Европскиот меѓучекор на Црвенковски ги возбуди балканските страсти во Македонија

Каков предлог изложи поранешниот претседател Бранко Црвенковски пред Советот на амбасадорите во понеделникот? Македонската надворешна политика, како и македонската дипломатија, страда од истата балканска ендемска болест како и некогашната југословенска надворешна политика и југословенска дипломатија. Се трошиме во формалности, во протоколарни детали и во институционална инерција. Постои клучен недостиг од полнокрвна надворешна политика, долгорочно планирање, прецизна анализа на сопствените и на туѓите интереси, самокритичност кон домашните капацитети и јасна проекција на утврдените приоритети внатре во земјата, во регионот и кон светот. Просто е неверојатно колку македонските институции се шупливи кога станува збор за политиката и стратегијата. Кога станува збор за надворешната политика оваа издлабеност од какви било животодарни сокови е болно видлива кај најповиканите установи. Прашање на денот е кога државата конечно ќе запраша која е мисијата на МАНУ и на другите национални установи, кому му служат, за кои цели и како таму се формулираат проекти, анализи и заклучоци. Министерството за надворешни работи, пак, е посебна приказна и жив споменик што се случува кога една високопрофесионална служба ќе се остави да се занимава самата со себе, наместо со нејзината изворна цел – да биде чувар на државната меморија на македонскиот народ и на македонската држава. Можеби манифестацијата на оваа болест е највидлива кај политичките партии, па таму постои интересна закономерност. Жестината на меѓупартиските препукувања е обратнопропорционална од недостигот од вистински внатрепартиски дебати, документи и заклучоци по клучните стратегиски прашања од надворешната политика (поточно од која било политика).
Соочен со оваа реалност, за која секако и самиот тој придонел, како и сите ние преостанатите во различна мера, поранешниот претседател Црвенковски одлучил да го превитка табакот и да излезе со конкретни предлози, поточно тези за натамошна разработка.

Клучни изворишта на неговата анализа се дека европската интеграција на западнобалканската шесторка не оди никаде, трае предолго, целиот процес ја изгуби смислата, а процесот е лишен од каква било конечност. Исто така, тој се осврнува и на бесконечниот круг на европски дискусии околу внатрешната реформа на Унијата, но и на вечните залагања за европска перспектива на земјите-кандидати. Тука некаде повеќето набљудувачи очекуваа неговата анализа да запре, па тој да продолжи во дневнополитичка насока, со поддршка на едните и осуда на другите, во неговиот препознатлив стил, кој изобилува со словенска антитеза („се поставува прашањето…“), ефикасни досетки и (не)солени шеги.
Нему својствените стилски фигури не изостанаа, но наместо очекуваното забавно политикантство, поранешниот претседател предложи две тези за трајно закотвување на Западен Балкан во ЕУ, односно итен прием на сите земји од регионот во Европскиот економски простор и веднаш да се овозможи пристап на западнобалканската шесторка кон структурните и кохезивните фондови на Унијата. Според него, реализацијата на овој предлог е можна исклучиво со заедничка акција на сите шест држави од регионот, усогласено барање до европските институции, а како механизам за реализација на предложеното тој изложи дека би можел да послужат Берлинскиот процес, Отворен Балкан, билатерални договори на ЕУ / ЕЕП со целата шесторка (швајцарскиот случај) или некој друг модалитет (јасно беше од духот на неговото излагање дека тој го претпочита Отворен Балкан, како самоникната и изворна балканска иницијатива).
Реализацијата на предлогот на поранешниот претседател би значела целосна интеграција на балканските граѓанства, стопанства и општества во Европската Унија. Разликата помеѓу таквиот статус и полноправното членство би се состоела во тоа што западнобалканската шесторка нема да има свои шест комесари во Европската комисија, европратеници во Европскиот парламент и што при дискусијата за идната европска регулатива нашето присуство би било само до експертското ниво, без право на учество и одлучување на политичко ниво. Секако, земјите од Западен Балкан нема да имаат ни право на вето додека се во „меѓучекорот“, како што го нарекува Црвенковски.

Меѓутоа, секој балкански граѓанин ќе ги ужива истите права и слободи за живот, работа и патување низ Европскиот економски простор, македонскиот пасош и македонското граѓанство тогаш ќе вреди еднакво како и германскиот пасош или холандското граѓанство. Балканските граѓани ќе може да аплицираат за кое било работно место низ Унијата, балканските студенти ќе бидат домашни студенти од Лисабон до Констанца и од Осло до Никозија, со пристап до сите поволности, стипендии и други бенефиции како нивните врсници од ЕЕП. Балканскиот бизнис, пак, ќе се интегрира целосно во Единствениот европски пазар, како негов составен дел, со право за стопанисување, формирање фирми, влечење средства, користење фондови, како и целиот европски бизнис. Еден Македонец и еден Данец ќе имаат целосно ист статус низ континентот!
Често при дебатите околу европската интеграција поезијата ја победува прозата, па се заборава дека Европската Унија во својата суштина е Единствениот европски пазар. Од четирите слободи на ЕУ за движење на стоки, капитал, услуги и луѓе, произлегува целото европско законодавство. Поглавјата за правосудството не произлегуваат од некаква претерана европска верба во правната држава и во владеењето на правото туку од насушната потреба за усогласено правораздавање што треба да го овозможи непречено функционирањето на континенталниот пазар. Антидискриминацијата, исто така, е неопходна во Европскиот економски простор за да може секој граѓанин слободно да живее, патува, студира, работи, стопанисува, аплицира и така натаму во сите држави каде што се простира Единствениот европски пазар.
Дали предлогот на Црвенковски за итен влез на западнобалканската шесторка во Европскиот економски простор ќе значи одложување на европската интеграција, менување на стратегискиот правец и забавување на проширувањето? Апсолутно НЕ! Процесот за влез во Европскиот економски простор и процесот на целосно европска интеграција, како земја-членка, се целосно исти, до точка и запирка, во делот на Единствениот европски пазар (над 90 отсто од целокупното европско законодавство, а некои велат и над 97 отсто). Заверка и печат дека Македонија заслужува членство во Европскиот економски простор значи и дека сме подготвени за полноправно членство во Унијата. Предлогот на Црвенковски едноставно значи дека земјата ќе ја чека подготвеноста на Унијата за ново проширување и стекнувањето на статусот на полноправен член на ЕУ како чиста формалност. Во меѓувреме граѓанството, стопанството и општеството ќе си функционираат како составен дел на европскиот простор.

Можеби регионот може да направи и уште еден меѓучекор, па да создаде единствен балкански пазар, брат-близнак на Единствениот европски пазар, за да ја докаже сопствената институционална подготвеност пред европските партнери, а може да се најде и некоја друга варијанта. Поранешниот претседател не ја исклучи ни оваа подваријанта. Меѓутоа, клучното е што политичар од неговиот маштаб излезе од македонскиот партиски шинел и предложи креативна иницијатива.
Што ако Македонија го заврши процесот на уставни измени, ги почне преговорите и заврши онаму каде што сега се наоѓаат Црна Гора и Србија – во една небиднина, ни на небо ни на земја, со преговарачки процес што никаде не оди? Поранешниот претседател Црвенковски се обиде да даде одговор на ова прашање, па време е за продлабочена македонска национална дискусија за иднината на македонската европска интеграција, овој пат низ најповиканите институции – МАНУ, националните институти, УКИМ, Собранието и политичките партии.

Ивица Боцевски