Кој го расцепува НАТО?

НАТО можеби сè уште има 32 членки. Но ако продолжи политиката на состаноци со „одбрани“ сојузници, прашањето е колку долго ќе има 32 еднакви гласа. Вашингтон сака посилна Европа. Тоа е разбирливо. Америка сака Европејците да трошат повеќе за сопствената одбрана, да преземат поголем товар и да престанат да ја третираат безбедноста на континентот како услуга што автоматски ја плаќа Вашингтон. И тука нема ништо скандалозно. Скандалозно би било ако цената за таа нова европска одговорност стане поделбата на самото НАТО. Зашто едно е да се разговара со група држави за конкретни воени способности. Сосема друго е да се создава впечаток дека постојат „вистински“ и „погрешни“ сојузници. Токму тука започнува ерозијата. Велика Британија, Франција и балтичките држави не се периферни членки. Тоа се држави со огромно политичко, воено и стратешко значење за европската безбедност. Ако нивното исклучување од одредени разговори стане правило, тогаш НАТО полека престанува да личи на сојуз, а почнува да личи на систем на внатрешни кругови. Првиот круг одлучува. Вториот круг слуша. Третиот круг дознава што е договорено. Тоа не е рецепт за единство. Тоа е рецепт за сомнеж. А во геополитиката сомнежот е поскап од оружјето. Европа денес е притисната од војната во Украина, од промените во американската стратегија и од либералната амбиција сама да изгради многу посериозна воена архитектура. Во такви околности последното нешто што ѝ треба е нова линија на поделба на Европа, а Брисел многу добро го знае тоа. Вашингтон може да го преиспитува НАТО. Европа може да бара поголема автономија.
Членките можат да се караат околу пари, оружје, командување и приоритети. Но постои една работа што не смеат да ја изгубат ако сакаат да опстанат. Тоа е довербата… и дека сите седат на иста страна од масата. Зашто НАТО не е американска филијала во Европа. Но не е ниту европска организација без Америка. Тој е договор меѓу сојузници. И токму затоа најопасната реченица денес не е дека Америка сака повеќе од Европа. Најопасниот став би бил: „За ова ќе разговараме само со некои од вас“. Ако тоа стане новиот јазик на НАТО, тогаш проблемот нема да биде кој бил поканет во Полска. Проблемот ќе биде што НАТО почнало да се расцепува однатре. А сојузот што почнува да се дели на „наши“ и „нивни“ веќе ја губи најважната битка, а тоа е битката да остане – СОЈУЗ.