Случајот со пасошите и јавната комуникација на водството на земјата дефинитивно ја отстранува можната дилема за тоа дали има пилот во авионот. Последните јавни настапи на водството целосно ги разоткриваат состојбите и тие веќе без дилема се полоши од претпоставуваното
„Има ли пилот во авионот?“ е комедија од мојата рана младост од 1980-тите, а остана како реторичко прашања кога сакаме да поентираме отсуство на водство. Но во случајот на Македонија ја поминавме точката на реторички прашања и може само да потврдиме – нема пилот во авионот! Случајот со пасошите и јавната комуникација на водството на земјата дефинитивно ја отстранува можната дилема за тоа дали има пилот во авионот. Последните јавни настапи на водството целосно ги разоткриваат состојбите и тие веќе без дилема се полоши од претпоставуваното.
Во повеќе наврати, како и во последниот коментар од минатата недела „Каков распад од невидена неспособност“, тврдам дека распадот што го гледаме на секој чекор во земјава е резултат на спиралата на неспособност и нелегитимност. Поради општата перцепција во јавноста за неспособноста на СДСМ и нивната неработливост, тешко успева да победи на избори, да го победи ВМРО-ДПМНЕ. Со спорна легитимност, особено по локалните избори, владее со сила, што уште повеќе ја изложува неспособноста. Соочувањето со неминовниот крај отвора спирала на безочно крадење, криминал и корупција.
Случајот со пасошите е јасен пример за неспособноста и за криминал и корупција. Замена на пасоши, за кои ова власт на ДУИ/СДСМ презела одговорност во период од пет години, е техничка операција. Познато е дека има околу 2,5 милиони државјани во земјава и во странство и колкав капацитет е потребен за издавање на тој број пасоши во тој период. Колку пунктови за фотографирање, колку обрасци, колку машини за печатење се потребни за издавање 2,5 милиони пасоши. Исто така е познато дека ги вршиме работите во последен момент и затоа започнувате навремена кампања за промена на пасошите. Едноставна операција! Ова се однесува на техничкиот дел, настрана политичката катастрофа за промена на името. И што прави МВР? По инерција се издаваат пасоши без променетото име следните една-две години по преземените обврски. По истекот речиси на половина на периодот почнува примена на обрасци со променетото име. Значи, сте изгубиле половина период за решавање на проблемот, а сте создале нов проблем – стотици илјади државјани со нови пасоши со Република Македонија што повторно ќе мора да ги менуваат пасошите до 2024 година. И кога на една година се гледа дека само половина од пасошите се променети, значи за четири години сте промениле половина, јасно е дека за преостанатата една година нема да може да се промени втората половина ако не се преземат вонредни мерки. Не само што не се преземаат вонредни мерки за подобрување на капацитетот туку се нарачуваат недоволно обрасци. Секако, тоа што е проблем за граѓаните за власта на ДУИ/СДСМ е можност за безочно крадење, криминал и корупција. Покрај 20 евра за пополнување обрасци и фаќање ред, сега со недостиг од пасоши се нудат истите под рака за 200 до 500 евра.
На помалку од еден месец од рокот за замена на пасошите, станува јасно дека тоа е невозможна мисија, не за рокот, туку за следната една година и дека најмалку еден милион државјани ќе останат без пасоши најмалку една-две години. И наместо решение, почнуваат кошкање и префрлање на одговорноста меѓу премиерот на Владата и претседателот на Републиката, кој треба да комуницира со Грција за продолжување на рокот. Ај да го разберам Димитар Ковачевски, премиер во заминување, но Стево Пендаровски очекува кандидатура за втор мандат. Со што ќе го бара тој втор мандат!? А во меѓувреме тие што мислат на изборите, како ДУИ и Бујар Османи, поради нивните гласачи, веќе остварија средба со Софија Филипиду, амбасадорка на Грција во Македонија.
Во комплетно изгубениот компас, Димитар Ковачевски влегува во секојдневни проѕирни лаги. Говорејќи зошто пасошите мора да се променат, а личните карти не мора, навлезе во лаги за надворешна и внатрешна употреба, како пасошите се за надворешна, а личните карти за внатрешна употреба. Комплетна лага, бидејќи и пасошите и личните карти и возачките дозволи влегоа во истата категорија за промена за пет години, бидејќи сите три документи се и за надворешна употреба. Секој што патува во регионот знае дека може да ја помине границата со лична карта. Зошто лага, и тоа не една? Прво за да се покрие дека личните карти не треба да се променат, бидејќи оваа власт на ДУИ/СДСМ зафатена со безочно крадење не го донесе законот за лични карти.
Второ дека сите три документи, пасошите, личните карти и возачките дозволи, се валидни сѐ додека документите имаат рок на важност. Повозрасните се сеќаваат дека пасошите на СФРЈ се употребуваа и по независноста на Македонија, дури и по службениот крај на СФРЈ во 1992 година. Така и сегашните документи се валидни до нивниот рок на важност. Зошто тогаш се лаже? Да не се налути Грција и поведе спор пред меѓународен суд? Или ќе ни стави ново вето за ЕУ? Затоа ВМРО-ДПМНЕ поднесе претставка до Уставниот суд за укинување на законот, со што би се овозможило пасошите да се употребуваат до нивниот рок на важност.
Зошто СДСМ ги лаже своите граѓани? Зошто не собира храброст и не ги заштити интересите на своите граѓани, кои самиот СДСМ со својата неспособност ги донесе во ваква понижувачка состојба? Многу едноставно, бидејќи нивната бесрамна понизност пред Западот, кој тие го нарекуваат „европски сили“, е единствената мантра што им остана. СДСМ попрво ќе ги оштети своите граѓани отколку да дигне глас за решавање проблем креиран од нивната неспособност. А проблемот не е геополитички, туку секојдневен, кој ќе биде на штета и на Грција поради неможноста да се патува таму.
Кога сум тука, кај лицемерството за спроведување на Преспанскиот договор, според договорот, сите организации финансирани од буџетот на Македонија мораа да ги променат имињата. И СДСМ и Зоран Заев ги принудија речиси сите да си ги сменат имињата. Ама своето не го сменија, иако СДСМ, како и други политички партии, има финансирање од буџетот. За тоа побараа, добија дозвола од Грција? Или од страв за целосна делегитимизација на СДССМ тоа не важи за нив? Како што секогаш пред избори забораваат на северна, и употребуваат само Македонија. Не само неспособни и корумпирани и без интегритет, туку и без минимум карактер и минимум вредности и принципи.
Авторот е аналитичар #Избори2024
Блог www.megjutoa.mк @sklek