„Делчев аманет ни остави…“

Во дел од насловот на драмскиот ораториум „Стратегот на македонскиот универзум“ од Зоран Пејковски се содржи сепостојната проткаеност низ вековите на македонскиот континуум, а тука е Гоце Делчев, кој како фиданка израснува во стожерно дрво, разгрането до секоја македонска педа. Гоце Делчев е всушност првиот меѓу многутемина што го заложиле својот живот за нашиот денешен конформизам, иако и денес не прекинува битката на околното наше оспорување, не овозможувајќи ни стабилен мир.
За уметноста важи изреката дека ѝ се верува на првиот впечаток, а во овој драмски ораториум тоа е пребогатиот стилски и зборовен и реченичен израз со кој се опишуваат посебноста и возвишеноста на ликот на најголемиот македонски син во македонската револуционерна борба, но и загубата на цел еден свет рамен на универзум – еден недосонуван сон, а сонот бил жестоко спречен. Восприемајќи го ораториумот „Баница 1903“, остриот јазичен поглед ќе забележи лингвостилистичка богатост рамна на самостоен правец. Додаден квалитет на таа богатост е инспирацијата од безрезервната храброст, самопожртвуваност, но и високата свесност за историскиот предизвик на кој одговара Гоце Делчев. Токму затоа е тој македонски Апостол, но не само револуционерен, ами и со психолошка цврстина и социјална широкост. Ако кон ова се додаде возраста на Апостолот, заедно со плејадата други војводи, револуционери, културни дејци и преостанати посветени души на Македонија, која во зенитот на нивното дејствување не ја надминува 30-та година, се доаѓа до безвремената и бесценета вредност на нивните положени животи.
Дали ние знаеме да ја цениме таа вредност? Тука секој пред себе треба да си даде одговор! Неговата самопожртвуваност, храброст, бестрашност се дотолку чисти и самостојни, што и Апостолот и сочекорниците негови се потпираат на самите себе. Тие ја немаат комоцијата на државна заштита, без оглед на форматот, тие се имаат само себеси пред светот и својот сон – македонскиот сон. Човек останува нем пред таквата сила и енергетската компактност. Можеби една песна од современата македонска поезија најблиску ја доближува вулканска енергија кај таа македонска револуционерна генерација:

Т Р Е В К А
Таа излезе од под бетонот,
меѓу невидливо процепче,
од под катранот
и се извиши до педа,
танка, зелена и нежна,
сама на жештината.
Тивко ветре ја замавнува
нејзината става,
нежно,
на таа тревка
што излезе од тишината.
Да се најде нејзината сила
и нежноста што ја има,
да се зафатат в срце како маја,
како квас да надојдат –
до прелевање.
Тажачките во еден глас, во еден од стиховите, ја искажале безмерноста на загубата на Апостолот „бела снага в црна земја, црни ние“, но и пораката на сите генерации што идат по него „Делчев аманет ни остави, кој ќе падне да се слави, на душмани да се осветиме, слобода да донесеме“.
Остроумноста на Гоце Делчев за дејствувањето и патот до слободата е искажана уште во првата сцена: „Одлично, браќа. Треба да бидеме единствени и подготвени во сите реони, зашто востанието е средство, а не цел. Целта е слободна Македонија со сите атрибути на државност, востанието е само патот до целта“.
Неопходноста од постоењето на една личност што беспоштедно се вложила за пресвртната револуција за македонскиот ум, како и нејзината загуба, најсликовито ја искажува Неделко Дамјанов: „Стратегу, предводнику, со самиот себе ја населивте сета празнина во рамнодушноста на светот. Затоа не можеме да се оддолжиме, но можеме да продолжиме…“.
Аце Дорев со мислата: „Сите по свое си ја посакуваат и ни умуваат, и моќните и немоќните, а нам, кои сме заробени во оковите на заговорите, на секоја станица ни прават нова граница…“, како да го инспирирал Бошко Смаќоски за неговата вселенска поема „Толкување на болката“: „Едни си ја цртаат Македонија како девојка од мијачкион крај, од кај дивине води. Други си ја цртаат Македонија како вдовица Eгејка, со долг фустан до земја до под земја, а црн – никогаш умот ноќе на љубов да не ти помисли. Трети си ја цртаат Македонија како ружа што си се зашетала низ она поле широко по она друмје бескрајно. И така секој си ја црта Македонија како ум му сече, како што ќе му потшепне срцето. Ама тагата, тагата сите исто ја цртаат. Очите различно ќе ѝ ги набојат – де сини де зелени, ама тагата секогаш исто, како Пелагонија ноќе. Лицето различно ќе ѝ го одредат – де румено де без душа, ама тагата секогаш иста – како Солун под снег. Ставата различно ќе ѝ ја предадат – де како чудо де како зло, ама тагата секогаш иста, како носење мртов комита низ село“.
Гоце Делчев ја гледал уште неослободена Македонија, а бил свесен дека за слободата треба жртва, но и неуморна работа за нејзино зачувување и одржување, но и гласност пред светот. Дијалогот меѓу него и Димо Хаџи Димов токму тоа и го потврдува, кога Димо му се обраќа на Гоце: „Драг мој Ахиле, твоите раскошни и умствени дарби се расцветуваат во многустрана македонска револуционерна дејност“, на што добива одговор: „Затоа ни се потребни постојани дејствија на македонскиот народ на значајни цели кои ќе предизвикаат реакција на големите сили од Европа“.

