Наслов смислете си сами

Џо Бајден го нарече Си Џинпинг диктатор западнат во конфузија зашто не знаел за шпионскиот кинески балон над САД што Американците го срушија. Звучи крајно блесаво Бајден некого да нарекува конфузен. Пред некој ден им порача на Американците „Господ да ја чува кралицата!“. Јас искрено сметам дека е неетички да се малтретира сенилен стар човек со какви било задолженија, ама да го ставиш на чело на една од најмоќните светски сили, практично е злосторство против хуманоста. Но, оние што господарат со САД одлучиле дека е океј да се малтретира стар човек на чии плеќи ќе се натовари војна со Русија, војна во најава со Кина, нов воен конфликт на Балканот, економска криза во сопствената држава, 32.000 милијарди долари национален долг, страшни проблеми на границата со Мексико и мислам сосема е доволно набројувањево за човек да го фати паника и да посака да мигрира на Месечината.
Можеби затоа ставија сенилен човек, вреска во мене бесчувствителниот цинизам, за да ги заборава проблемите што сами си ги товарат.
Можеби затоа во последно време запнале со медиумски муабети за средби со вонземјани, му се меша логиката на цинизмот, па обичниот Американец да се занимава со глупости.
Сеедно! Ваквите САД, кои на една нога скокаат на работ од политичко-економскиот амбис (ситуација за која пред сè зборуваат умни Американци), ние тука ги нарекуваме стратешки партнери, ги доживуваме како господари и уживаме во садомазо-однос во кој, на крајот, ние сме силувани, а оргазмот што го очекувавме се манифестира преку душевни и телесни модринки. Ама сами сме виновни, затоа во живо гледаме како гротеската на САД маршира низ нордистанскиот ќор-сокак, рамо до рамо со бесмисленоста.

Дали доволно „изедов г..на“ за да ме има на американска црна листа, мислам… да им ја „обелам“ троа со моево беспигментно присуство? А ха, рамо до рамо со Рамиз, ама и со Асанж и Сноуден. Не се потсмевам. Америка секогаш ги имала своите Тед Банди, Дилинџер, Бушовци и Клинтоновци, од кои на нормално човечко битие му се крева коса на главата, ама ги има Џеси Овенс, Мартин Лутер Кинг, Марк Твен, Хемингвеј, Селинџер, Џармуш и Саут Парк со кои топло ѝ е на душата. Затоа второспоменативе секогаш ќе бидат мојот вистински американски стратешки партнер.
Арапската лига ја покани на својот самит Европската Унија. Челниците на ЕУ им покажаа среден прст на Арапите затоа што овие ја вратиле Сирија во својата арапска унија. Арапите се луѓе што го почитуваат домашното воспитување, па кога ЕУ ќе моли за нафта и гас, некој друг ќе покаже среден прст. Истата таа ЕУ војува со Русија. Ѝ акна близу 4.000 санкции, ама учествуваше и во уништување на Северен тек преку кој тие добиваа гас. Океј, не им требаат Арапи и Руси. Очигледно не им требаат ни економски односи со Кина, оти и со нив ја спукаа. Во меѓувреме, одејќи по паметот на оние што ја злоупотребуваат Грета Тунберг, се откажаа од нуклеарната енергија. Изгледа ЕИ одлучи да се грее и храни со огромните количества самобендисаност и вообразеност што ги поседува, ама наскоро ќе се потроши и она што низ вековите е крадено од „нецивилизираниот“ Исток и колониите во Африка и Јужна Америка, од каде што Кина и Русија веќе ги набркаа. Ваквата Европска Унија, ние тука ја нарекуваме стратешки партнер, секако ја доживувавме како господар на нашата иднина, во која таа чудна Унија нè сака само идентитетски упокоени. Среќа што Европа, освен политички гротески како Хан, Фон дер Лејен, Руте, Макрон, Шолц, Грција и Бугарија, има и генијалци како Бетовен, Рилке, Ван Гог, Бодлер, Казанѕакис и Господинов, па здраворазумско битие навистина има избор за стратешки партнер на душата.
Велика Британија има нов крал, премиер со индиски корени, генијален хумор, моќна фудбалска репрезентација, која понекогаш знае да напика седум гола и едночудо политички кловнови. Во меѓувреме, Владимир Путин е излезен од роман на Достоевски, рече Хенри Кисинџер, лик побегнат од кастинг за „Хајлендер“. Тој ист Путин, на самитот со африканските лидери во Санкт Петербург, го покажа мировниот договор потпишан во Истанбул меѓу Русија и Украина, а со гаранција на Израел, Турција, Франција и Германија. Договор за прекин на војната. Во него пишува дека Украина треба да има неутрален статус како Австрија, дека треба да се спроведат договорите од Минск, а Русија ги враќа Донбас, Запорожје и другите освоени територии, Крим останува привремено руски додека не се појават услови за референдум. Мировен договор со кој Русија практично се повлекува, а Украина е воен и морален победник. Руските и украинските преставници потпишале. Требало само уште Путин и Зеленски да потпишат. Сега веќе знаеме дека рускиот претседател бил согласен, како што знаеме дека политичката гротеска Борис Џонсон дотрчал во Киев и му забранил на Зеленски да потпише.

Исто така дознавме дека Западот ја мавтосувал Русија со овој договор, за Украина да добие на време. Факинг време за што?
Мене ми е јасно. Украинците наместо да си ги вратат мирот и териториите, краделе време да се подготват за смрт во рускиот воен пекол. Ете, речиси половина милион заминаа на небото. Не им се чудам на Украинците што се жртвуваат на безумниот олтар на западните психопати, оти познавам едни Македонци што станаа нордистанци, а подготвени се да бидат и Бугари за да се напикаат во клуб предводен од политички кловнови среде циркусот на апсурдот. Но, наспроти безумноста има уште еден, овој пат ужасно морбиден податок што беше обелоденет во светот, а кај нас го пренесе мислам само ОФ.нет. Украинците гинат за да може украинската земја, една од најплодните на планетава, за смешни пари да ја купуваат украински олигарси и моќни западни финансиери, моќници, корпорации. Тоа веќе се случува, потврдено е, и никому ништо. Ужасно прекрасно и лицемерно, нели? Да ја задолжиш Украина вооружувајќи ја, да ги испратиш Украинците на бесмислено клање во Мариопул, Бахмут или среде сегашнава украинска „офанзива во место“ на која се противеше Залужњи, па наеднаш беше тешко ранет и засекогаш онеспособен да командува, патем да им забраниш мировен договор со кој практично тие се победници, за на крајот да им ја земеш плодната земја, оти на мртвите секако нема да им треба. Ах, да, и ваквата Велика Британија предводена од ликови на полпат меѓу кловнови и монструми, нам ни е стратешки партнер што го доживуваме како божество. Но, за среќа, постојат Шекспир, Дикенс, Китс, Монти Пајтон, Ливерпул и Пинк Флојд, кои секогаш треба да ги избереш за стратешки партнери, па со нешто нормално да си ја напоиш душата, оти телото секако е сместено среде безумноста на изопачената политичка стварност.