Премиерот Димитар Ковачевски го изјавува за јавноста општопознатото, дека криминалците не познаваат вера, нација, партија и род и се здружуваат наспроти тие различности, а најдобар доказ за мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен криминал е нашата сегашна влада!
„Мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен криминал“, така го наслови премиерот Димитар Ковачевски наводниот криминал во Универзитетска клиника за радиологија и онкологија, за да „не се политизира случајот“ и да ги демантира алузиите на етничката и партиската припадност на наводните сторители на криминалот. Премиерот Димитар Ковачевски го изјавува за јавноста општопознатото, дека криминалците не познаваат вера, нација, партија и род и се здружуваат наспроти тие различности, а најдобар доказ за мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен криминал е нашата сегашна влада!
Две други тези на премиерот Ковачевски заслужуваат коментар. Првата теза е поврзана за претходната дека полицијата и Јавното обвинителство ќе расчистат со криминал „за кој сме слушале во текот на изминатите 20 години“. Тоа е обид за релативизација од типот, па и претходните го правеа тоа, но во основа е изјава за соучесништво и секако основа за разрешување на Љубомир Јовески, јавен обвинител на Македонија. Тој е јавен обвинител во шест од овие дваесет години и не постапил по „грозен“ криминал за кој се слушало сите овие години. А и овој не е прв грозен криминал за кој јавниот обвинител не постапувал.
Втората теза е дека „како премиер и влада нема да интервенираме да заштитиме кого било, бидејќи се работи за грозни наводи“. Повторно изјавување на нешто што се подразбира, немешање на извршната во судската власт, но со потсвесно признание дека можеби премиерот и Владата интервенираат кога се работи за не толку „грозни наводи“. На пример, премиерот Ковачевски не ги повика полицијата и јавното обвинителство да го испитаат случајот на наводно незаконско финансирање на ДУИ и со тоа поврзаниот тендер на Министерството за надворешни работи, раководен од потпретседател на ДУИ. Таму имаше само повик до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) да го истражи случајот. Дали, според премиерот, овој случај не е толку грозен и нема потреба од истрага на полицијата и јавното обвинителство. Дали премиерот со тоа дава јавни насоки кој криминал треба да се истражува од полицијата и јавното обвинителство, а кој не треба?
Дека местењето тендери и не е толку грозен криминал, Владата и премиерот потврдија со предложените измени деновиве на Кривичниот законик, со кои се преиспитуваат казните за не толку грозниот економски криминал. А економски криминал е убав еуфемизам за корупција. Што предвидуваат измените? Се менуваат одредбите за „злоупотреба на службена положба и овластување“ (членот 353) и „злосторничко здружување“ (членот 394). За злоупотреба на службената должност, од најмалку три години, казната се ограничува на една до четири години, со што се ограничува и скратува рокот на застарување. Овој член, секако, бара преиспитување, тој е истиот член по кој е осудена Гордана Јанкуловска во скандалозниот случајот за набавка на службено возило. Но тука преиспитувањето треба да биде во дефинирањето на што е злоупотреба. Вака со скратувањето на казните и застарувањето се чини дека Владата сака да се заштити од можен прогон за сторените злоупотреби, баш како опишаните погоре. Се намалуваат и казните за „злосторничко здружување“, како овој горниот „мултипартиски, мултиетнички и мултикултурен криминал“. И сето тоа со „европско знаменце“ за да се спречи расправата по законот во Собранието.
Премиерот Ковачевски има само една исправна теза, а тоа е да не се прави напад на сите доктори и медицински сестри во државата. Ковачевски ќе рече: „Најголем дел од медицинскиот персонал што работи во нашата држава се извонредни луѓе што се грижат за здравјето на сите нас. Секој криминал има име и презиме и задачата на МВР и ОЈО е да обезбедат докази да се идентификуваат сторителите“. Целосно се согласувам. Но, едно големо но е дека повеќето криминали остануваат без име и презиме, а и кога имаат име и презиме се случува „неказнивост“. Сведоци сме на многу стории за лекарски грешки, за кои Лекарската комора молчи, за кои се формираат комисии, кои најчесто констатираат дека сѐ е по протоколите. И кога е јасно дека не е сѐ „по протоколите“, како во случајот на Јилдиз Веаповска, која во август 2020 година при породување изгуби три органи, судскиот случај е во третата година и сѐ уште трае. И веројатно ќе трае и ќе трае, дури сите не се изморат и заборават. А за Ден Дончев, поранешниот директор на Фондот за здравство, наводно вклучен во скандалите „Рекет 2“ и „Дијамед“, се знае ли нешто? Што Лекарската комора, полицијата и јавното обвинителство сторија за спроведување на индивидуалната одговорност, за да се спречи колективизација на вината? Ништо, големо ништо! А според измените на Кривичниот законик, не само што не планираат да сторат нешто туку планираат и да ја попречат следната власт да направи нешто за ставање крај на „неказнивоста“. Без крај на „неказнивоста“ ќе има крај на општеството и државата!
***
Честит Денот на независноста! За вековита Македонија!
Авторот е аналитичар. Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
/ Ставовите се лични