Кој прв почна?

Драги мои, Македонија изгуби двесте илјади православни верници во само дваесет години. На пописните резултати што беа објавени пред неколку недели, меѓу другото се појавија и повеќе од двесте илјади христијани! Внимавајте, само христијани, без конкретна определба на нивната вероисповед како православни, католици, протестанти или други. Не. Само христијани. Ха! Директорот и могул на овој попис, другарот Апостол Симевски, инаку по лична изјава атеист, рече дека не бил тој виновен што тие двесте илјади Македонци не знаат од која вера се?! Тој не е виновен. Океј. Сега, гледано од умот на еден атеист, сосема е нормално да се манифестира триумфализам на идејата за релативноста од постоењето конкретни христијани, па овие двесте илјади лесно можат да се придодаваат и одземат натаму, наваму, горе, долу, лево и десно. И тоа е така, внатре во границите на попишаните Македонци во Македонија.

А каква е ситуацијата надвор, во дијаспората? Таму нема ни бројка. Таму не се знае ниту колку се, а уште помалку од која вера се? Ни ѓаол ни враг, што би рекол неверникот Апостол, е ситуацијата со македонските христијани што некогаш, на некои други пописи нивните родители знаеле дека се православни, а овие сегашниве, ете, го изгубиле сознанието за нивното православно вероисповедание. О ровја! Она што денес шизофрено се нарекува „Македонска православна црква – Охридска архиепископија Јустинијана прима, некогаш ќерка црква на српската мајка црква, сега самопонудена за ќерка и на бугарската црква, а активна во себенудењето за син на таткото цариградскиот патријарх“, со единаесет епархии и единаесет митрополити, со стотици свештеници и монаси, со цркви и манастири, со имот вреден милиони, со бизниси што стигаат до учество во картели со дрога, изгубила двесте илјади верници!? Па на што дрога ги држат тие попови и владици ако не успеале своите верници да ги научат да се кажат што се? Нели идејата да им се дадат имоти, цркви, недвижности, бизниси и да не плаќаат даноци беше со цел да го приберат стадото блиску до себе? Како сега се случи наместо идентификација со православната вера да имаме обратен процес? И кој е за тоа виновен, ако веќе тоа не е другарот Апостол Симевски? Не знам. Но се води натаму дека и тој го има ставено едното раче на срцето, а другото на Библијата кога му се колнел на вечна љубов на другарот му Зоран Заев, кој сосема е јасно дека е демиургот на ова одбројување на двесте илјади македонски православни чеда помалку. И за да не си го губиме времето со метафори, дајте еднаш засекогаш да ги расчистиме работите и да одговориме на прашањето – кој прв почна?

Прв почна владиката на епархијата што го носи името на градот со улицата каде што се поставило тоа прашање. И така, протестантот Зоран Заев се покрстил во православен и другарот Ѕвонимир Илиевски викан владика Наум, добил уште еден православен верник. Таа љубов на митрополитот струмички кон една овца и нејзината заблуда на крајот стасала дотаму тој трчајќи по неа натаму-наваму, оставил волците да му влезат во стадото и да му изедат двесте илјади верни, млеко и волна дајни кротки овци. Сега, знам дека многумина мои пријатели ќе ми се лутат што јавно судам за владика, ама тој владика не беше само владика што се грижи за верата православна и христољубива, туку беше протеже на изгубената овца, која ја покажуваше натаму-наваму како најубавото животно во неговата фарма. Тој, владика, заедно со таа овца по цркви и манастири пречекуваше политичари и претпоставувам ги благословувал на вечно братство и христијанска љубов. Па така, во манастирот Водоча тој митрополит беше домаќин на самитот Бојко Борисов – Зоран Заев, каде што претпоставувам и благословувал за идејата на меѓусебно признавање на различните овци како исти, односно, миропомазил дека сите македонски овци се од една мајка родени од Ниш на север, до Софија и Истанбул на исток. Така да се каже со речникот на една друга дејност, блиска на овчарството, а тоа е свињарството – ако се замешаш со трици ќе те јадат бишки! Тоа е така кога во една фарма ќе се измешаат овци и свињи. Или, во најлош случај, ако свињата ја помешаш со овца. Тој митрополит е духовен отец на други митрополити во земјата и во дијаспората, каде што мисијата на тие митрополити ниту била, ниту е, а ниту ќе биде ширењето на православното стадо и верата Христова. Ги гледаме, поп-ѕвездите Пимен во Европа и Методи во Америка.

