Народот не им се погоди

Деновиве, по првиот круг на претседателските избори, кои завршија со грандиозна победа на професорката Гордана Силјановска-Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, се изначитав колумни и други текстови од новинари на поранешнава власт. Сите до еден смешни и недоветни во анализите. И, се разбира, додворувачки до „центрите на моќ“, кои веќе креваат раце од нив, ама и за тоа се со доцно палење.
Неколкумина навистина се истакнуваат во „неверувањето“ што тоа неправедно им се случи на нивната омилена СДС и на нивниот газда ДУИ? Солзи ронат над фактот дека неочекувано победила „популистичката десница“ и доминира неверувањето дека, замислете, во Македонија народот бил „националистички“ настроен. Изгледа требаше Гордана да поведе со двојна разлика од „нивниот“ либерален Стево, за да треснат одеднаш на теме или да ги удри дијамантски куршум в чело и заедно да вреснат: „Македонците биле националисти“! Не гледаат дека Македонците веќе не можат да издржат да ги снемува, тивко и со лаги. Не гледаат дека ги дотераа до ѕид, им го убија идентитетот со штетните договори, мислат да ги реизмислат како друг народ, да им ја одземат историјата, името на државата веќе го (про)дадоа, државата ја албанизираа и сега народот бил народ на националисти. Тие се арни, ама народот е чурук. И нив не ги интересира национализмот на нашите соседи, надвор и внатре, но од Македонецот се очекува да трпи и издржи сѐ, па дури и да биде запишан во документите на перверзен начин, ниту како граѓанин, ниту како Македонец. Таков ни е и Уставот, кој го разбираат како книга за запишување туѓи желби. И сето тоа зачинето со дрско крадење, кое, нели, сигурно ќе нѐ однесе во ЕУ.
Па, зарем не им пречеа јавните изјави на дебатата со претседателските кандидати, каде што нивниот Бујар Османи важно ни кажа дека тој имал намера да го замоли, замислете, НАТО да ги проверува сите функционери, вклучувајќи и судии, директори, можеби и моиве комшии, да не случајно имале некакви симпатии кон Русија. Како тргнал, ќе ми забрани да го читам и Чехов. Ова не е типичен протекторат? Или сам да одлучува Македонија да ја скара со Србија со излегување од Отворен Балкан, притоа поништувајќи го претседателот во неговите ингеренции. Нивниот другар Бујар му влепи неколку шлаканици на Стево на отворено.

Стево, се разбира, поради „братство и единство“, молчеше на ова безобразие и продолжи да се брани со молчење. Бидејќи и нема што да каже. Па, самиот тој Бујар му одзеде куп гласови на „либералот“ Стево со ваквото насилничко однесување, а неговото националистичко конто го наполни!
Ние се навикнавме да гледаме низ прсти на изблиците на албанскиот национализам, како деновиве на Али Ахмети, а нам ни е забрането дури и да се браниме кога нѐ напаѓаат. Ама тоа на таканаречените „колумнисти“, на кои и ретроградно треба да им се одземат хонорарите што им се даваат со години за празно завивање во ветар, не им паѓа в очи. Ниту им пречи. Биле слуги, тоа и ќе останат. Нивната љубена партија не знае да води држава, ама затоа може да биде идеална кукла на конци, која ќе биде управувана од друг. Во случајот на Бујар, од НАТО, ама и од Косово. Трошка самопочит да се немало. Типични безрбетници.
Затоа, пак, се убија од лепење етикети за некаква „изолација“, „враќање во минатото“, ама и тоа повеќе не лепи бидејќи е лага. Тие се изолирани, тие ги полнат црните листи на САД, тие се означени како најголеми крадци од самостојноста на Македонија, тие тепаа мирен народ со гумени куршуми и солзавец, тие, пазете, отворено поткупуваа пратеници. Оние што двапати ги поддржаа, пишман се сторија. Уморни од непослушните им деца, веќе го спремаат камшикот. „Камшикарот“ на Заев ќе удри по нив.
Потоа, овие колумнисти на власта, не знаејќи веќе за што да се фатат, најбезобразно правеа паралели на слоганот на ВМРО-ДПМНЕ „Македонија повторно твоја“ со „Германијо, разбуди се“ на Хитлер. Внимава некој на овој јазик на омраза во тие портали? Како може паролата дека Македонија ќе стане повторно твоја, наша, на сите, да ја сместуваат во тој темен историски контекст? Да ги уплашат луѓето? Не, она од што најмногу се уплашени тие што гласаат е што овие што ветуваат иднина, наместо да се извинат за минатото и сегашноста, тргнаа Македонија да ја прават сечија и ничија.
Во својата крајна немоќ пред сигурниот пораз, се зборува дека СДС ќе им понуди акции од ЕСМ на сите граѓани. Можните износи ќе бидат помали од повратот на ДДВ. И тоа ќе им била предизборната бомба. Аман доста од бомби. Само да ги потсетам дека токму тие ја извршија приватизацијата на државните и јавни претпријатија, кога на улица оставија илјадници луѓе. Ете, тоа беше супербомба за обичниот човек. И ова ќе биде таков процес. Тогаш создадоа олигарси, кои ги купуваа за ситна боранија акциите на бедните луѓе, сега ќе биде исто.

Повторно едните ќе мораат да продаваат, а другите, нивните добро потфатени ајдуци, ќе купуваат. Утре ќе го купат ЕСМ, и не само таа фирма. На ред ќе дојдат железниците, поштата, патиштата и сето она што ја преживеа нивната претходна бомба. Убаво се сетиле на модел од кој ќе си изградат вили на море, а сиромашниот ќе си купи табла јајца за Велигден од „силните“ акции.
Додека нудат „иднина“ со бомби, им врти умот на бојкот на вториот круг на претседателските избори. Колку повеќе демантира Ковачевски, толку пати им го става во ушите на своите членови зборот „бојкот“. Јас во нивните искрени намери не верувам, во ферплејот на нивен начин уште помалку. Но ги прашувам дали се свесни дека ако дозволат земјава поради нив да влезе во уставна криза, поради нив уште повеќе да биде дуизирана и уште повеќе да биде крадена од истата тајфа, дека тоа нема да им биде само крајот на овие избори, туку ќе биде крај на СДС како партија. Ќе ја нема. Сѐ повеќе левоориентирани партии ќе се појавуваат (вистински леви, не оние што глумат „лудило“), ќе се здружуваат и СДС ќе замине од политиката засекогаш. Картава на која мислат да играат, дури и еден не толку опитен политичар ќе ја оцени како сосема губитничка. Но, и опасна по иднината, стабилноста и безбедноста на државата. Тие што ветуваат „иднина“, која, за жал, народов не ја гледа (дека чурук, а тие супер), ќе направи таква криза што не сакам да помислам како ќе заврши. Да не им падне на ум да се ползуваат со такви долни трикови.
На 8 мај народот да излезе масовно, дијаспората што се запишала да гласа, да си го оствари правото, нека се разбуди силно револтот кон овие неранимајковци што ја уништија државата и посебно Македонците. Око да не ви трепне за бедните етикети што ќе ви ги лепат. Друго ништо и не можат. Ние сме Македонци и ги почитуваме и сакаме и сите други што живеат во нашата и нивна Македонија. Но во иднината мора сите заедно да зачекориме со достоинство.