Дедо, кога најубаво се живееше? Кога имав петнаесет години. Дедо бе, па Втора светска војна беснееше. Да, ама јас бев млад, полн сила и љубов за сиот свет.
Не велам дека човек не може да биде „полн сила и љубов за сиот свет“, кога ќе созрее или остаре, но младоста некако те тера да се чувствуваш бесмртен. Не ми е тоа муабетот. Се сеќавам, пред триесет години, јас сум петнаесетгодишниот капетан (Жил Верн) на светот и никако не сакам да викнам, збогум мои петнаесет години (Клод Кампањ). Не можам да кажам дека имам безгрижно детство, натоварен сум со купишта љубовни фантазии, околу мене, од телевизорите и избезумените погледи на возрасните, тече приказната за крвав распад на државата што нè учеа да ја сакаме, но детство е детство, а младост е лудост. По баскет, туширање, од туширање пак на улица, полека се стемнува, а тоа значи почнува она највозбудливото. Седиме на клупа „кај Млечен“, чекаме да дојдат „женските“… а-ха, девојчињата беа „женските“, оти ние копиљаците бевме „машките“… и чекајќи го тој трескавичен момент на нивното доаѓање како принцези на бал, разговараме кој во која е вљубен. Се расфрламе со толку патетични зборовни акробации што на еден модерен вонземјанин би му се слошило. Јас за неа би одел до крајот на светот, ако треба и до Тунгузија. Пред три дена ме гушна кога ми честиташе роденден, уште мирисам на неа, не влегувам во када следните две недели. Во нејзините очи ги гледам небото и сите птици преселници што не се селат на југ, затоа што во погледот секогаш ѝ е лето. Секако, најчеста и најупотребувана реплика, украдена од петпарачки филмови и евтини рефрени беше, ќе ѝ ги симнам ѕвездите.
Дај бе не ме гледајте така бело, знам дека сме пред избори, ама никаде нема правило или закон дека колумната мора да биде политичка!
И еве ме, триесет години подоцна, низ животот успешно симнав за нив и ѕвезди и соѕвездија, правев супернови и ги носев на сурфање низ црните дупки на мојата налудничава фантазија, вистина е, ниту една не задржав за среќно да живееме до крајот на вечноста, оти, без лажна скромност, сите заслужија и подобар и постабилен и вистински зрел и посветен, па денес, малку од професионална писателска деформација, малку од радозналост, знам, понекогаш, да начулам уши за да ги прислушувам денешните тинејџери по населба, низ град, во автобуси. Секако, како и сите тинејџери, полни се со сила и љубов за сиот свет, ама мене, пустото, ме интересира како зборуваат „машките“ додека чекаат да дојдат „женските“ и што би направиле за девојката поради која се натоварени си тешки љубовни грижи.
Се фати со неа? Уште не, ама убеден сум дека ќе отвориме скрининг-процес, кај и да е. Ех, а јас за мојава ги научив на памет сите поглавја за пристапни преговори. Ти бар си тргнат на вистинскиот пат, не знаеш какви проблеми јас имам, нејзиното срце наместо да се реформира за мене, сосема е предадено на руски влијанија. Нема нешто што не би сторил за неа, тие нејзини очи, брат, толку се полни западни вредности што и сонцето веќе не изгрева на исток. Вчера ме бакна во образ и тоа секако е совршено, бидејќи ме води кон извесен датум за отпочнување преговори кога нашите усни ќе се соединат во француска рамка. Ја слушнав кога на другарката ѝ рече, срцево ми е разболено од љубов, се надевам дека тоа е љубов за мене, па затоа, во прва прилика ќе ѝ ветам дека ќе ја внесам во ЕУ за да си го излечи срцето бесплатно. Тука секако мора да го има и оној, со репликата од петпарачки филмови и евтини рефрени. Ќе ги симнам за неа сите ѕвезди… сите ѕвезди од знамето на Европската Унија.
А-ха, ве отворив политички четири прста. Тоа и го чекавте, нели? Толку се возбудивте што и не забележавте дека се повторувам. А како и да забележите кога сите други постојано се повторуваат на истата таа глупа тема за ЕУ. Јас барем оригинално се повторувам. Е да, нема веќе, „ќе ти ги симнам ѕвездите“. Ако сакаш да ја фрлиш во патетична разнежнетост, тивко ѝ шепнуваш на уво, „само јас можам да те внесам во ЕУ“, и веднаш, секое влакненце на депилираната кожа ѝ се наежува, а нејзините ерогени зони веќе го лачат оној познат мирис за кој знаеш дека води до нејзината пост… постапка за можни идни пристапни преговори со твојата нереформирана возбуда.
Си реков, океј, идат избори, ете и ние како остатокот од досадната планета оваа година ќе гласаме, срамота е, јас, демек колумнист, сосема да се изолирам од дневнополитичките збиднувања, дај да видам што тоа се беседи по телевизии, весници и портали. И видов. Уште незапочната кампања, а овие истопорениве на пазарот за гласови, со сите сили се трудат да ме откажат од понатамошна политичка опсервација. Посебно оние политичко интелектуални тафтабита-наративи, ако не си за ЕУ, тогаш си за Русија. Еве бе, за Русија сум, и сега што? Мислам, нема врска муабетов, јас реално сум за Ливерпул, ама ај ќе им терам глупата мантра и за Русија сум. И? Не бе, не сакам да се интегрираме во ЕУ, јас сум за БРИКС. Ма каков БРИКС, глупости, сакам да станеме руска губернија. И? Што Навални? Ако Нордистан стане руска губернија ќе имаме Навални-демократија?
Па ние Гулаг имаме, луѓе ни скапуваат по затвори осудени на тешки робии во психопатски политичко полициски монтирани процеси, во обвинителството ни седат чекисти, а судот ни е НКВД, Русија може вода да ни носи. Или што друго? Демек ако се свртиме накај Русија, ќе мора да сме дел од инвазијата и окупацијата на Украина? Ме заебавате, нели? Па ние бевме дел од инвазијата и окупацијата на Авганистан и Ирак, соучесници сме во геноцид, масакр врз најмалку милион цивили, партнери сме во лагите за непостоечкото ирачко хемиско оружје, го поддржуваме и израелскиот геноцид врз Палестинците, а бе крв имаме на раце што нема да се испере ни кај следните седум наши поколенија.
Или економски. По што била позната Русија? Потемкинови села? Па да, ние како протекторат со највисок стандард во регионот секојдневно летаме со електрични автомобили по патот Кичево – Охрид или ако сакаме, оти работиме во нордистанските филијали на „Гугл“ и „Мета“, одиме да возиме на патеката за Формула 1, која е во близина на новиот клинички центар.
Пукни, Русјаков, Нордистан е убава жена пред луксузниот ЕУ-хотел, тука е и мистер Гир, не е Ричард, ама е Гир, а ти си, офуцана Ана Каренина, која, ако не заврши во политичко полициски монтиран процес заради руски влијанија, ќе ја прегази нашиот воз што јури кон Европа.
Супер, додека стигне вашиот воз, кој вози 20 километри на час кон европската иднина, ќе остарам покрај пругата. А да, се извинувам, сега јури со 50 километри на час, ама ќе имам време, од досада, да го везам знамето на Европската Унија од кое некои идни копиљаци ќе симнуваат ѕвезди за својата сакана.