Живееме во извонредно динамичен свет во кој основна карактеристика е брзината: се патува главно со авиони, а многу вести, соопштенија и занимливости добиваме единствено преку новите технолошки алатки – телевизијата, социјалните мрежи, пораките на мобилните телефони итн. Ваквиот брз и динамичен стил практично ги уништи интересите за читање литература. Ова особено загрижува кај младите (учениците, студентите), кои во текот на образовниот процес поминуваат без да прочитаат целосно едно единствено литературно дело. Да не зборувам и за дефицитарните информации во скриптите, кои најмногу се користат како учебни помагала, а кои не даваат вистинско знаење. Затоа на испитите се сретнуваме со сиромашен речник на ученикот/студентот, неможност да се искаже она што некако се запомнило, а да не зборувам за искажувања емоции, размислувања или нови толкувања. Се разбира, постоеле и ќе постојат и исклучоци, но тие сепак се ретки.
Од друга страна, кога се зборува за возрасната (старата) популација, како по правило неа ја изедначуваме со деменција, заборавност, исклученост од тековите на современието.
Когницијата кај возрасните се карактеризира со динамични промени во две битни полиња: а) способност за флуидност (ментална механика) или способност за брза трансформација на информациите и контрола на вниманието зависно од поставените задачи и б) кристализирана способност, која се базира на стекнато знаење и култура, а која се зголемува зависно од искуството. Со стареењето е потврдено главно менувањето на флуидната способност, иако секогаш постојат разлики помеѓу разни индивидуи. Во таа насока, независно од биолошките процеси, преку збогатување на секојдневните искуства (соодветен тренинг) се можни промени во оваа когнитивна способност. Всушност, мозочната пластичност се однесува на капацитетот на умот и мозокот да бидат изменети зависно од искуството. Иако пластичноста најмногу е испитувана кај помлади луѓе, современите истражувања потврдиле дека таа постои во текот на целиот животен век, па и во староста.
Во тој контекст има место за оптимизам околу потенцијалот на тренинг на специјални ментални способности, а со цел подобрување на некои когнитивни функции што се зависни токму од овие вештини. Така, тренинг на работната меморија особено помага во подобрување на интелигенцијата дури за три-четири поени на ај-кју (IQ).
Постојат силни теоретски причини да се верува дека работната меморија е најмногу зависна од вежбите поврзани со јазикот. Читањето одамна се покажало како активна форма на ментално ангажирање, но сепак, не било широко истражувано за докажување на когнитивното збогатување во текот на старосните процеси.
На неврално ниво, процесирањето на јазикот зависи од специфични неврални мрежи што ги поддржуваат меморијата, резонирањето, егзекутивната контрола, менталната стимулација на сензори-моторното искуство и социоемоционалното процесирање. Иако многу од овие мрежи остануваат активни многу години во животот, се покажало дека флуидната способност се намалува особено со староста. Епизодната меморија (помнење на случки) овозможува паметење на сето она што сме го прочитале во претходните поглавија на книгата и тоа да се поврзе со она што следува понатаму во приказната. Друга способност на работната меморија е капацитетот да се задржат фактите во нашиот ум и тогаш кога ќе бидеме ангажирани со други ментални процеси. Имено, работната меморија ни помага да имаме континуитет помеѓу она што се случило претходно и она што следува. И епизодната и работната меморија имаат тенденција за намалување со староста.
Всушност, јазичното процесирање зависи од мемориските процеси, кои, пак, се многу вулнерабилни со текот на стареењето. Сепак, многу малку се знае како користењето на разни јазични форми влијае на помнењето и другите форми на когнитивни способности. Во една понова студија по пат на експеримент е потврдено како осумнеделна програма исполнета со читање како забава влијаела на работната и епизодната меморија кај возрасни испитаници. Имено, групата испитаници што читале во текот на осум недели покажале подобрување на работната, но и на епизодната меморија. Значи, редовното читање покажало поголема широчина на мемориските вештини кај возрасните.
Овие ефекти не биле зависни од карактеристиките на личност на испитаниците (на пример цртата на отвореност да влијае на литературното ангажирање). Наодите од ова истражување потврдуваат дека вежбањето на когнитивните капацитети преку секојдневно читање може да ги намали оштетувањата што настануваат со текот на стареењето. Овие информации се особено важни за превенција на Алцхајмеровата деменција.
Во сличен контекст е испитувано и влијанието на музиката. Имено, музичкиот тренинг (особено свирење некој инструмент) помага да се подобри расположението и да се намалат симптомите на стрес и анксиозност.
Во студија направена во универзитетот „Бат“ (University of Bath) од Британија во декември 2022 година е потврден позитивниот ефект на учењето свирење на некој инструмент на мозочната способност да ги процесира видот и звукот, која покажала како тие помагаат да се подобри расположението. Поточно, испитувана била група возрасни испитаници што учеле да свират некој инструмент или само слушале музика, а кои немале никакво претходно музичко искуство и добиените резултати биле споредени со контролна група (која немала никаков музички ангажман). По неколку недели од ваквиот тренинг се подобрила способноста за мултисензорна информација (звук и вид) кај испитаниците. Овие мултисензорни информации се особено важни во нашите секојдневни активности (возење автомобил, минување улица, гледање ТВ). Музичкиот тренинг ги подобрил мултисензорните способности, особено кога се учело свирење на некој инструмент, што не било најдено кај оние што само слушале музика или кај оние што немале никаков музички ангажман.
Дополнително, освен подобрување на когнитивните способности, кај испитаниците било потврдено намалување на депресијата, анксиозноста и стресот. Од психолошки аспект се знае дека свирење на некој инструмент е комплексна активност што вклучува генерални движења, фина моторика, мониторирање на слушните и тактилните сигнали и адаптирање за идни акции, што заедно претставува мултисензорна способност.
Како порака за читателите останува: слушајте или вежбајте музика колку што можете почесто, а особено не заборавајте да читате литература, која ја има толку многу на располагање! Исто така, влијајте им на помладите да ги користат токму овие активности како забава и што помалку да користат електронски уреди!
Нада Поп-Јорданова