Длабокото МАНУ во МАНУ

Можете ли да ме замислите како (дописен) член на МАНУ рамо до рамо со Владо Камбовски, Таки Фити или Драги Ѓеоргиев, меѓу другите? И јас не можев, дури и кога наспроти здравиот разум и личната процена ја прифатив кандидатурата на Филозофскиот факултет. Не треба многу ум за да знаеш дека Св. Петар ги има клучевите од „рајските порти“, а селекцијата се врши според „чудни“ критериуми, видливи во ликот и делата на избраните што сега избираат (similis simili gaudet). А свесна сум дека јас сум автор на онаа колумна од 2018 година. Но некои помислија дека дувна свеж ветер и сакаа(т) да поверуваат дека две-три ластовички носат пролет, а дека 40-годишната научна кариера, градена главно во меѓународни кругови, ќе ги замисли и најголемите опоненти. Се веруваше и дека новите правилници ќе ги намалат субјективноста и нетранспарентноста во изборот. Кога доаѓа од кандидат (со нула гласови од седумтемина, што стана јавна тајна), секој збор носи ризик да се оцени како огорчен глас на губитник. Сепак, сакам да прозборам во името на мнозина што биле или се во позиција на „посрамен кандидат“. Без вина деновиве бев ставена на столбот на срамот, медиуми ме деградираа(т) и сведуваат на колумнистка што била одбиена, ми порачаа да се скријам од срам и слично (без оглед што колумнисти се наоѓаат или ќе се најдат во редовите на МАНУ, а и претседателот Коцарев неодамна објави збирка колумни објавени во овој весник).
Такви се редум конкурсите на МАНУ: личат на обложувачници (која струја ќе победи) и создаваат сеирџиска јавна атмосфера, наместо секој што се појавил да дојде и замине со негибнат дигнитет, без оглед на резултатот. Научните опуси ни се лесно достапни на интернет и се на сите научни мрежи. Доста забавно е, на пример, да се внесуваат имињата на академиците или извиканите професори на Скопус, Гугл сколар и сл. Вистина е дека ние од општествените науки сме во нерамноправна „битка“ со колегите од природните и техничките: западни бази ги рангираат само статиите, но не и книгите и поглавјата објавени кај врвни светски издавачи (што се приоритет во нашите области). Мојот опус во споредба со нивниот е, признавам, скромен. Но во споредба со многу колеги од општествените науки, па и со академиците што ме оценувале, кои никаде не можат да се нотираат – имам со што да се гордеам.

Меѓународниот радар ме регистрира добро, затоа што сум меѓу ретките што одамна објавуваат првенствено надвор. Најдраг успех ми е статијата за геополитиката на Преспанскиот договор во списание со фактор на влијание, како и прилогот за „Македонија“ во Оксфордската енциклопедија за политиката и војската.
Незнајковци или злобници мислат дека „академска титула“ се добива со членство во МАНУ, а не професура и истражувачки статус. Највисоката (редовен професор) ја носам од 2006-та, време во кое некои академици не биле ни доценти или од министерски позиции магистрирале/докторирале. Во науката, ако е наука, секоја генерација стои врз рамената на претходниците, џиновите/најдобрите од минатото, и само така се надградува. Никој не е остров и вредност за себе, а академската заедница е поширок поим од Академија. МАНУ е, за жал, на дното (како и државата), со својата видлива и невидлива историја, најмногу поради негативната селекција и инструменталната и недоблесна улога. Видливиот историјат се цени според стратегиите, научните достигања, личностите и делата што оставиле белег и придонеле (позитивно или негативно) за Македонија. Невидливата, пак, е полна со тажни (и неретко византиски) лични приказни во кои докажани луѓе биле поканувани, па одбивани, други што се обидувале одново и одново (еден од нив бил и академик Гане Тодоровски), или едноставно не го преболеле она што го доживеале како јавна деградација или неправда. Мнозина се срамат и да кажат дека биле неуспешни кандидати, тоа се чува во тајност (единствено не се срамат тие внатре, дури и кога биографиите им се бледи, а политичките дела поголеми од научните). Институцијата формирана од великани со текот на времето станувала место за вдомување медиокритети, кетмани, политички заслужни лица (прво со благослов на СКМ, а потоа на владејачката партија или „меѓународната заедница“) – и првенствено „машка“ институција. Присуството на жените, доминантни во сферата на образованието и науката (Македонија е меѓу првите во светот по овој критериум) е срамно ниско. Голем број врвни научници или уметници одбиваат и да помислат да чукнат на таа врата, затоа што не сакаат да бидат оценувани од полоши од нив или затоа што го знаат исходот (тоа се случи и оваа година, кога извонредни професори од историја на уметност знаеја дека немаат шанси со однапред познатиот „фаворит“).

