Љубовникот на Олимпијада, сестрата на Кирил и Методиј и Урси во Уставот

Ете така треба, нели Брисел? Тоа е вистински приказ на добрососедски односи и европски цивилизациски вредности. Грција ќе ѝ ги подари на Бугарија коските на цар Самуил. Кои воопшто не се негови коски, затоа што науката никогаш не го потврдила тоа. А што има врска ако тоа не се негови коски? И онака поголемиот дел од историјата на Грција и Бугарија е чист фалсификат – за што науката секако има докази, ама никој не ја ферма – и тоа фалсификат најмногу на штета на македонската вистина. Проблем е што и ние сакаме да се прилепиме кон овие европски цивилизациски вредности, па оттука мора слепо да ги следиме нивните трендови чии темели се наоѓаат во сите можни манипулации и фалсификати преку кои се обидуваат да ги скријат или релативизираат фактите што ја обликуваат империјално колонијалната геноцидност најчесто предводена од владетели-психопати, родени од инцестуозни врски чии потомци подоцна, логично, изродија националсоцијализам, фашизам и комунизам – идеологии што и денес практично владеат со европската политика, а ние, Македонците, сето тоа многу добро го чувствуваме на сопствената кожа.
И така, Грција и Бугарија – прегрнати од љубов родена поради омразата спрема Македонија која сеедно што во овој момент се наоѓа во понижена позиција, сè уште им ја ремети лажната историска гротеска – ќе уживаат во својата фалсификат-претстава во која коските на дворскиот шут на третиот братучед на кумот на цар Самуил ќе заминат кон Софија, за Бугарите да продолжат да ја лечат својата неизлечива фрустрација спрема Македонците, додека едиповски искомплексираната Грција уште еднаш ќе може да ликува, затоа што по нацистичкиот Преспански договор, забива нов клинец во македонската вистина.
Проблемот и на едните и на другите, ама и на нивните спонзори – империјална Европа, некогаш, а денес Европска Унија – е што мислат дека вистината може да се убие со лажни коски и насилно потпишани договори од кукавици и предавници без да знаат дека така успеваат привремено да ја затрупаат, оти она што е вистина, на крајот секогаш излегува. Оттука, Грција, Бугарија и Европската Унија (инаку носителка на Лисабонската декларација во која пишува дека не смее да има држава со име Македонија) се убедени дека со два договора ќе ја ликвидираат македонската приказна – првиот потпишан во Нивици, а вториот сега за сега закочен, ама со страшни притисоци да се спроведе докрај – преку кои грчката фрустрација, привремено (тие мислат за навек) ја добива македонската антика, а бугарската хистерија сè уште се бори да ни го одземе средновековните и сè друго потоа.

Но, има еден проблем. Македонската приказна е далеку постара од антика и средновековие, особено ако зборуваме за она што го поседуваме на нашата ослободена територија, сега окупирана од евронордистанската НАТО-хегемонија. Што правиме со Адам од Македонија (Говрлево) и Кокино? Фигурината на Адам е близу 7.500 години стара, а опсерваторијата е крената отприлика 2.000 година пред нашата ера. Па, ако „варваринот Филип, чумата македонска од кој не можеш ни роб да купиш“, наспроти мислењето на неговиот современик Демостен, прекуноќ стана Хелен, а коските на внукот на стражарот на швалерката на Самуил наеднаш се претворија во коски на бугарски цар, тогаш ние, користејќи ги нивните методи на измислување историски наративи, апсолутно можеме да кажеме дека Адам и Кокино се доказ за постоење на древна вселенско-македонска цивилизација, па од неа, многу, многу векови подоцна, од западната империјална фантазија излезе хеленската приказна, како и онаа тажна неуверлива руска халуцинација, наречена бугарска.
Тоа што ние исклучиво се држиме до научно-историски факти, па не се осмелуваме да ги практикуваме европските цивилизациски приказни кои се темелат на легенди, преданија и фалсификати претставени како наука, за конечно да почнеме да трубиме дека во најдревни времиња од семето на Адам Македонски при мастурбација се создале Ѕевс и неговата божествена фамилија, а опсерваторијата Кокино служела за да ги развиваме блиските средби од трет вид со Плејадите и нивната цивилизација – значи фактот дека не практикуваме такви „научни вистини“ си е наш проблем – ама никако не ми е јасно како ЕУ, Грција и Бугарија сè уште не крикнале дека крадеме хеленска и бугарска праисторија, па затоа, веднаш мора да признаеме дека тој ист Адам Говрлевски е Хелен, оти е прапредок на Гркот Александар, кој, токму затоа, иста таква фигурина секогаш носел закачена на мадињата, ама и престолот на опсерваторијата во Кокино всушност е царскиот престол на Бугаринот Самуил и затоа веднаш, како добрососедски чин, едното мора да го вратиме во Атина, а другото да ѝ го подариме на Софија. Којзнае, можеби и се сетиле на тоа, ама уште не стигнало на ред како услов за нашето напикување во Европската Унија.
А кога сме кај Унијата, Урсула фон дер Лајен ни доаѓа, односно дојде вчера, ама бидејќи јас колумна пишувам рано наутро во петок, не знам што ќе каже откако ќе стигне подоцна, иако тоа воопшто не е тешко да се претпостави – внесете ги Бугарите во Устав, следете го примерот на добрососедските односи меѓу Атина и Софија, односно патот на коските, па вратете и вие нешто – сигурно сте ископале некакви коски на сите оние наоѓалишта, сеедно чии се, па така, ништо нема да ви чини ако на Грците им ги вратите черепот на полубогот Херакле, вистинскиот татко на вонбрачниот Александар – што хахаха, го ископавте во Хераклеја, каде што тој одел тајно да се клецка со Олимпијада – а на Бугарите, секако да им ги вратите, хихихи, скороископаните колкови и колена на сестрата на Кирил и Методиј, која всушност ја создала бугарската глаголица, но затрескана во некој Лихнидец, баталила наука, буквите им ги оставила на браќата, но за себе, покрај езерото, кренала тврдина и ја нарекла Самуилова, затоа што како Бугарка знаела дека од нејзиното колено подоцна ќе изникне Самуил, царот на Бугарија.
А што се однесува до уставните промени, јас имам компромисно решение. Бидејќи Урси многу е загрижена за човековите права на Бугарите во Македонија, ние пак не сакаме да ги внесеме во Устав додека не влеземе во Унијата – бараме гаранции од Брисел дека нема да има нови бугарски барања и вета, па за да излеземе од ќор-сокакот, само треба да ја ставиме Урси во Уставот, таа во своето големо срце секако ги има сместено оние неколку илјади македонски Бугари, и кога ќе влеземе во ЕУ, од нејзиното срце ќе излезат и низ преамбула слободно ќе ни се рашетаат тие древни потомци на братот на љубовникот на стрината на Самуил чии коски денеска патуваат за Софија.