Нејзиното височество индивидуата

Еве една тема, драг читателу, актуелна во овие денови на борба за власт, кога грми политиката на екраните и по плоштадите, а во име на понижениот народ фрлен во бездната на сиромаштијата. И ние тука гледаме маса што се тркала и зголемува, еднаш затркалана, како снежна топка. Како што вели Ле Бон во својата книга „Психологија на масата“. Да. Но кај е индивидуата, личноста во неа? Ја нема, втопена во општото сивило на политиката и сивите политичари, кои го обојуваат тоа сивило само со нивните шарени лаги спакувани во евтин целофан на уште поевтини ветувања. Во тоа сивило има леви и десни, прогресивци и конзервативци итн. А мудриот народ сето тоа кај Цепенков го дефинирал како „лево маде, десно маде“. (Се извинувам.)
И има сè тука, драг читателу, само ја нема индивидуата, која и хипокритскиот либерализам на Западот што се фали со неа, впрегнат со корпоративниот капитал, само се труди да ја снема или да ѝ понуди некои маскирани „вредности“, како што е тоа феминизмот, сексуалната анархична слобода со избор по своја волја и на полот, негирајќи го Бог во сите аспекти итн.
Поимот индивидуа како опозиција на општото, сивото, како што е познато, прв го исфрлил во оптек Сократ контра паганизмот, кој ја закочувал слободата на личноста. Тоа му било нему припишано како грев, па бил осуден од атинските власти на смрт, а тој во смирение и без ропот ја испил чашата со смртоносната кукута. Досудената чаша што ја спомнува и Исус во Гетсеманската градина пред неговото апсење, а потоа и судење и распнување на Голгота. А и Сократ и Исус тука го нагласуваат чинот на саможртвата за општо добро на човекот и човештвото. Чин што има исклучиво индивидуален карактер за скок во вера, како скокот на Емпедокле во вулканскиот кратер на Етна. За Исус е карактеристичен парадоксот на индивидуата. Тој ѝ се обраќа на толпата, во најширока смисла на целото човештво, но не се меша со неа. Тој само го проповеда универзалниот и божествен принцип на љубовта која го ослободува човекот од крутите стеги на политиката, материјалната лакомост и прекумерната зависност од пороците на телото за сметка на духот и душата. Со тоа тој укажал на фактот дека човекот е пред сè духовно битие и само како такво тоа може да се изрази како индивидуа. Во таа смисла и треба да се сфати неговата проповед за небесното царство, кое тој, како што се мисли наивно, не го лоцирал на небото, туку внатре во човекот, кој само поради својата материјална лакомост и прекумерно угодување на телото, и занемарувајќи го духот (Светиот Дух во себе), не успева да го открие него. Само во тоа и со тоа царство, нагласува Исус, се остварува светата тријада: Слобода, Вистина, Љубов. Но тоа не се прави во сојуз со толпата и политиката, која ја манипулира до обезличеност неа, гушејќи ја до гаснење на искрата на личноста. Оти само човекот како индивидуа може да се обожестви како богочовек и да се преобрази од стариот во новиот Адам. Само така тој може целосно да ја освои Вистината и да стои во нејзиниот епицентар како епицентар на сопствената душа, јаството за кое зборуваат светите отци и Јунг и во кое во нас, а не надвор од нас, престојува Бог. Вистината, пак, за Исус извира од љубовта и му ја подарува на човекот слободата. Со еден збор полнотијата на личноста според божјиот образ.

