Наваму-натаму, напред-назад, годината се стопи. Каква е, таква е, дојде време и за ајвар-филозофијата на нашиот граѓанин. Патем, тој тешко може да се стави во калап бидејќи не е навикнат да практикува западен тип на демократија како што се прави во напредните држави. А таа нивна демократија да ти била чиста и без свиоци и далавери. Веројатно ја знаете приказната за попот што ги учел своите рабови од парохијата да не го прават она што тој го прави надвор од каноните бидејќи тој е привилегиран божји чиновник. Само да се запрашаме од каде толкав капитал истурен во градежништвото, а згора на тоа стан слободен ниту до 2029 година. Значи, прекуноќ се престоривме во бабуши што плаќаат и до 3.000 евра по квадрат за станбен дом. Едноставно, ниту законите ниту современите текови низ кои минува светот не се во можност тукутака да ни го скусат правото на сопствени одлуки, кои најчесто се во спротивност со нив. Или… можеби се лажам? Впрочем, и тоа е еден вид на демократија, зарем не? Настрана приказната како треба да изгледа демократијата без притоа да ја мине црвената линија на хаосот и анархијата. Едноставно, иако се обидуваме да препишуваме закони од „богатата“ правна ризница на Европа, не можеме и не сакаме така едноставно да спроведеме нешто за кое мислиме дека не е изворно наше. Просто кажано, инает. Арно ама и тој бедем попушта пред наплив на евра, па веднаш се откажуваме од традицијата и нашите одамна всадени вредности.
Што да се рече за светот што и сам не си ја знае еволутивната патека по која треба да чекори. Со малку подлабока анализа, веројатно ќе се дојде до недефинирана позиција на растурени вредности. На моменти како да ја препознава сопствената застранетост во безмалку дистописките содржини и непланското талкање по нови форми на организираност, на моменти како да се обидува да ги извлече нозете од мочурливото тло во кое заглави. Сето ова личи на надојдена река на неизвесност. Наспроти дистопискиот начин на живот што сега се практикува во совремието, многу поретко и повоздржано, ние од населбата Дутлок ја живееме ајвар-сезоната во пакет со задоцнето лето. Едноставно, можеби тоа се последните грчеви на една сега веќе згасната традиција или минато што полека гасне. Денес е вистинска привилегија да се прави ајвар по старо. Тоа ви е туристичка понуда – пар екселанс. Некогаш во таа наша Њу Сетлмент, фуреа тенекиени ќумбиња на сите страни. Мирис на ајварка, мирис на чад од благословени дрва. Опиум за сетилата. Тивка врева околу нив, ракија и мезе. Одвреме-навреме довикувања преку дворовите и шега. Некои подзаградени со дрвени тараби, повеќето отворени за маалскиот свет. Ако некој од дигиталните оператори на ќумбињата пивнеше малку повеќе, ќе одекнеше и песна, која ќе беше прифатена и од соседството. Повеќе раце лесно се справуваа со вреќи од по 50-80 килограми пиперка. Другарување за незаборав. Пред да почне операцијата „ајвар“, често договори кој кога ќе прави за да има повеќе раце за работа.
Гледано од таа временска разлика, погорниот текст постави теза за нашиот прием односно за динамиката на чекорот во и кон Европската Унија. Да се разбереме, ние децата од Дутлок живеевме за Холивуд и неговата магија. Легнувавме и станувавме со вестерн-филмовите на Џон Форд, Џон Старџес и Хатавеј, со херојските ликови на Гари Купер, Џон Вејн, Џемс Стјуарт, со „страшните“ поглавари Џеронимо, Кочиз, Бикот што Седи. Последниот на чело на здружени сили составени од племето Сијукси, Арапахо Апачи и Шошони, кои имале 15 илјади воини, кај месноста Литл Биг Хорн извојувал голема победа над седмиот коњички полк, со кој командувал генерал-полковникот Џорџ Кастер, кој притоа го загубил и својот живот. Легнувавме и станувавме со филмовите работени според делата на Жил Верн, Џек Лондон, Агата Кристи, Фенимор Купер, Марк Твен. Кога нашите родители ќе побараа да бидеме од помош околу разгорените печки со пиперки на нив, ќе најдевме чаре да побегнеме со однапред подготвено оправдување за да одгледаме филм со Кирк Даглас и Тони Кертис за викинзите, познатите вестерни „Вичита“ и „Од пеколот до Тексас“, а подоцна и „Седумте самураи“ на Куросава или „Седумтемина величествени“ на Џон Старџес. Не навлегувајќи во реалната слика на филмските стории, ние ги претпочитавме каубоите, па дури и злобните наспроти кутрите индијански борци, од кои се плашевме и ги мразевме со детски гнев. Голема беше нашата тага по погибијата на Џорџ Кастер кај Литл Биг Хорн, бидејќи пред сѐ големо беше херојството на висок офицер што остана докрај со својот седми кавалериски полк. И после нека некој рече дека не сме биле на западната страна. Во услови на видоизменет свет, сигурно ќе навиваме за послабите и покорените. Не знам дали била нивна желба Индијанците да се повлечат во резервати. Патем, ваквата демократија како да роди и некои други бисери што го валкаат нејзиното општествено руво. Оградени населби со чуварска служба, изолирани богати квартови, намножени арамиски дружини, алиениран човек што живее само за себе газејќи по трупови…
А ние последните ајварџии од Њу Сетлмент се вртиме наоколу за некој од новите соседи што живее по европски терк да не пријави дека му се вклучил алармот што сигнализира пожар. Дрвата загадуваат, алиштата не смеат да висат на жиците бидејќи ја расипуваат сликата на опкружувањето, кое патем е покриено со дебел слој индустриска и минерална прашина од десетината сепарации што подготвуваат чакал за изградба на автопатиштата. Претешка е секоја сеидбена активност во услови на нерегулирани системи за наводнување и сѐ поголем недостиг од вода. Вревата треба да биде сведена на шепот, а за песна немаме ниту душа ниту сили за да викнеме на сиот глас, човечки. И сето ова на сметка на планинските возила со четири тркала, на силните мопеди со намерно изобличени издувни инструменти и засилена децибелска активност, која сигурно го оштетува слухот, и секако на чудесен начин регистрираните возила со дотраеност со нивниот издувен отров. А гориво…? Па, гориво има и покрај сета криза во светот. Кој кого манипулира, кој го истиснува човечкото од нашите души?
Годинава помалку печки од лани. В година… сигурно уште помалку оти на рафтовите од моловите, маркетите и гранапчињата, една дузина тегли национален производ – ајвар. Само, домашно си е домашно, но, за жал, ние ќе мора да го следиме светскиот тренд за дистрибуција на храна што ниту мириса ниту го има вкусот на оригиналот. Којзнае, можеби еден ден човекот човечки ќе се врати на вистинските вредности за кременадлата или бифтекот да не бидат покриени со куп преливи што го кријат вистинскиот квалитет на месото. Поздрав до сите маалски ајварџии и мешалката во раце!
Љубомир Јованоски
































