Не може американската амбасадорка да ја води борбата против корупцијата во Македонија!

Зошто не очекувам ништо посебно од најавите на меѓународната заедница за борба против корупцијата во Македонија? Не е никаква тајна дека во Македонија јас важам за некаков Американец или „Американец“. Им припаѓам на македонските генерации што израснаа на самиот крај на поранешна Југославија, кога САД и американската култура беа своевиден образец кон кој нашата тогашна татковина, и потесната и пошироката како што ја нарекувавме, требаше да се стреми во сопствената преобразба. Во динамиката на Америка, огромна мултикултурна демократија и моќна пазарна економија, ја гледавме целта каде што поранешна Југославија требаше да пристигне на крајот на своите реформи. Да не зборувам колку за мене, како типичен тинејџер од тие години, значеше посетата на Американскиот центар во Скопје, тогаш сместен наспроти стоковната куќа „Беко“, како се чекаше со исчекување секој примерок на бесплатниот „Преглед“ на српско-хрватски или хрватско-српски, односно „Stars and Stripes“ на англиски, магазини на американската агенција за информации. Таму стекнавме и навика да ги читаме најизвиканите американски дневни весници, политички неделници, но и сите магазини што одговараа на нашиот културен вкус, како „Rolling stone“ и „The New Yorker“, или на некои специфични интереси, како „Popular Science“, „Popular Mechanics“ и „Astronomy“. Да не зборувам, пак, дека во тоа американско катче можевме да ги читаме американски литературни класици, како Стајнбек, Гор Видал или Џон Апдајк, клучните писатели на научна фантастика, како Асимов, а и политичките теоретичари на демократијата, како Роберт Дал. Оваа американска културна диета не би била потполна и без американскиот филм, веќе култните „Апокалипса денес“ на Френсис Форд Копола, „Вод на смртта“ на Оливер Стоун и „Боев куршум“ на Стенли Кјубрик.

Оваа моја врска со САД подоцна стана уште поцврста, кога благодарение на стипендијата „Рон Браун“ од американскиот Стејт департмент, која, за жал, веќе не постои, јас заминав на магистерски студии по меѓународни односи на Универзитетот од Питсбург и стекнав доживотни сопатници.
И денес, барем за мене, САД претставуваат инспирација и извориште на идеите што ја кројат иднината на човештвото, особено кога станува збор за критиката на современата политика, меѓународните односи, состојбата со демократските текови, слободата на изразувањето, како и влијанието на технологијата врз човековото општество. Без разлика дали станува збор за веќе споменатите дневни весници и магазини или, пак, за новите интернет-портали, но и за литературата, американската култура сè уште е клучниот глобален образец, а американските универзитети се копјето што го пробива патот на светскиот научен и технолошки развој.
Токму затоа, поаѓајќи од американската политичка наука, а особено подрачјата на демократизација и на меѓународните односи, јас сум еден од најскептичните гласови во Македонија околу најавите на тукашната меѓународна заедница, вклучувајќи и на новата американска амбасадорка Ангела Агелер, за нагласениот ангажман на амбасадите во борбата против корупцијата во Македонија. Не ги спорам добрите намери на амбасадорката, а ни на американска дипломатија, но политичката наука во делот на демократизацијата и во делот на борбата против корупцијата одамна утврдила дека е точна онаа позната македонска изрека дека „на човек сосила можеш само да му земеш, но не и да му дадеш“. Досега не постои ниту еден единствен пример каде што ангажманот на некоја странска амбасада (и дипломатија) успеал да демократизира некоја земја или да се избори со тамошната корупција. Но постојат голем број примери во светот каде што овие позитивни замисли на странските претставништва завршувале по онаа максима дека „патот до пеколот е поплочен со добри намери“. Еден таков неславен пример, со спектакуларно лоша завршница е и скорашната македонска епизода на Специјалното јавно обвинителство. Институцијата што беше обмислена, опремена и финансирана од странските амбасади, чии клучни протагонисти беа избрани од скопските дипломатски претставништва, на крајот се распадна како кула од карти, совршен пример дека „апсолутната моќ, апсолутно расипува“, дека „нема јавна власт без одговорност“ и дека противуставен и антидемократски орган завршува како травестија на правото. Претходно имаше и уште една таква пропаст, наречена „Извештајот на Прибе“. Се сеќава некој дека дојде тим од Европската Унија, предводен од поранешен експерт по земјоделско право и земјоделска политика, кој по само две седмици увид во најосетливите македонски безбедносни служби изработи скица за нивна реформа. Не случајно никој веќе не го ни споменува ова фијаско.

