Денеска е петок. Не е оној црн петок 13, познат во народното суеверие. Денес е петок, 18 август, ден кога во Собранието на Република Македонија почнува реалната дебата за уставните промени во државата. Овој петок е ден кога народните пратеници почнуваат да ги заковуваат клинците во погребниот ковчег на Македонија каква што ја знаеме, на македонизмот и на македонската нација како идентитетски автентична и самобитна.
Националистичката Партија за европска интеграција (ДУИ), со асистенција на анационалниот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), под покровот за наводен брз влез во Европската Унија прави уште еден крупен чекор кон суштинска ревизија на историјата на македонската држава и нејзиниот мнозински народ. Со евентуалното изгласување на преамбулата, со уставните амандмани во текстот и со подоцнежните императивни закони што ќе мора да бидат донесени, Републиката што е во своевиден пламен не само што ќе го смени општественото устројство туку ќе го нагрди лицето и ќе ја смени и душата. Ќе биде бездушна. Таа нема да биде македонска република. Оваа земја по која газиме, простете, ќе биде туѓа.
Да нема заблуди и искривоколчување на вистината, треба да се огласи сирената и да се каже дека со впишувањето на Бугарите во Уставот, со реализација на слепо преземените обврски од потпишаните протоколи и со спроведување на таканаречениот француски предлог Македонија, наместо во Европа, влегува во зоната на националниот самрак.
Со тоа впишување, со изведување на таа наивно наречена „техничка операција“, на македонскиот народ му се врши историска, национална, лингвистичка, културолошка, дури и фолклористичка ампутација. Како што со еден клик го смени името во Северна Македонија, со едно гласање сега може да си ги поништи трите Илиндени, датуми што ги смета за светост во сопствената не толку долга историја.
Ќе биде поништен првиот Илинден од 1903-та, вториот од август 1944 и третиот од 8 септември 1990 година. Ништо не ќе остане од државноста, ќе се изгуби националноста, во прав и пепел ќе се претвори сувереноста. Светлата историја ќе биде фрлена на буништето, хероите ќе бидат прогласувани за предавници, предавниците за херои. Ќе се веат други знамиња, ќе се слават други празници, ќе се менуваат имиња на институции, училишта и улици. Ќе се пишуваат други книги на други јазици, оние на македонски ќе завршуваат во бункерите на библиотеките или на отпад. Прогнозата е мачна и мрачна, но реална.
Само некој неук, слеп, поткупен не може или не сака да го види ова. Само несвесен, мамурен, под некое или нечие дејство, загрозено уценет може да ги изгласа најавените промени. Под претпоставка да е Македонец по национално чувство или припадност. Таквиот колку и да се декларира за проевропеец, колку и да е космополит е само форма. Уставните измени не се натпревар во празно филозофирање и лицитирање туку сурова, груба, беспоштедна политика за цели што не се во македонска национална полза.
Уште од почетокот на дискусиите стана јасно дека впишувањето на Бугарите во Уставот не е широка народна добра волја, како што некој лажно ја претставува. Тоа е волја на претходната (Зоран Заев) и актуелната коалиција на ДУИ и СДСМ. Националната математика е многу проста: 80 отсто од Македонците се „против“, 90 отсто од Албанците се „за“. Таа драстична диспропорција, имајќи го пред вид досегашното искуство, во каков било случај е на штета на Македонците. Тие може да изгубат безмалку сѐ од своето национално досие, а Албанците да добијат, да ги збогатат своите национални и други придобивки, онака како што упорно и умно ги шират последниве дваесетина години.
Стратегиски и долгорочно планирано на македонските Албанци им е во интерес да влезат Бугарите во македонската територија и во државното управување. На антимакедонскиот епилог укажуваат реакциите на мнозинство од интелигенцијата, од научната сфера, од медиумите што не се потплатени од власта, од обичното граѓанство.
Македонија (Северна) ја има таа несреќа во клучен период од својата понова историја во македонскиот дел од власта да дојде или да биде инсталирана млада политичка гарнитура без професионално и историско искуство, без оформени, јасни и цврсти национални атрибути. На сцена е една тендероманска генерација, склона кон корупција и грабеж и лесно податлива за подмитување и вршење услуги за туѓи интереси. Повеќе незаситливи трговци од џамбаски вид, нималку национални лидери. Ним им се приклучени и познати пијавици од поранешните партиски состави, кои имале министерски, амбасадорски и други виски функции и кои ги искористиле и ги користат сите можни привилегии што ги дава власта.
Во албанскиот политичко-воен блок е сосема поинаку. Уште од доаѓањето на сега покојниот Арбен Џафери од Косово до инсталирањето на Али Ахмети во Шипковица и неговото дваесетгодишното опстојување на партиската сцена владее силно изразена национална (националистичка) кауза, испреплетена со низа контроверзии и непознаници, но сепак стоотстотно успешна. Кадрите на Али Ахмети како лесен утрински чај ги пијат наследниците на Заев, вклучувајќи го и него самиот.
Затоа не би требало да нѐ чуди зошто Ахмети е повлијателен од претседателот на државата, вицепремиерот посилен од премиерот, ДУИ помоќна од СДСМ. Уште помалку треба да се чудиме на фактот што 12-13 пратеници на ДУИ во Собранието се помоќни од 35-36 на СДСМ и од четириесетина на ВМРО-ДПМНЕ.
Значи, да повториме: Денеска е петок, 18 август. Во Собранието (што сите противуставно го нарекуваат парламент) почнува клинч-борбата за впишување на Бугарите во Уставот. Лажна вест, лажна продукција е тврдењето дека борбата е за влез во Европската Унија. Бугарите во Уставот се услов само за почеток на преговори, а не за директен влез, како што беше случајот со НАТО. Почеток чиј крај е сосема неизвесен. Преголема би била цената за едно кило пари да се продаде цел еден народ.