Зошто ја прифатив кандидатурата (иако умни колеги ми велеа дека не ми прилега да бидам таму)? Затоа што свесно одлучив да послужам како лакмус-тест, како предизвик, и да ги натерам да ми кажат не, па да нема забуни. Ми кажуваат дека кога слушнале за мојата пријава, во кулоарите на МАНУ се шепотело: „Никако, зарем ни треба уште една Ќулафкова или Коцарев!“. Барата не трпи бранување, а ни власта.
Конкурсната постапка покажа неверојатни куриозитети. Конкурсот беше евидентно неуставен, бидејќи дискриминира по основа на возраст (до 70 години) и никој не реагираше; областите беа „чудно“ селектирани барем во општествените науки, каде што не можеа да се јават сите. Второ, како затворена (и исплашена?) институција, МАНУ бараше кандидатите да имаат по две рецензии од вработени на нивните институции, што ги оневозможи да покажат дека нив (во проекти, статии и книги) секојдневно ги рецензираат (и) странски колеги. Потоа се покажа дека фактички се применува „двојно рецензирање“, над попот – поп: на оригиналните рецензии и одлуки на наставнички совети се прават уште две нови, кои начелно можеле да бидат од членовите на МАНУ или од надворешни (домашни или странски) научници, ако недостига соодветен профил. Без да се потрудат да излезат од својата зачауреност, „ренесансните личности“ од малобројните одделенија се потпирале на свои сили – алваџија за бозаџија (Одделението за општествени науки од седуммина има четворица економисти, ниту еден политиколог или социолог).