Таквите ставови за личноста политиката на тврдо структурираното општество најчесто ги смета за анархични, без да го знае битието на анархизмот во најубавата смисла на тој поим за целосно ослободување на човекот од системот што го угнетува него. Во таа смисла (како што вели мојот Филип) и Исус може да се посматра како прв анархист. Може да речеме и револуционер на Вистината и втемелувач на личноста, индивидуата во неа. За таквата, пак, револуционерност, водена со оружјето на љубовта, тој и беше распнат на Голгота, давајќи го примерот на саможртвата како најблагороден акт на личноста способна, дури и кога е презрена и онеправдана од толпата, да се заложи за нејзино просветлување и спасение.
Да. И тоа значи дека подвигот на саможртвата што ја промовира индивидуата, личноста со ореол на мартир и херој стои настрана од слевањето со толпата од која не само што не бара заштита, иако се бори за неа, туку како во примерот со Исус е казнета од неа. А таа судбина ја доживеаја и неговите апостоли, кои тој ги прати не во манастири на исихастичко тихување и јалов аскетизам, туку, како што им рече, меѓу волци во суровиот свет, кој треба да се преобрази и просветли со оружјето на љубовта. И апостолите и го реализираа императивот на Учителот: 11 од дванаесеттемина во таа нерамна борба со толпата, за нејзино добро, загинаа со маченичка смрт, а само еден од нив, апостол Јован, умре со природна смрт на Патмос откако го прими последното откровение на Библијата Апокалипсата. Апостолите како и Исус го озаконија со чинот на саможртвата концептот на индивидуата и индивидуализмот. Оттука, и во таа смисла, не тукутака и Берѓаев вели дека соборноста, црквата, може да се реализира и во само една единствена личност, индивидуа, ако таа има силна органска вера слеана со Бог, а не механичка што се остварува површински во обредот. Тоа, пак, најубаво го знаел апостол Павле, кој вели: „Не знаете ли дека во тркалиштето трчаат сите тркачи, но само еден добива награда! Трчајте така и вие за да ја добиете!“ (Прво посл. до Коринтјаните 9:24) Што значи само еден единствен стасува на целта, тој, како што вели Павле, кој се борел за „нераспадлив венец“, а не за распадлив. А без чинот на саможртва кој човекот го крева во ранг на херој не се стасува до него. Се стасува осамен вон толпата, надвор од, како што вели данскиот радикален христијански филозоф Киркегард, „концепцијата на животот, според која таму кај што е толпата, таму е и вистината (…)“ Меѓутоа, вели тој понатаму, постои другата концепција: според неа, „сегде кај што е толпата, тука е и лагата“.

Тоа. И еве го сега Киркегард како влетан со оваа размисла во нашите избори во кои се тркала масата, а не ја гледаме индивидуата, а со тоа и Вистината заменета со токсична политичка лага што ја мантраат левите и десните, „прогресивните“ и „конзервативните“, сите на периферија, никој во средиштето на својата индивидуална психа. Го нема јаството во кое, како што мисли не само Јунг туку и сите свети отци, престојува внатре во човекот, а не надвор од него Бог. Тоа е одликата на индивидуата што има силен личен печат. Тоа е човекот што е духовен концепт, кој, пак, како што вели данскиот филозоф, секако треба да се меша со „преостанатите“ но внимателно, „а да говори за битните нешта само со Бог и со себе ‒ бидејќи само тој еден единствен стасува на целта: а тоа значи уште дека човекот е во родствена врска со божественото, или дека да се биде човек значи да се биде од божествен сој.“
Да. И по сето ова, драг читателу, ние сега ги слушаме по екраните од плоштадите нашите Чичиковци (се сеќаваш ли на Гогољ и неговото ремек-дело) трговци како и Чичиков со душата на од нив енормно осиромашениот народ. Тие, за жал, никогаш не се сретнале со своето автентично лице, кое им е подарено од Господ дури уште и пред создавањето на светот, како што тврдат Калвин и другите заговорници на теологијата на предестинацијата. Не се сретнале бидејќи го затрупале во себе со калта на она што според нив изгледа најважно, а во очите на Создателот и просветлените, како што би рекол Буда, најефемерно: политиката. Тие немаат ни доблест, ни смисла, ни храброст да го прифатат концептот на индивидуата, духовниот човек што секогаш расте со чинот на саможртвата. Тој, пак, раст и не мора секогаш да биде со фактичка физичка жртва, оти во „волнени времиња“, какво што е денес нашето, чин на саможртва е и чесноста, дефицитарната супстанција на душата, која, како што гледаме, воопшто ја нема кај луѓето во политиката. Напротив, кај нив се присутни лакомоста, криминалот и корупцијата, од што и не се срамат, туку одат со крената глава, како оние исправени божества од староегипетските храмови со глави на животни. Она што го рекол Сократ дека секој што влегол во политиката не излегол неизвалкан од неа, како да е универзален закон за тоа матно подрачје на човековата егзистенција. А веројатно имплиците тој мислел и дека во неа и ретко или никогаш не влегуваат чесните. Кај нас во Македонија е особено изразит тој пример.

