отиде лидерот на опозицијата, кој (парафразирам) кажа дека не е важно што мислиме за резултатите и за начинот на кој е изведен пописот, бидејќи тие во согласност со законот ќе важат – сѐ додека тие не дојдат на власт! И секако, ги обвини оние 7 отсто што не се попишале и не се обединиле околу неговата партија (бројката од 130.000 луѓе очигледно има голема политичка тежина). На Апостол е применлив афоризмот на славниот Владимир Булатовиќ Виб: „Статистика – наша дика, што пожелиш то наслика“. Човекот е марионета, исполнува желби на своите политички и етнички господари. Кога ќе го фатите во фрапантна манипулација (во броењето на верниците), тој вели дека луѓето се криви што не знаат дали се христијани или се православци. Прекуноќ во графата на атеистите настана „божје чудо“: бројката од 350 скокна на 8.600 (на туѓа сметка). Една од најфрапантните работи што ги илустрира пописот се неукоста и неписменоста што владеат во државните кругови. Од Хари Кришна (?! Можеле и Мата Хари да напишат), до агностиГ, па манипулациите со христијаните и атеистите во заграда. Ништо чудно, нè водат полуписмени вождови, нè попишувале уште понеписмени овчари. Дали некој сериозно мисли дека ним им се важни статистичките податоци за креирање рационални и добри јавни политики? Ма, немојте да ме засмејувате! Има ли воопшто нешто планско и рационално во водењето на оваа земја, која повеќе пари вложува во војска отколку во здравство, на која науката и образованието ѝ се важни само доколку Светска банка фрли некој „масен“ проект?
Политиката одамна е скарана со разумот. И идеален попис не би променил ништо во менталниот склоп на тие што се решени на сѐ за да останат на власт. Распродаваат и живи и мртви (некои од извршителите стануваат академици), а вие очајувате што не сме токму (на број)! Тврдам дека пописот е најмалото зло што му е сторено на овој народ. Тој е дел од општиот мозаик на држава што е вејка на ветерот. Откако пропадна пописот во 2011 година (веројатно поради тврдоглавоста на Груевски), сега Ахмети немаше пречки да прогласи победа: Беше тешко, но успеавме! Дали со ваквиот отворен став тој не потврдува дека пописот немал врска со статистика, туку со етничка политика? Да! И ништо ново, бидејќи Бујар милион пати, и дома и во странство, го кажа истото тоа: Ние сме специфична држава, имаме специфичен Устав, и затоа пописот кај нас не е и не може да биде статистичка операција. Пописот (и тие близу 30 отсто Албанци, дома и надвор) е политички адут на клика што метастазира 20 години, и тоа во секоја пора на општеството. И сѐ додека етничките корени, ДНК, крвните зрнца и идентитетските одлики се поважни од напредокот на нацијата, сѐ дотогаш Македонија ќе се топи пред нашите очи (мислам на нас што остануваме тука како сведоци на последниот чин). Заради гола желба за моќ, дозволија државјанство да се стекнува со сметка за платен паркинг (иронизирам, но не сум далеку од вистината). Пописот беше реализиран на сличен начин: на ливче запишани матични броеви на одамна отселени роднини, за кои домаќинов точно знае и како се чувствуваат, и што се по вера и потекло итн. Полууки и набрзина собрани попишувачи, прекини поради пад на интернетот, однапред пополнети обрасци – имаше сѐ и сешто, како што ѝ прилега на квазидржава. Коментатор на Фејсбук духовито заклучи: според начинот на кој бил спроведен, пописот бил повеќе за отпишување отколку за запишување. Сега следува лавина на претставници на групи што не ги признаваат резултатите – од Турците, Ромите, Египќаните, Срби, МПЦ, пратеници итн.
Лично, сеедно ми е. Не можам и за ова да се вознемирувам. Ако можеа против мојата волја да ме внесат во графа на родени во Северна, ако насила и криминално ми ги сменија Уставот и личната карта, воведоа двојазичност (наспроти Уставот, законот и Венецијанската комисија), се пазарат со моштите на револуционерите, бришат споменици и спомени, кројат учебници по волја на Бугарите, дозволуваат американски профитери без тендери да градат низ земјичкава со најголем број наплатни рампи на патиштата, молчат пред корупцијата на највисоките ешалони – тогаш, зошто би се вознемирувала за пописот? Оваа и ваква држава ја чувствувам за туѓа. Можеби е добро и формално статусот да ми биде на „граѓанин од втор/трет ред“. Да не се лажеме, барем. Опозицијата е кротка како маче, си седи во Парламент и е соучесник речиси во сите законски акробации, или ако е против, сепак си останува кооперативен дел на политичкиот мозаик. Не протестира зашто имало војна во Украина, па се плаши Калето да не ја посочи како проруска сила… А тоа дека Али, Груби и 40 разбојници ќе продолжат да ја моделираат оваа аморфна маса во согласност со своите големи и влажни соништа, тоа е извесно. Сѐ додека нема отпор и сѐ додека Македонците се молат да влезат во нивната коалиција.
Потрошивме големи пари, се вознемирија духовите во барата полна крокодили (најмногу не можеа да заспијат околу „административно попишаните“, гатајќи кои ли се, што ли се, зошто ли се собрале заедно, како се дрзнале и што постигнале – речиси ги прогласија за предавници). И толку. Од утре сѐ ќе тече по старо: башибозук, корупција, градежна мафија, депонии и уништување на природната средина, неказнивост, партизација, непотизам и клиентелизам, етнички пазари и млади Македонци или Роми што ќе се пријавуваат како Албанци за да дојдат до вработување итн. Нема систем на заслуги ама баш никаде (ни на универзитет, каде што ги вработуваме најлошите студенти што докторирале со политички врски), вредностите и квалитетите на личностите нема да бидат важни и понатаму колку етничкиот „ген“ и партиската книшка. Сѐ е исто, ама попис (формално) има.
А колку сме? Токму ли сме? Колку сме не знаеме и нема да дознаеме уште долго. Дежуловиќ одамна раскажа соодветен виц, применлив и на нас: Малиот Иван добил петка по географија. Прашала учителката дали некој знае колку жители има во БиХ. Во училницата штама, а само Иван нестрпливо мавта со раката: „Јас, учителке, јас!“. „Па, колку има, Иване?“, прашува учителката. „Не знам“, гордо одговара насмеаниот Иван. „Браво“, воодушевена учителката му става петка и го прашува: „Точен одговор, но како знаеше?“. Е, така некако ќе добиваат петки и нашите ученици. Всушност, не е ни важно, бидејќи по сѐ, може ли некој да ги обвини што од најмали нозе сонуваат да заминат што подалеку. Овде царуваат феудални господари, кои кметовите си ги обележуваат со етнички бои, небаре се нивен трофеј или заслуга. Како тргнало, најголем проблем може да има Славјанка, бидејќи намалувањето на популацијата ќе се одрази на количеството на топовско месо што може да им го испорача на сојузниците. А пописот, драги мои, е само шлаканица врзана на смртно болната Македонија, над која до крајот ќе се тепаат по етничка, верска и јазична основа. Од проста причина: македонска основа не постои затоа што Македонецот е осакатен и посрамен пред себе и пред поколенијата!