Во јавноста излегоа примери на копи-пејст рецензии (напишани од иста рака?), рецензии што очигледно не биле ни прочитани пред да бидат потпишани, со погрешно напишани имиња на светски универзитети со кои наводно соработувал кандидатот, рецензирање трудови „во печат“ и сл. Клучниот фактор за беспрекорна и неспорна селекција лежи во соодветниот профил на рецензентите, нешто што е норма на универзитетите. Но овде се измешале „лончињата“ (како во старата приказна за султанот и везирот, кои одлучувале кој образован кадар каде ќе служи). Така, за Историчарот небаре не можел да се најде рецензент од ИНИ или Филозофскиот факултет (Институтот за историја), од бугарската или некоја друга странска академска заедница, па го рецензирале познавачи на литературата и историјата на уметноста. Славист рецензира кандидатка за областите политички науки, право и социологија. Мене ме рецензирале кривичар и економист (!?), иако сум од политички науки (цел Факултет за политички студии е наспроти МАНУ, а можеле и подалеку да побараат, бидејќи 80 проценти од напишаното ми е на англиски). Во Одделението на технички науки, се чини, инженери се само оние од електроструката, а другите како да не постојат. Да не се лажеме: ни папки се отворени, ни книги пролистани, ниту пак УСБ-стикот со сите објавени трудови од 40 години кариера е одлепен (барем за проверка на точноста на наведената библиографија). Рецензиите биле ни жена ни риба: немало негативни, сите биле позитивни, ама некои попозитивни од другите – без образложение или некаква квантификација или елаборација! И недостапни и за предлагачите, и за јавноста.
Службениот одговор од институцијата гласи: „сѐ е според устав и закон“ (во познат политички стил). Настрана несоодветните рецензенти, туку и елементарната пристојност од колеги кон колеги не е задржана. Недостоинственоста на постапката е во тоа што личности што дошле до кандидатура поради достигања како редовни професори не се удостоени со официјален одговор или барем куртоазна благодарност за јавување на конкурсот. Предлагачите и кандидатите ги дознаваат резултатите од медиумите, и тоа една недела откако биле истакнати, на што се надоврзува подбивање со „одбиените“ (наместо да се види кои се избраните). Госпожа академичка (сопруга на академик) на Фејсбук („сретсело“) рецензира и дели оценки кој треба да се скрие од срам и лобира кој треба да се фали во пресрет на Изборното собрание. Рокот за приговор (од еден месец) е фактички скратен за десетина дена. МАНУ немала обврска да ги извести предлагачите и кандидатите!? Значи ли тоа дека еден Наставнички совет треба да „виси“ на интернет-страницата на МАНУ за да дознае како поминал кандидатот за кој гласале 60-70 професори? И на што да се приговара без увид во начинот на кој е оценет „одбиениот“ кандидат? Рецензиите не можат да се споредат, не се достапни, а „победничките“ се во вид на поезија и проза (со гласањето „по сопствено уверување“)? Каде да приговара? Кадија те тужи, кадија те суди! Со очекување на инаков исход?
Меѓу актуелните и потенцијалните академици, секако, има исклучителни личности, кои ја задолжиле македонската наука или уметност. Проблемот можеби не е во целата МАНУ – освен кога молчи за нешта од нејзина надлежност, кога на премиер магистер му промовира книга (и му ја купува), или кога на друг полуписмен премиер му аминува договор со кој ги поништува нацијата и нејзините интереси. Најдобрите се веројатно во техничките и природните науки, додека најголема штета на државата има нанесено Одделението за општествени науки. Брилијантни личности има многу меѓу оние што останаа надвор од МАНУ. Мојот најсакан професор Ѓорѓи Марјановиќ никогаш не стана академик, ама е најсветла икона за многу генерации. И запомнет како човек што се избори за укинување на вербалниот деликт – за разлика од оние што денес го враќаат на мала врата со „негативното мислење“. Трагедијата на МАНУ е што никогаш не ја осозна и оствари својата визионерска, стратегиска и институционална моќ, ами (о)стана политички приврзок, а не глас на колективниот ум на нацијата или барем пример за извонредност во науката. Тоа е дел од трагедијата на македонскиот народ, како што се гледа и денес.

По линија на помал отпор, „длабокото МАНУ“ го предводи МАНУ (без оглед што сегашниот претседател обелува образ). Со години се зборува дека не го заслужува она на „М“ и дека треба да се формира, макар паралелна, „вистинска“ МАНУ – македонска. Не се согласувам со тоа; тоа би било почеток на крајот на сѐ што нашите предци создале, а ние требаше да го одржиме. Но факт е дека МАНУ веќе се доживува не само како немакедонска туку и антимакедонска институција.
За мене оваа епизода е затворена. Не се чувствувам поразено; напротив, здивнав: не морам да се самоцензурирам, да внимавам што пишувам, да седам во иста просторија со личности што не се за почит, туку за сожалување. Академијата е широко поле, светско, и тоа никој не може ни да ти го даде ни да ти го одземе. Во мојата документација стои писмената поддршка од Ричард Фалк (Принстон), Сузан Вудворд (Њујорк), Џејмс Петифер (Оксфорд), Стефано Бианкини (Болоња) итн. Тие се мојата вистинска академија, светска. Во пензија заминувам со благодарност што зад мене застана најстариот факултет во земјава, на кој се вработив на 23 години, како помлада асистентка. За иднината на МАНУ нека му мислат други. Ниту можам да помогнам ниту да одмогнам. Доволно е она што самите себе си го прават со вакви конкурси, со објавување книги кај предаторски (или vanity) издавачи и најмногу со тоа што ѝ го прават на сопствената држава.