Во неа влегуваат најчесто некои богати за да се дозбогатат со пљачкање или копуци со опинци за и тие да натрупаат од пљачка фараонско богатство. И не им фали влакно на главата. И понатаму мешетарат во политиката, затоа што кај нас тоа е подрачјето во кое доминира лукавоста (лукавиот во Светото писмо е ѓаволот), но никако не и духот и интелигенцијата. За емоцијата и хуманоста и да не зборуваме. И тоа се антиличности, суштества на сивата зона на човековото постоење: политиката. Но во таа зона, за жал, драг читателу, кај нас, стопени со неа и кога не се директно во неа (поради страв и автоцензура) е и најголемиот дел од таканаречената интелектуална елита. Оти поимот интелектуалец не е диплома, магистратура и докторат, академик или универзитетски професор како што се мисли кај нас. Не. За интелектуалецот е важен не само книшкиот туку пред сè етичкиот капацитет, како што мисли и Сартр. Архетип на европски интелектуалец е Емил Зола, кој тргна во ризична битка со коруптивното општество во Франција во аферата „Драјфус“. Пред него еден сличен архетип е и Достоевски, кој исто така, покрај својот литерарен, поседуваше како Зола и етички гениј. Тој исто така, ризично по неговиот живот, го посетуваше Петрашевскиот анархистички клуб што заговараше демократија во Царска Русија. На крајот и тој и членовите на клубот биваат откриени и изведени на Семјановескиот плоштад во Петроград построени за стрелање, сè додека во последната секунда пред истрелот не ги спасило царското помилување. Тоа. А мене моите колеги писатели, кога требаше сериозно да се бориме за зачувување на името порадикално, и по цена на ризик, ми велеа: па ние се бориме за тоа со своето дело. Аферим. Како Достоевски и Зола да имаа помалку вредно дело и гениј од нивниот. Итн. Боже, како да се објасни сета оваа конфузија на личноста и индивидуализмот кај нас.
Тоа и така, драг читателу, а не дека нема пред нас македонски примери на саможртва, кои ни ја донесоа сепак оваа каква-таква слобода (оти ние ја направивме каква-таква и никаква) со порака да не бидеме кукавици какви што испаднавме. Тие примери беа јаки индивидуи во смислата за која говориме во овој текст. Тоа, знаеме, беа илинденците и асномските партизани. Тие, девственици кои, како што велеше Блаже Конески, не ги допрела ни женска рака, а одеа храбро во смрт за да се родиме и живееме ние што ги посрамивме нив. Ние кои со она муртинско политичко чудовиште му се помочавме и на нивниот и наш свет асномски акт во Уставот, за што како генерација заслужуваме презир и по смртта. И нема тука никаква индивидуа, драг читателу. Одвај дали има кај нас од тој огромен „интелектуален џган“, универзитетски и академски, одвај индивидуи за да се покријат прстите на едната рака.
Отепана е индивидуата кај нас, драг читателу, и од нашата и од западната политика на Брисел и Вашингтон сместена на скопското кале.

Во игра се големи-мали пари на Запад (Сорос, УСАИД и други) за уништување на индивидуата, а божем, перверзно, за нејзино профилирање. Тоа најдрастично и најболно по македонското колективно битие се покажа во дните и миговите на нашето конкретно идентитетско ништење што му беше предадено во рацете на нашата квислиншка власт и политика. Тоа беше она морбидно гласање не со ум и душа, туку механички со копче во парламентот во 2018-та. Тоа беше ден на убиството на македонскиот идентитет спроведен по западна и грчка иницијатива, за што одговорноста за тој политички тероризам на цивилизацијата ја презеде тогаш владејачката партија СДСМ. За тоа злосторство со копче гласаа без исклучок сите нејзини пратеници. Сите тие заедно, без никаков индивидуалитет, без ниедна индивидуа од „божествен сој“ (Киркегард) беа стопени во една единствена сива и безлична мозочна маса заедно со нивниот водач од Муртино и оној негов министер што го потпиша смртоносниот акт, бриселовашингтонските и македонски гробари и лопати на македонската идентитетска смрт. Сива мозочна маса.
Доста е дотука, драг читателу. Сепак, со ризик да се стопиме со политичкото сивило, кое не ни донесе ништо добро, излегуваме јас и ти на сивите избори со надеж, со илузија да го запалиме со нашата искра тоа сивило со бојата на автентичниот живот. Барем малку. Оти и тоа е доволно барем за милиметар да го потргнеме сивиот чаршаф на смртта што нѐ поклопила од петиците до врвот.