Кога во Македонија ќе се справиме со корупцијата? Одговорот е многу едноставен, „кога како општество ќе сакаме да се справиме со корупцијата“. Секоја држава почива на сопствената култура, а и правниот систем на една земја е само еден од појавните облици на таа специфична национална култура. Во моментот кога македонските граѓани вистински ќе посакаат да ја искоренат корупцијата, тогаш ќе се појават судии, обвинители и полицајци што ќе ја водат борбата против расипаноста и гнилоста на политиката. Секое вмешување од странство ќе биде само некаков површен обид, кој ќе остави зад себе огорченост и селективна правда, како и уште поголем цинизам кај македонските граѓани. Кариерата во правосудните органи и во полицијата е животен повик. Правото, токму затоа што е културен феномен, си гради свои традиции, свое наследство, свој специфичен јазик, кој страниците никогаш не може докрај да го разберат и разјаснат. Потребно е некој научник целиот свој живот да го посвети на македонското право и на корупцијата во Македонија, да ги запознае сите актери и институции, совршено да ги зборува македонскиот јазик и македонскиот правен јазик, да се соживее со македонската култура, во сите нејзини појавни облици и струи, однатре да го познава македонското општество, па да може да пишува трудови за македонското право и за корупцијата во Македонија. Сѐ друго е импровизација. Истото тоа се однесува и за истражителите. Не може некој да дојде во Македонија на три дена, па дури и да престојува една цела година, па претенциозно да тврди дека се запознал со македонското право и уште побезобразно да се расфрла со совети како земјата да се справи со корупцијата. Точно е дека постои знаење во Македонија за справување со корупцијата, но тоа знаење ќе го најдете во ходниците на македонската полиција, помеѓу судиите и обвинителите. Таму се наоѓаат луѓето што еден ден ќе ја водат вистинската борба против корупцијата, во моментот кога ќе избереме политичари што ќе влезат во овој тежок потфат.

Затоа сум скептичен околу овие силни најави. Не е можно странска земја да води процеси што се исклучиво во суверената надлежност на секоја држава, а одржлива борба против корупцијата е исклучиво домашна и самоникната. Не верувам ни во некакви нови верзии на „Извештајот на Прибе“. Избирам, наместо тоа, да прочитам стручна анализа на врвните македонски експерти од оваа област, како професорите Звонимир Јанкуловски и Гордан Калајџиев (инаку стручњаци со американски дипломи и со подолги стручни престои во САД, наместо оние неколкудневни туристички прошетки на сметка на американските граѓани што многумина македонски „стручњаци“ си ги ставаат во биографиите). Уште помалку, пак, ќе верувам во странски истражители и во нивните наоди… Видовме како заврши СЈО. Повеќе би сакал да прочитам анализи на стручњаците однатре, од македонската полиција, судство и обвинителство.
Секако дека има место за помош од Соединетите Американски Држави. Станува збор за земја што произведува најголем број стручни трудови од областа на правото, за правосуден систем што секојдневно објавува обвиненија и пресуди што се ремек-дело на применетото право. Ќе биде многу упатно доколку овие актуелни дебати од американското право си го најдат својот пат до Македонија, па да ги видиме преведени на македонски јазик, како и самите ние, македонските граѓани, да платиме тука да дојдат врвните американски професори по право, судии, обвинители и полицајци што ќе ни ги пренесат нивните искуства во справувањето со корупцијата. Американската амбасада може да го олесни овој процес, но не може американската амбасадорка да ја води борбата против корупцијата во Македонија! Таа чест им припаѓа исклучиво на македонските граѓани, а тие го имаат нивниот глас на изборите како најдобро средство за искоренување на корупцијата.

Ивица Боцевски