Економска стабилизација, намалување на инфлацијата и реформи за подобар стандард

Во услови на изразена економска криза и на рекордна инфлација, падот на стандардот е неминовен. Затоа во моите колумни објавени во почетокот на минатата година во весникот „Нова Македонија“ не случајно укажав дека, поради очигледната најава на бранот на скапотијата на прехранбените производи, требаше благовремено да се замрзнат нивните цени, по примерот на Србија и некои други земји. Тоа не се случи, па затоа, само за една година, сите овие производи, според статистички податоци, се значително покачени, односно лебот за 39, млечните производи и маслото за над 30 и месото за 24 отсто. На тој начин е достигната висината на европскиот ценовен стандард. И натаму најголема инфлација во регионот е забележана во Македонија, а најмала во Словенија. Со тоа кај нас значително се намалени реалната вредност на платите и пензиите и вкупната куповна моќ. Колку е поскап животот, толку повеќе се зголемува сиромаштијата.
Позната е нашата практика – она што ќе добие повисока цена, многу тешко се намалува. Тоа го покажаа и мерките од ноември минатата година за субвенционирана струја на 250 компании од прехранбениот сектор за да се намалат цените, но не ги дадоа очекуваните ефекти. Заради амортизација на евидентната загрозувачка инфлацијата, деновиве Владата беше принудена да поведе акција за приближно тримесечно намалување и замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб, на маслото, тестенините, на млечните производи, јогурт, бело сирење, кашкавал и други, а слични мерки се најавени за шеќерот, јајцата и оризот. Но за некакво враќање на цените од пред една година не може да стане ниту збор. Се налага потребата за стабилизирање на цените за подолг период. Посебен придонес за тоа може да дадат нови кризни мерки за ублажување на последиците од енергетската и економската криза, како и поенергични зафати против огромната корупција, криминалот, судирот на интереси и неосновани богатења.
За подобрување на конкурентската способност на домашните компании е потребна интервентна државна помош за нови стимулативни инвестиции за квалитетно производство и создавање поповолна бизнис-клима. Истовремено треба да се обезбедуваат поевтини суровини за прехранбената и преработувачката индустрија, намалување на царинските и даночните стапки и зголемување на домашното земјоделско производство. Со стабилизација на македонската економија, осовременување на вкупната производствена дејност и зголемување на продуктивноста ќе се овозможат поквалитетно производство и нивен подобар пласман на домашниот и странските пазари. Сето тоа ќе влијае да се обезбедуваат и повисоки плати, а со тоа и подобар животен стандард. Со други зборови, потребни се долгорочна развојна стратегија за пофункционална пазарна македонска економија со конкурентска способност и зајакнување на извозните потенцијали за европскиот пазар.

Во тој контекст, нужно е и зголемување на вработеноста на стручни кадри, кои во последните години многу се иселуваат. Со ваквата економска стабилизација, како што посочи за весникот „Нова Македонија“ врвниот и ценет економски експерт Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, нашите компании ќе бидат значително подобро подготвени за влез на нашата земја во Европската Унија. Ваквото закрепнување на економијата може значително да влијае ланскиот раст од 2,1 проценти на македонската економија во иднина да се зголемува и да се подобри стандардот на граѓаните. Притоа ќе се создадат и нормални услови за поголема поддршка на најранливите категории, односно на оние со минимални плати и пензии.
Во време на сегашната скапотија и инфлација, социјалните аспекти и солидарноста треба да бидат наше секојдневие. Особено треба да се зголеми грижата за старите лица и пензионерите со најниски пензии. Меѓутоа, според новите законски одредби на таканаречениот историски швајцарски модел, и сегашните мартовски пензии се усогласуваат со 8,4 отсто, процентуално за сите пензии и без да се применува од почетокот на јануари. Познато е дека Македонија е единствен европски пример каде што усогласувањето важи од 1 март и 1 септември, со што четири месеци нема задолжително зголемување на пензиите. Овој модел и во Швајцарија се применува за сите месеци во годината. Но мислам дека е доволно саркастично самото тоа што воопшто се споредуваме со моделот на најразвиената земја во Европа, каде што пензиите се многу високи, а за пензионерите постои несомнено голема грижа и почит. Пред сѐ, тие имаат многу значајни неспоредливи привилегии, најсовремени хотелски домови за сместување на сите стари лица, организирани поволни летувања во земјата и странство, постојана висока здравствена заштита и слично.
Во нашата земја, од вкупно 337.000 пензионери, над 80 отсто се разочарани од сегашното процентуално зголемување на пензиите. Пензионерите што имаат највисоки пензии ќе добијат најголемо покачување, од над 5.400 денари, така што нивните месечни примања ќе ја достигнат висината од 70.000 денари. Најниските пензии ќе се зголемат за околу 880 денари и ќе бидат околу 11.000 денари. Со тоа соодносот помеѓу највисоката и најниската пензија ќе биде загрижувачки 6,4 : 1. Поради тоа, во услови на зголемените инфлаторни трошоци, кои важат еднакво за сите, потребно е зајакнување на куповната моќ на најсиромашните, односно линеарно или скалесто усогласување на пензиите.

И не само тоа. Анализите покажуваат дека од 2016 до 2022 година просечните плати се зголемија за над 41 отсто, а просечните пензии за само околу 28 отсто. На тој начин овој сооднос од 68,2 е намален на 52,92 отсто, што е далеку од европските стандарди. Експертите за оваа проблематика со право укажуваат дека висината на пензиите под 60 отсто од просечната плата значи очигледна најава на сиромаштија. Впрочем, повеќе пензионери додека работеа соодносот на највисока и најниска плата беше 3 спрема 1, а така беше и со вносот за пензискиот фонд. Со оглед на тоа што неколку години не се применува линеарно или дегресивно усогласување на пензиите со повисок процент на пониските пензии, над 200.000 пензионери живеат на работ на егзистенција за преживување. Особено загрижува фактот дека просечната пензија е пониска и од минималната плата. И сега добар дел од средствата за редовна исплата на пензии нашиот пензиски фонд обезбедува преку државниот буџет од народните пари. Во меѓувреме, во фокусот на ангажираноста и на СЗПМ и здруженијата на пензионерите е потребно поголемо ангажирање за подобар стандард, особено на најранливите категории, чиј број постојано се зголемува наместо да се намалува… Над една деценија се чека и новата листа на лекови со партиципација, а голем број медикаменти од сегашната не се произведуваат или ја немаат потребната ефикасност. Наместо тоа, деновиве е зголемена цената на витаминските лекови што најмногу ги користат токму старите лица со ниски примања.
Економска стабилизација, намалување на инфлацијата и корупцијата, зголемена одговорност и објективност, сузбивање на сивата економија и реформи во здравствениот и пензискиот систем можат значително да придонесат за создавање подобар стандард и подостоинствен живот на сите жители во нашата земја.

Драги Аргировски

Авторот е новинар, публицист и експерт за трета доба