Кога непостапувањето е убиство

Неказнувањето на сите форми на родово базирано насилство ја зголемува недовербата во институциите и ги охрабрува повторувањето на насилството и неговото кулминирање во фемицид

„Држава што не постапува е држава што убива“ е еден од слоганите што изминативе две години се слушаат на протестните осмомартовски маршoви во главниот град. На овој начин организаторките на протестите, членките на Платформата за родова еднаквост, која е составена од 28 граѓански организации што работат во полето на родова еднаквост и родово базирано насилство во Македонија, го изразија револтот за непостапувањето на институциите во случаите на родово базирано насилство, кое резултираше во неколку фемициди во изминатиот период.
Фемицидот претставува убиство на жена затоа што е жена и е најекстремната манифестација на насилство врз жените, која најчесто е резултат на континуирана изложеност на насилство, при што сторителите се најчесто интимни партнери, членови на семејството или други лица познати на жртвата. Иако фемицидите претставуваат проблем што е широкораспространет на глобално ниво и засегаат половина од светската популација, сепак се соочуваме со недоволна политичка волја за нивно превенирање.
Доказ за тоа е фактот што сè уште не постои универзално прифатена дефиниција за фемицидите, која би била основа за понатамошно собирање основни податоци за неговата феноменологија, но и процена на неговата распространетост.
Употребата на терминот фемицид за првпат е документирана во книгата „A Satirical View of London at the Commencement of the Nineteenth Century“ на Џон Кори од 1801 година, каде што се користи за реферирање на убиство на жена. Многу подоцна, во 1976 година, терминот фемицид е за првпат јавно употребен од страна на феминистката Дајана Расел на Меѓународниот трибунал за кривични дела спрема жените во Брисел, со цел да го насочи вниманието кон дискриминацијата и насилството врз жените.
Расел заедно со Џил Редфорд во 1992 година го дефинира фемицидот како мизогино убивање жени од страна на мажи, за неколку години подоцна да ја користи дефиницијата убивање на една или повеќе жени од страна на еден или повеќе мажи поради тоа што се жени.

Европскиот институт за родова еднаквост го дефинира фемицидот како убиство на жена од страна на интимен партнер и смрт на жена како резултат на практика што е штетна за жените, притоа под интимен партнер се подразбира поранешен или сегашен сопруг или партнер, без разлика на тоа дали со сторителот делеле или сè уште делат заеднички дом. Притоа, за еден случај да биде сметан за фемицид мора да постои имплицирана намера за извршување на убиството и демонстрирана поврзаност помеѓу делото и родот на жртвата.
Дефинирањето на фемицидите варира, бидејќи во голема мера зависи од општествениот и културен контекст, односно патријархалниот систем во кој се втемелени традиционалните родови улоги, кои почиваат на инфериорната положба на жената во општеството. Македонското општество се карактеризира со висока толеранција на насилството и негова нормализација во различни сфери на животот, со што придонесува за опстојување на културата на насилство.
Така, на пример, една од највидливите форми на перпетуирање на културатa на насилство, особено врз жените, е преку македонското фолклорно творештво. Народните песни не само што ја нормализираат женската послушност кон машките членови на семејството туку и многу често ги романтизираат различните форми на насилство врз жените. На ова се надоврзува и нормализацијата на убиството на жените, имајќи ја предвид нивната помала општествена вредност, па, оттука, и убиството на жена нема иста тежина како убиството на маж.
Според најновите податоци, се проценува дека во 2020 година, на светско ниво, 47.000 жени и девојчиња биле убиени од страна на нивните интимни партнери или други членови на семејството, што значи дека во просек на секои 11 минути една жена или девојче се убиени во нивното семејство, потврдувајќи дека домот е најнебезбедното место за жените. Најголем дел од жртвите на убиства извршени од страна на интимен партнер или роднина, односно блиски лица на кои им веруваат, се жени, притоа овие убиства се најчесто кулминација на претходно искуство на друга форма на родово базирано насилство, како психолошко, сексуално или физичко.
Во Македонија најголем дел од жените (60 отсто) смета дека насилството врз жените е вообичаена појава и приватна работа (48 отсто), што резултира во негова нормализација и придонесува за значително ниската стапка на негово пријавување, која се проценува на два отсто.

