Отворен или затворен Западен Балкан

Се ближи крајот на турбулентната 2022 година. Во време на економска, енергетска и социјална криза, во последниот месец од годинава нашата јавност особено беше фокусирана од пораката на новата американска амбасадорка Анџела Прајс Агелер, која најотворено ја изнесе потребата од национална стратегија за поефикасно справување со високата корупција поради потребата што побрзо да се подобри и зајакне довербата во владеењето на правото. Беше дојден и специјален тим за санкции од Вашингтон, за да утврди листа за санкционирање корумпирани носители на јавни функции во нашата држава. Се посочи дека во нашето правосудство Соединетите Американски Држави подолг период инвестирале повеќе милиони долари за да може судството да работи во интерес на граѓаните, меѓутоа очекуваните резултати неочекувано изостанале. Констатирано е дека корупцијата во нашата земја ја зголемува недовербата во судството и ги ослабува работите на јавните институции. Затоа се нагласува потребата од независно функционирање на судството во државата, но и од поефикасна борба против тероризам и перење пари. Кај нас трет месец по ред се проблематични и лажните дојави за подметнати бомби во средни и основни училишта, но и во трговски центри, градскиот стадион и хотели, висококатници, државни институции и во меѓународниот аеродром во Скопје. Дури се случи во еден ден хакерски закани да има 40 во главниот град и девет во Куманово. Во овој период вакви дојави со бомби имаше и во Кавадарци и Битола. Антитерористички проверки покажаа дека дојавите се лажни. Меѓутоа анализите со право покажуваат дека и со вака лажните дојави за бомби често се вознемируваат учениците и наставниците и влијаат на целосната реализација на наставните програми. Истовремено сериозно ги заплашуваат и родителите и создаваат страв и нервоза кај поголем број граѓани, кои се чувствуваат недоволно безбедно во својата држава. Дотолку повеќе што досега не се откриени испраќачите на ваквите закани.
Во овој месец нашата јавност беше соочена и со лесно даденото, а тешко одземено македонско државјанство на контроверзниот украински олигарх Александар Онишченко. Скандалот е за посебна приказна од повеќе аспекти. И не само тоа, во овој период на натамошно покачување на инфлацијата од најавеното намалување на цените на прехранбените производи досега остана само ветување. Во Македонија сиромаштијата и натаму се зголемува. Разбирливо, сето ова се однесува до времето кога ја пишувам колумнава. Поради тоа познавачите на оваа проблематика со право инсистираат за поголема заштита на потрошувачите, па и да се воведе замрзнување на цените на ниво од пред една или две години, односно откога започна неконтролираниот раст на цените. Вакви зафати се преземени во неколку земји на Западен Балкан.

Токму во такво време невреме деновиве се одржа и дводневниот самит на Европската Унија посветен на Западен Балкан. Интересно е што самитот за првпат се одржа во Тирана, Албанија, земја што не е членка на Унијата. Основна цел беше унапредување на соработката помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, за што се потпишани меѓународни договори со Србија, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. За овие земји е определена и помош во износ од една милијарда евра. Половина од тие средства ќе бидат доделени како итна помош за совладување на високите цени на енергентите, а другите 500 милиони евра ќе бидат наменети за инвестиции во обновливи извори и за приклучување на регионот на европската енергетска инфраструктура. На самитот во Тирана беше потпишана и заедничка декларација за поголема посветеност на Западен Балкан на демократија со фундаментални права и вредности и владеење на правото. И тука беше истакната потребата од позначајна борба против корупцијата и организираниот криминал. Во тие рамки се поттикнати остварувања на човековите права во родова еднаквост и за поправилен однос кон малцинствата на Балканот. Во тој контекст треба да се констатира дека добрососедските односи не се на потребното ниво, особено кога се има предвид актуелноста на прашањето за заштита на човековите права на македонското малцинство во Грција и Бугарија. Долгогодишните асимилаторски тенденции во овие две балкански земји-членки на Европската Унија се за секаква осуда. На самитот во Тирана е потпишана и спогодба за постепено намалување на роамингот со Европската Унија, со целосно укинување во 2027 година. Со сето ова Унијата настојува да даде поголем придонес балканските земји да бидат поподготвени за влез во европското семејство, во кое рамноправно членство имаат Грција, Бугарија, Словенија и Хрватска.

На основа на таквите постулати, претходно произлезе и иницијативата за Отворен Балкан, за да се отворат меѓусебните граници во регионот за целосно слободно движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот, како што е меѓу земјите на Европска Унија. Оваа платформа на заеднички балкански пазар се очекуваше да ја поддржат сите балкански држави што се заинтересирани за европска интеграција. Меѓутоа, за Отворен Балкан позитивно се изјаснија Србија, Албанија и Македонија, а начелна согласност за придружување дадоа Црна Гора и Босна и Херцеговина, додека единствено Косово изрази незаинтересираност и беше категорички против. Трите членки на асоцијацијата за Отворен Балкан планираат пофункционална размена на прехранбени производи и изработка на проекти за изградба на енергетски објекти и инфраструктура потребни за ублажување на енергетската криза. Приоритет доби воведувањето слободно движење со лични карти, но и реформските процеси за остварување заеднички пазари, меѓусебно признавање на високообразовни квалификации за доктори на медицина и архитекти и за забрзан регионален развој и раст. Потпишан е и меморандум за разбирање и соработка за кинематографија и аудиовизуелните дејности, а се настојува меѓусебната соработка во цивилна заштита и за помош во вонредни ситуации од пожари, поплави и слично. Сѐ почесто се потенцира потребата за создавање поголема регионална соработка на бизнисот за раздвижување на економијата заради намалување на зависноста од европскиот и друг пазар. Се налага и потребата од осовременување на граничните премини за побрз премин на патнички и товарни возила и за создавање единствени царински процедури при извозно-увозни активности.
Корисноста од регионалната соработка го потврди и Саемот на вино, храна и туризам на Отворен Балкан во Белград. Моите белградски колеги со кои неодамна разговарав оценија дека промоцијата на врвни македонски вина и производи била на потребната висина. Саемот придонел за развој на винскиот бизнис, со вмрежување со потенцијални купувачи и компании од над 200 земји од светот.
Се отвораат и можности за остварување заеднички културни дејности, но и за поголема соработка на невладини граѓански организации, како што се пензионерските сојузи и здруженија. Со зголемена осмислена соработка на сите полиња може да се поттикнува заеднички напредок на сите држави во регионот. Во секој случај, подобро е отворен отколку затворен Балкан.

Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба