Црномурестиот Британец Мо Фарах го потврди златото од Пекинг на 10.000 метри, додека во прошталната трка на 100 метри Усеин Болт беше трет, зад американската двојка Гетлин – Колеман, и го освои 14-от медал на СП

ВО ПРЕСРЕТ НА 19. СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО АТЛЕТИКА ВО БУДИМПЕШТА (7)

Шампионатот во Лондон 2017 година во многу работи потсетуваше на ЛОИ во 2012 г. Не само поради тоа што се одржуваше на олимпискиот стадион, на кој домаќин е познатиот премиерлигаш Вест Хем, туку и по амбиентот што го создаваа гледачите со своето бодрење на атлетичарите кога тоа им беше најпотребно. Кога на ова ќе се додаде дека тука ќе ја истрча последната трка најбрзиот човек на планетата, Усеин Болт, тогаш сѐ станува јасно. А Болт и конкурентите беа пречекани со громогласен аплауз и сите беа возбудени пред неизвесноста, која за неколку мига веќе ќе ја снема. Потајно сите како да посакуваа Болт да триумфира и да ја заокружи својата богата кариера. Но времето го прави своето, спринтерот од Јамајка зад себе имаше повеќе од една деценија напорни трки. Но и во ваква ситуација и очекуваниот налет на ривалите, тој успеа да дојде до третото место на 100 метри и до својот 14-ти медал, прв бронзен меѓу 11-те злата и две сребра. Победи искусниот Американец Џастин Гетлин пред сонародникот Кристијан Колеман.
Во сенка на последниот настап на Болт, кој истрча почесен круг со неговите златни спринтерки и уште еднаш ја направи онаа позната поза како со рацете стрела кон височините, се одржаа другите натпревари. По аплаузите упатени кон Болт, атмосферата се одржуваше на високо ниво, оти се очекуваше настапот на нивниот миленик Фарах, кој, пак, во една фантастична трка на 10.000 метри го одбрани златото од СП во Пекинг, а беше втор и на 5.000 метри, со што стана еден од најуспешните учесници на ова СП.
Од другите резултати, треба да се потенцира светскиот рекорд на американската мешана штафета на 4х400 (Лондон, Феликс, Около, Чери) со време од 3:09,34 минути. Полјакот Павел Фајдек во Лондон по трет пат во низа го освои златото во фрлање кладиво и стана еден од ретките што може да го загрози славниот Бубка, кој, пак, има шест титули во скок со стап. Лондон ќе ѝ остане во убаво сеќавање и за Хрватката Сандра Перковиќ, која очекувано победи во фрлање диск и уште еднаш ја потврди својата доминација.

ШОУ НА БАРШИМ

На следното СП во Доха, што засилено се подготвуваше и за СП во фудбал, атлетичарите беа пречекани на популарниот стадион „Ал калифа“, на кој, меѓу другото, за да се создадат добри услови имаше и специјално разладување. Во главниот град на Катар сите со големи надежи го очекуваа настапот на Мутаз Еса Баршим, кој во скок во височина требаше да го брани златото од Лондон. Тој не ги разочара своите сонародници и изведе вистинско шоу, дури се доби впечаток оти ќе прескокне и 2,45 метри, колку што изнесува светскиот рекорд на Кубанецот Сотомајор. Така Катар дојде до второто злато, по она исто така од Баршим пред две години во Лондон.
На ова СП беше поставен и еден светски рекорд. Американката Делајла Мухамад ја претрча делницата од 400 метри со пречки за 52,16 секунди, со што ги потврди претходните резултати и пласмани на големите приредби. Полскиот фрлач на кладиво Павел Фајдек триумфира по четврти пат и покажа оти е еден од ретките што успева долго да ја одржува високо формата.
Во Доха блесна уште една атлетичарка. Тоа беше црномурестата Холанѓанка Сифен Хасан, која освои две злата, на 1.500 и на 10.000 метри. Шели Ен Фрејзер Прајс од Јамајка не потклекна пред нападите на помладите и со години покажува дека е прва дама во спринтот. Во Доха ја постигна четвртата победа на СП на 100 метри. Ова СП ќе се памети и по појавата на спринтерот од САД, Ное Лајлс, кој победи на 200 метри и се доближи до најдобриот резултат на Болт. Се појави и уште една ѕвезда, Швеѓанецот Арманд Дуплантис, кој уште тогаш најави дека ќе го загрози светскиот рекорд на Бубка во скок во височина.

ДУПЛАНТИС СО ЗЛАТО И СВЕТСКИ РЕКОРД

Претпоследното 18-то СП се одржа во американскиот атлетски центар „Јуџин“. Овде беа урната три светски рекорди од кои два во женска конкуренција. Нигеријката Тоби Амусен на 100 метри постигна време од 12,12 секунди, што беше нов светски рекорд. За радост на домашната публика се погрижи Сидни Меглоуџ на 400 метри, поставувајќи нов светски рекорд од 50,68 секунди. Рекордерската серија ја заокружи Швеѓанецот Дуплантис, кој по многу години го детронизира Французинот Лавини (6,16 м) во скок со стап со 6,21 метри, што беше нов светски рекорд. „Јуџин“ беше вистински испит за најмладиот од норвешкото семејство Ингебригстен, Јакоб, во кое и двајцата негови браќа спаѓаат во редот на високата класа атлетичари. Но Јакоб иако најмлад отиде најдалеку, по златото на 5.000 и среброто на 1.500 метри.
Полјакот Павел Фајдек го освои петтото злато во фрлање кладиво и е на добар пат да се израмни со Бубка по освоените злата. Во секој случај, претстојат возбудливи атлетски денови, во кои очите на љубителите на атлетиката ќе бидат свртени кон Будимпешта и стадионот „Немзети“. СП почнува утре, а покрај многуте квалификациски дисциплини се и четири финални, во брзо одење на 20 км (мажи), ѓуле (мажи), 10.000 метри (жени) и мешана штафета на 4х400 метри.

(Крај)