Максимата на Гоце Делчев искажана во мислата: „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание. Кој мисли поинаку да се ослободи Македонија се лаже и себеси и другите е надалеку позната, спомната и во ораториумов, но во овој сензитивен период при обидите да се направи колебање во македонскиот идентитет треба особено да ни биде пред очи“. Исто така, широката димензија на слободата не му била туѓа на Стратегот, па вели: „Слободна и независна Македонија со широки права за сиромашното население е потребна Македонија. Моралната револуција, револуцијата на умот, на срцето и на душата на еден ропски народ е најголема задача“.
Многу често спомнуваната колективна меморија на македонскиот народ во монументалното дело „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“ од нашиот архивистички историски хроничар Бранислав Светозаревиќ-Покорни си наоѓа своја потпора во поетската реплика на Ѓорѓи Радев Бродалијата: „Стратегот чинам ќе остави ѕвездена прашина во скриени мошти на олтарот во изречените завештанија, во Вселената на Големото слово, над сите синори на Македонија, до крајното почивалиште во престолнината на слободната Татковина. Планините патуваат ноќе да го престигнат денот да не ги остави на исто место. Големата мисла ги движи. Песните патуваат да ја мотивираат историјата да си ги пронајде хероите. Гробовите патуваат со болката што ја носат со дух и мисла што не виреат во темнина“.
Колку е голем гневот за изгубениот живот на македонскиот предводник кажува и податокот дека селото Баница, со грчкиот назив Кариес, дури и со немакедонско име, дури и со немакедонско население, по 1913 година е целосно уништено и невозобновено потоа, а за тоа сведочат само разурнатите ѕидови на црквата „Св. Димитрија“ и камбанаријата.
Сцените на безмилосната одмазда кон домашните предавници за убиството на предводникот на македонската револуција се без емпатија кон сторителите, надвладуваат емоциите над рационалната мисла, видливо е помрачување на свеста за да се намали болката од загубата, убиства од одмазда на цели семејства, трага да нема од семејството за да не се размножува генот на предавникот. Но, не разузден бес, ами разузнавачки преиспитан, а остро пресечен! Тука е едно промислено предупредување кое се однесува на почитување на сите оние што се вложуваат безрезервно за македонската кауза, рафинираната реплика од Атанас Спасов Даскалов-Таската Серски, кој вели: „Ако меѓу себе не се разберат, ќе научат да убиваат и да умираат, да си ја одземат и среќата и радоста, како напуштени бездомници заробени во затворен престен од едно до друго годишно време, кое сите си го присвојуваат и никој не го поседува“.

Репликите што го претставуваат посмртниот чин за Апостолот само ја потврдуваат големината на неговото постоење – стратегот на македонскиот универзум, што е и нишка која постојано се повторува во овој драмски ораториум или – тој мудроста во вековите ја собра, а Михаил Чаков едноздивно ја опишува воопшто појавата Гоце Делчев: „Тој го разбираше говорот на душите на покојните предци со недосонуваниот сон и крикот на сите болештини затворени во кафезот на беспомошноста, најтоплата и најстудената прегратка од мајчински гради откорната. Во истиот ред на поклонение кон Стратегот одат и чуварите и заветите на миросаните коски на јунакот над сите македонски јуници“.
Универзалната порака за мотивираност на човек да стане и да се бори против угнетувачки систем и да поведе цел еден народ најдобро ја искажува Димитар Гоштанов во емотивниот изблик: „Имаше премногу смрт, а премалку живот кога Султана го пролеа мајчиното млеко со Божји благослов на своето чедо, бидејќи немаше човек кој без причина бунтовник стануваше, немаше човек што ја ставаше слободата пред смртта, сегашноста молкум се жртвуваше за потомците, сите построени во стројот за соодветно умирање, во секое тело воскреснуваше по една татковина, се возобновуваше по еден древен македонски храм“.
На крајот, чуварите на миросаните коски на Апостолот го исполнуваат заветот испишувајќи ги зборовите на саркофагот: „Го заколнувам поколението овие свети коски да се однесат во престолнината на слободна и независна Македонија“. Така и би!
И сосема на крајот, приложениот фактографски податок дека се употребени дури 59 куршуми дум-дум за да се убие македонскиот син над синовите го покажува стравот на бирократскиот и корумпиран систем, тогаш препознаен во лицето на Османлиската Империја во распаѓање, од супериорноста, дарбата и способноста на поединецот да го промени светот! Толпата секогаш стравувала од обдарениот поединец!

М-р Александар Јорданоски

(Авторот е лингвист и експерт за културно наследство)