Кај нас воопшто не постои систем на регистрирање на фемицидите, па, така, според единствените податоци за фемицидите во земјава на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, во периодот од 2001 до 2016 година се регистрирани 32 фемицида, додека од 2017 до 2020 година 22 фемицида.
Според последната анализа, кај повеќе од 75 отсто од анализираните случаи на убиства на жени кривичното дело е извршено од страна на актуелниот или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого жената живеела во заедница, а во повеќе од 80 отсто од случаите, иако претходно постоело насилство, за кое подоцна во постапката сведочеле роднини на жртвата, ниту една од жртвите не го пријавила во надлежните институции. Повторно, податоците потврдуваат дека жените и кај нас се најчесто убивани во својот дом.
Од особено значење за употребата на терминологијата поврзана со фемицидите има феминистичкото движење во Централна и Јужна Америка. Како резултат на преваленцијата на фемицидите на оваа територија, а особено во градот Сиудад Хуарез во Мексико, кој го привлече вниманието и на меѓународната заедница, терминот феминицид што се користи на овие простори, меѓу другото, ја вклучува и нереспонзивноста на државата во однос на убиствата на жени. Токму во овие земји фемицидот е пропишан како посебно кривично дело.
Од друга страна, во ниту една од земјите-членки на Европската Унија не постои посебна дефиниција за фемицид, при што како појдовна точка се користи основната дефиниција за убиство, земајќи ги предвид елементите што секоја од земјите ги користи за поспецифично дефинирање на родово базираното убиство на жени, најчесто како отежнителни околности при квалификување на делото.
Поттикната од неодамнешниот фемицид во Брисел, минатиот месец Владата на Белгија донесе нацрт-закон во кој се прави разлика помеѓу различни форми на фемицид и кој, доколку биде усвоен, ќе биде првиот експлицитен закон што го регулира фемицидот на европско тло.

Фемицидот не е препознаен како посебно кривично дело во македонскиот кривичен закон и се регистрира како и секое друго убиство, а семејното насилство што му претходело на убиството се зема како отежнителна околност во судските постапки. Во моментот во тек се измените на Кривичниот закон во насока на негово усогласување со Истанбулската конвенција и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој беше донесен во 2021 година, меѓутоа она што останува како најголем проблем е имплементацијата на законите од страна на релевантните институции.
За проблематичната имплементација на законите говори и последниот случај на фемицид што се случи во август во Неготино, за кој реагираше и Платформата за родова еднаквост.
Според изјавите на полномошниците на оштетените, тие сметаат дека од страна на Основно јавно обвинителство – Кавадарци се направени големи пропусти во истражната постапка, односно дека од страна на обвинителот не е покажан никаков интерес и е вложен минимален труд во поглед на обезбедување докази од кои може да се утврди намерата за преземање такви дејства од страна на обвинетиот.
Притоа, обвинителот не истражил какво поведение имал сторителот пред да го изврши делото и дека станува збор за личност со историја на сериозно насилничко однесување, кој манифестирал висок степен на љубомора спрема жртвата и континуирано во текот на една недела пред настанот изјавувал „еден ден ќе ја убијам“. Со сите наведени пропусти, обвинителот прави и погрешна квалификација на делото во тешка телесна повреда наместо убиство во вршење семејно насилство од чл. 123 од КЗ, со што не се влијае на превенцијата од овој вид на дела, бидејќи вака поставената квалификација остава простор за изрекување полесна санкција.
Казнената политика во областа на родово базирано насилство е од особена важност за превенција од фемицидите.
Неказнувањето и несоодветното казнување на сите форми на родово базирано насилство, особено на фемицидот како негова најтешка форма, дополнително влијаат на зголемување на недовербата во институциите и непријавување од страна на жртвите, што, од друга страна, ги охрабрува повторувањето на насилството и неговото кулминирање во фемицид.
Затоа, потребно е институциите конечно да разберат дека токму тие ја имаат одговорноста и моќта да го прекинат магичниот круг на насилството.

Бојана Јовановска
(Республика.еду.мк)