Боже колку пизма за изговореното име Македонија од страна на претседателот на државата. Ерес било да се изговори името на твојата држава. И, сфаќате дека Македонија е во длабоко ментално ропство на свеста. Можете да бидете слободни да постапувате како што сакате, но свеста на една цела булумента политичари и новинари во државава ќе биде свест на роб и ништо повеќе. Менталитетот на робот го условува човекот да ги прифати штетните околности за себе како природен поредок на нештата. Тие ја гледаат сопствената вредност преку очите на својот господар, кој го потврдува нивното постоење и дава легитимитет на нивните постапки. Тие веруваат за себе во она што им било кажано да веруваат, без разлика дали е вистина или не. Кога Мојсеј е испратен да го ослободи својот народ, тој мора прво да ја разбуди нивната свест за слободата, да ги убеди дека нивната ситуација не е природна и дека некогаш нивните предци биле слободни луѓе. Има ситуации кога бараме божествена интервенција за да нè размрда и да ги разбудиме со неа својата гордост, страст и патриотизам. Кај нас нема да ја најдете. За робовите на свеста во Македонија променетото име на државата и народот во психоаналитичка смисла никогаш нема да биде „патрицид“ – почеток на еманципацијата и почеток на патот кон независна свест. Нивната свест и нивното поимање за името на државата секогаш ќе бидат управувани од господарот, а тие, нивни ментални робови, ќе бидат алатките за притисок што се активираат по потреба. Чуварите на променетото име како ментални робови во државата засекогаш ќе останат заковани во умот дека некој друг треба да решава за нас и нашето постоење како Македонци. За нив името никогаш не било меморискиот код на народот на кој припаѓаат, генерациски пренесуван и вграден длабоко во свеста на секој Македонец за да не исчезне. За нив нашата древна надеж – да бидеме слободен народ во земјата на нашите предци е празен наратив и затоа толку посветено го бранат наративот на нивниот ментален господар.
Просто е понижувачка жестоката одбрана на променетото име на државава и осудата за секој оној што ќе го изговори она што ве дефинира идентитетски како Македонец, особено кога доаѓа од „твоите“. Нас не ни требаат непријатели однадвор, ние си ги имаме своите „ментални робови“, кои самостојно го прифатиле ропството како судбина во животот. Тоа е признание за нивната ментална окованост и свесното откажување од слободата. Менталитетот на робови ги ограничува на тоа како се гледаат себеси. За жал, никогаш не се гледале себеси слободни, секогаш зависеле од други, без самодоверба прифаќајќи менталитет на жртва и никогаш не се гледале себеси или својот народ како победник.
Соочени со предизвикот на самостојна држава, нивната прва реакција беше да се вратат во сигурноста на господарот, останувајќи засекогаш приврзани за нивниот угнетувач, без чувство на личен и колективен идентитет. Затоа со таков жар и посветеност го бранат променетото име на државата и го анатемисуваат секој оној што ќе го изговори името Македонија. Сега гледаме дека никако не смееме да го потцениме влијанието на менталното ропство во Македонија. Особено кога непријателот на нашите души предолго ни кажува дека сме безвредни, непожелни и несакани. Овој процес на репрограмирање на нечиј ум се движи во просторот што господарот го окупира во наративот на „менталитетот на робовите“ и трае предолго, создавајќи ментални зомби што се обидуваат да го рашират тој менталитет меѓу народот. Фала богу безуспешно.
Затоа мораме одново и одново да продолжуваме да ја обновуваме древната приказна за Македонија. Ние, во наше време, имавме привилегија да напишеме ново поглавје: формирање на државата Македонија. Важно е да ја раскажеме оваа голема приказна за Македонија за менталните робови да не нѐ збунат на патот, да се потсетиме од каде појдовме и каде сме. Мораме да го ослободиме нашиот ум, да ја ослободиме душата на Македонецот.
И да, мора да работиме менталните робови да ја дознаат вистината за нивната состојба на умот, зашто без тоа никогаш нема да ја дознаат сопствената вистина за своето вистинско постоење. Мораме да ги ослободиме од нивната приврзаност за нивниот господар угнетувач, зашто овој менталитет на робови ги убива нашите шанси за успех како народ и држава. Не можете да му служите на народот со таков менталитет, затоа што секогаш ќе гледате наназад кон својот господар. Менталитетот на роб е оној што ограничува бидејќи влијае на тоа како се гледате себеси. Без промена на начинот на размислување, никогаш нема да имаме иднина што ја посакуваме. Затоа мора да се ослободиме од тој самоуништувачки менталитет што го посакуваат други. Но никако народот на Македонија.