Нека им е вечна слава!

Можеме да спориме бесконечно за моралноста на делата во име на некоја револуционерна кауза, но слично постапуваа и македонските партизани во текот на народноослободителната борба против бугарскиот фашизам

Во септемвриските денови во 2014 година, во медиумите можевме да ги прочитаме следните наслови: „Андон Ќосето – џелатот и телохранителот што доби споменик“, „Споменик за Касапот – човекот што за 100 години живот убил 100 луѓе“, „Добивме паметник на првиот македонски масовен убиец“, Споменик доби и Андон Ќосето – терорист на ВМРО што си го убил и сопствениот брат!“. И сѐ така до бесконечност до немајкаде.
И малите деца знаат дека споменатите написи се однесуваат на споменикот на Андон Јанев-Ќосето што беше поставен пред Врховниот суд, затоа и не е потребно некое пошироко образложение. Од денешна перспектива, можеме да говориме дека поставувањето на споменикот можеби беше контроверзно од неколку аспекти, но фамата што се крена за ликот и делото на Ќосето беше и сѐ уште е без основа.
Можевме и сѐ уште можеме да прочитаме дека Андон Ќосето е контроверзна личност од минатото на македонскиот народ. Но останува прашањето од каде потекнува оваа перцепција за контроверзност.

Во биографијата на Ќосето можеме да прочитаме дека по убиството на истакнат Турчин се засолнил во Солун, каде што станал член на Македонската револуционерна организација (МРО). Оние што внимателно ја читале историјата знаат дека Ќосето од денот кога се заколнал дека ќе ѝ служи на македонската кауза, па до крајот на животот, останал доследен на идејата за слободна и независна Македонија.
Затоа сите пишувања за Ќосето како за контроверзна историска личност немаат суштина. Да, можеме да говориме за Христо Матов како за контроверзна личност, кој во Скопје го издаваше весникот „Санстефанска Бугарија“, или за Тодор Александров, кој скришно го посетуваше Фердинанд во неговиот дворец, но не и за Ќосето.
Во неговиот живот можеби има морални дискутабилни нешта, но во неговата идеологија нема ништо спорно и дискутабилно. Точно е дека извршувал ликвидации во името на Внатрешната организација, но како да забораваме дека тој не работел во фабрика за локум, туку за една нелегална и револуционерна организација. Можеме да спориме бесконечно за моралноста на делата во име на некоја револуционерна кауза, но слично постапуваа и македонските партизани во текот на народноослободителната борба против бугарскиот фашизам. Доколку не го земеме предвид ова, тогаш можеме бесконечно да лицитираме со контроверзноста и како дискутабилни личности од морален аспект можеме да ги прогласиме сите македонски национални дејци, од Гоце Делчев па до Михајло Апостолски. Меѓутоа историјата не е секогаш толку едноставна.
Далеку од тоа да го величаме или да се обидуваме да го рехабилитираме. Историските извори и документи велат дека Андон Ќосето е еден од великите македонски борци, кои низ една вековна борба го трасираат патот кон создавањето на македонската држава.

На 2 август 1933 година, во Благоевград била организирана свеченост по повод откривањето на споменикот „Незнајниот македонски четник“. Во име на горноџумајските илинденци, пред споменикот положил венец и Андон Ќосето. Тој при полагањето на венецот ги искажал следните зборови: „Браќа и сестри! Како скромен борец на Внатрешната македонска револуционерна организација, бев сведок и учесник во она велико дело што го изврши Македонецот пред триесет години, на Илинден 1903. Сега сум сведок на оваа свеченост, на која се овековечи споменот на македонскиот четник и им оддава почит на живите борци. Имам уште една – трета желба, а таа е да доживеам да го видам развиено знамето на слободна и независна Македонија над сините води во Солун и да екне македонска песна. Само тогаш сметам дека мојот земски живот ќе биде завршен, а мојот дух ќе се успокои за да заминам кај моите другари што ги склопија очите уште пред триесет години од куршумите на непријателите. Го полагам венецот и извикувам: Нека им е вечна слава!“
На крајот да одговориме на прашањето од каде потекнува перцепцијата за контроверзност. Одговорот секогаш е едноставен: Политичките интриги се виновна! Затоа не смееме да заборавиме дека илјадници знајни и незнајни луѓе со своите дела го поплочија патот кон македонската независност, а меѓу нив е и Андон Јанев-Ќосето.