Луѓето, очигледно таму се отидени на друг концерт, на друга музика за светот, кој нема ништо со православието и христијанството воопшто. Немам ништо против луѓето да бидат амбасадори на социјалните мрежи, на општата братска љубов и владици на рокенролот и поезијата! Зошто да не? Нека се. Ако може Златко Ориѓански во Тирана, зошто не би можел еден Пимен во Париз, а богами и еден Методи во Чикаго да бидат митрополипретставителите на комуњарското православно братство на возљубените во уметноста на северџанскиот народ. Најпосле, сите заедно се поранешни рокери, кои во голема мера имаат тенка ама суштинска нишка со христијанството преку византиското црковно пеење. Ете, решен е проблемот на луѓето. Нека има и за нив едно љепче, како што кажува патријархот на светото северџанство другарот другарот Зоран Заев. Но тие се таму во име на црквата што ја содржи придавката на името на државата и она што остана од нацијата. И мене, сето тоа не би требало да ме загрижува затоа што одамна немам никаква идентификација со институционалната црква на Ѕвонимир Илиевски и неговото црковно намесништво. Точно го објаснува тој во книгата „Од каков дух сте правени“? Убаво ја разбрав. Не сум во неговата митрополија и немам ништо со него. Точка. Но имам врска со парите што им овозможуваат на разните ѕвонковци да го прават тоа што го прават. Јас нема никогаш да разберам како може да се прави црква со крадени пари? Не сакам и нема да прифатам дека митрополит, заедно со криминалец, го видовме како Заев ги дели парите по едно евро за него, едно за Вицето и едно за Ѕвонимир, заедно да градат црква во која ќе се слават Десетте божји заповеди, кои во својата суштина исклучуваат сѐ што тие правеле во името на Господ Бог, христијанството и православието. И за да не се разбереме погрешно. Ова мора да заврши. На ова мора да му се стави крај.

Мисијата на Ѕвонимир Илиевски и неговите протежеа е сосема различна од идејата за постоењето на Македонската православна црква, како крст и покров под кој ќе се соберат Македонците по примерот на Грците, Србите, Бугарите, Романците, Украинците, Русите и сите други православни. Не знам, ама, очигледно е дека ние што знаеме дека сме православни, одамна немаме никаква идентификација со православието на Ѕвонимир Илиевски. Најпосле, ѕвонковци ќе мора да се определат, помеѓу стадото или помеѓу овцата? И, секако, имотот на ПМЦ, особено оној што е даден од државата Македонија, земјата, црквите и манастирите од ромејско, српско и македонско време, пред постоењето на МПЦ, треба да се национализираат, со цел заштита од узурпација од други цркви на други народи што дејствуваат на територијата и надвор од Македонија, за да бидат зачувани за некои идни генерации, кои ќе знаат од која вера се и без да бидат прашани или попишувани. И да, црквата на „Светото тројство на едно евро за мене, едно за Вицето, а едно за црквата“, која се гради во центарот на Струмица, мора да се оданочи, да се платат комуналии и да се определат сите такси и давачки како за кој било друг граѓански објект, од причина што нема како криминалот да го претставуваме за света работа, а криминалците за светци. Нели, дедо попе? Идната локална и државна власт мора да поведат истрага за тоа како се финансира таа градба. Ете, предлагам, да се стопира изградбата, да се утврди фактичката состојба и доколку се утврдат неправилности и ако така предвидува законот, тој објект да се сруши и на негово место да се изградат училиште, болница или друг објект од јавен интерес. За да се памети дека со пари од криминал не се градат дури ни цркви и манастири.

Јани Бојаџи

Авторот е режисер и универзитетски професор