Испратете ја логиката да се одмори на Хаваи

Во 1986 година, среде Мексико, ја видовме „раката на Бога“. Сега, среде Катар, стигна до нас и „фризурата на Бога“. Не го смислив ова јас, ама слатко се изнасмеав. За неупатените, „раката на Бога“ се случи на натпреварот помеѓу Аргентина и Англија, кога Марадона со рака даде гол и Аргентинците победија. Судиите не видоа, а ВАР немаше. „Фризурата на Бога“ ја видовме на ова Светско првенство кога Роналдо за кратко време успеа да си го присвои голот што го даде Бруно Фернандеш.
Русјаков, прекини да гњавиш со фудбал!
Политиката е во депресија. Од неа е поинтересна една обична топка што се тркала. Затоа политиката се глупира, од петни жили се труди да го земе чаламот. Како во светот, така и во Нордистан. Пред некој ден читам наслов… американскиот тим што ќе дојде во Нордистан… и онака недочитувајќи, ме фати еуфорија, бидејќи само што ги испратив Американците од Катар задоволен од нивната игра. Што? Пулишиќ, Меккени, Сержињо Дест, Тимоти Веа, Тим Рим и другарите ќе дојдат во Нордистан? Зошто? Тераат некоја комерцијална едукативна турнеја? Ќе ни пренесат дел од искуствата?
Уозбили се, Русјаков! Доаѓа американски тим за да ѝ стави крај на корупцијата.
Да, а? Прекрасно! Американски тим ќе го менџира Нордистан и ќе се грабне за гуша со корупцијата. Добро, многу добро. Американците се познати по менаџирање други држави. Во втората половина на 20 век, преку ЦИА, успешно ја менаџираа речиси цела Јужна Америка. Американскиот менаџмент спроведен преку Пиноче во Чиле ми е омилен. Оние што не се согласуваа со промената и го сакаа Аљенде, ги носеа на обука за летање. Потоа, во овој век, видовме како Американците успешно ги менаџираат Ирак, Авганистан, Либија и Сирија. Многу демократија однесоа, човек веднаш сака да се пресели таму.
Ама чекајте малку, сепак не ми е јасна возбудава. Па, ова воопшто не е првпат. Мислам, Амери да нè менаџираат. Нели и СЈО беше еден вид американски тим за борба против корупцијата? И Заев сосе неговите што ни ги октроираа. САД преку Калето беа нешто како селектор. Море каков циркус спроведоа за да ги истопорат на престолот. ДУИ им се дрим тим уште од 2001 година. За успешното менаџирање на промената на името од Македонија во Нордистан среде „Мериот“ ич муабет не ми се прави. И еве сега повторно ќе нè менаџираат.
Важно сите среќни. Власта слави. Убедени се дека американскиот тим ќе ја апси корумпираната опозиција. Опозицијата возбудена до восхит. Сега ќе дојдат Американците и ќе ја испоапсат корумпираната власт. Новинарите доживуваат оргазми. И провладини и опозициски настроени. Секако се надеваат на спонзорство плус. Америте сигурно ќе фрлат некој долар за тие да ја воспеваат приказната дека истите тие Амери ќе ѝ стават крај на корупцијата, а Путин е Хитлер, што всушност е независно новинарство среде демократија.

Најсреќни се судиите и обвинителите. Тие секако не се корумпирани, системот е таков. Па, не се тие виновни што наместо демократија во Нордистан, политички систем стана корупцијата донесена во руски актовки и подметната во сите сфери на битисувањето. Нема друга логика ако знаеме дека со години Американците истураат милиони во политиката, судството и медиумите, односно во демократијата, а ваму, насекаде корупција. Логиката вели, келнерот е виновен. Тој ни подметнува руска коруптивна дрога во прозападната демократска пијачка. Мене ми е само жал за американската амбасадорка. Пустата, ќе мора да отвори четири очи и да внимава каде гази, оти толку многу, во следниот период, ќе се лигават околу неа што секаде ќе биде лизгаво и лигаво. Утрешни наслови: РУСЈАКОВ Ѝ СЕ ЗАКАНИ НА АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДОРКА!!!
Всушност, од памет сме извадени само ние корумпираните. Туку наеднаш сфаќаме дека доаѓа американски тим да нè лови како елени. Барем да нè предупредевте за психички да се подготвиме. Особено ваквите како мене, кои не знаат баш финансиски да се корумпираат, оти сме малку глупи и не знаеме како да се справиме со парите што ги немаме, ама па сме душевно корумпирани. Штом сметаме дека американската политика спрема Македонија спроведена од нашата независност наваму е нацистичка, односно идентитетски геноцидна, сигурно сме путинисти, рубља-патриоти под руско влијание, значи душевно осакатени, читај корумпирани. Веројатно многумина ќе се израдуваат ако преку независното судство ни спакуваат некој политичко-полициски монтиран процес или, едноставно, ако бидеме испратени на обука за летање.
Стравуваат и материјално корумпираните граѓани. Оние што пикаат пари во џебови на полицајци, доктори, професори, судии и обвинители, па овие кутрите, оти не забележале, чувствуваат чудна мачнина, нешто ги глочка во џебот, им прави с`клет, ко да носат вишок што сами не го ставиле, па штом брцнат рака во џеб и најдат пари во него, не можат да знаат кој корумпиран гад им ги подметнал кога низ денот со многу граѓани се сретнале. Е па, нека му ја мислат сега овие гадови од граѓани што брцаат раце во туѓи џебови, ем за да си завршат работа, ем за да го корумпираат системот, кој без нив секако ќе блескаше.

Ваквите корумпирани граѓани обично имаат гадна навика да бојкотираат референдуми за промена на име и идентитет, ама и одбиваат да признаат дека се измислена нација што во суштина е бугарска и сето тоа зашто не сакаат да влеземе во ЕУ и НАТО, каде што нема корупција. И ете го коренот на корупцијата. Што нè враќа на почетокот кај Американците. Тие преку свое менаџирање ги победија ваквите одвратни корумпирани граѓани инсталирајќи свои подобни политичари што преку „балкански методи“ во Собранието ја поништија референдумската волја на корумпираниот народ, оти не е за секого демократија, па така влеговме во НАТО и добивме датум за преговори со ЕУ, не еден, туку три, по што почнавме да блескаме, новото име започна да ни ги плаќа сметките, НАТО нè брани од Путин, судиите и обвинителите си ги добија своите милиони американски долари за подобрување на правниот систем и сето ова звучи како хепиенд, ама не е, иако наскоро ќе дојде и тоа, откако американскиот дрим тим за борба против корупција ќе започне со последната битка за Нордистан, битка со граѓаните што ги корумпираат политиката, судството, здравството, образованието, битка во која за почеток само треба да ја испратиме логиката да одмори на Хаваи и да не се плетка каде што не ѝ е местото.