Чичко Гаче, дај ми колаче!

Развлечен, дури и забавен звук на баритон-саксофон. Сцената е од зачаден музички бар-клуб или француско бистро. Саксот како да се обидува да го здуши или да се поистовети со вресокот на невина жртва. Се случува нешто страшно. Во споредните простории од бистрото, пронајдено е искасапено тело на убава стриптизета. Да, станува збор за магазинот „Зелен додаток“ од почетокот на шеесеттите години, во кој доминираа авантурите на познатиот инспектор Мегре на Жорж Сименон. Тој е татко на над 500 наслови со овој делител на правда. Се разбира дека повремено повторно и повторно се навраќам на шеесеттите години од минатиот век кога навистина имавме на располагање магазини со светски содржини. Да ја спомнам само Џебната книга – библиотека со која се кинисуваше на годишен одмор. Буквално, за мераклиите сѐ беше достапно. Од филм, музика (фестивалите во Сан Ремо и Карлови Вари – ова колку да кажеме дека и музиката надвор од границите на Југославија беше во знакот на блоковска поделеност) и литература. Флавно, во нашите книжарници и по трафиките во кои се продаваа дневен печат и илустрирани магазини, не постоеше цензура, освен кај дела со екстремни содржини. Ако Советскиот Сојуз бранеше сѐ и сешто, па и нивниот на запад популарен дисидент Набоков со познатата „Лолита“ или „Доктор Живаго“ на Борис Пастернак (дома објавен дури во 1988 година), ние бевме привилегирани со политички статус на комси-комса или и ваму и таму, односно и со исток и со запад. Штом нешто се забранува, тоа се претвора во рајско јаболко и е барано повеќе од сѐ друго.
Насловот на колумнава е земен од музичкиот хит на ВИС „Ѕвезди“ од Гостивар од крајот на шеесеттите и почетокот на седумдесеттите години. Тој е поврзан со нашиот прочуен трговец чичко Гаче, кој беше вистински шампион на занаетот. Секако дека не беше единствен по фузијата направена помеѓу трговските организации „Кораб“ и „Маврово“ во „Гостиварска трговија“. Во градот гравитираа и чичковците Сандре, Стефо, Даут и Војне со нивните, односно државните гранапи. Денес тоа се приватни маркети. Дуќанот на чичко Гаче се наоѓаше во строгиот центар на Гостивар, веднаш до старата пошта и карши киното „Култура“. За тоа време, репрезентативен излог. Арно ама, под златната амбалажа на големите чоколади на местата каде што таа предавнички беше поткината, се гледаше дрвениот калап. Значи, ништо од чоколади, освен неколку примероци ставени под тезгето. За ситни алуминиумски парички можевме да добиеме малечка „армирана“ чоколада од шеќер со сликички од Петар Пан или Робин Худ, како и гума за џвакање „азулин“ со сликички на холивудски ѕвезди. Се разбира, тој често нѐ даруваше нас дечињата кога ќе дојдевме со нашите родители на пазарење. Имаше стакленик со свилени бонбони со фил од какао во срцевината.

Посебен подарок од стаклениот сад беше колачето или горабијата, како што милувавме да го именуваме. Во тоа време, чичко Веап беше „царот“ на скромната бела техника заедно со чичко Седек. Ако банката ви доделеше кредит, кој мораше наменски да се троши, тогаш во овие дуќани луѓето имаа полно разбирање, па освен електричниот шпорет или телевизорот, ќе извлечеа и некој динар за трошокпареси, што се вели. Во секој случај, ВИС „Ѕвезди“ го искористија моментот да се прослават со оваа певлива арија, а ние да си ја носиме во своите мемории.
Колку повеќе го разбираш светот, тоа сѐ повеќе се уништуваш себеси. Затоа будалите се среќни, а умните затворени во себе и осамени, рекол „некој“ умен и мудар. Како деца, немавме потреба да го разбереме светот, ама затоа пак имавме чувство дека врз нас носиме тежок родителски надзор. Нешто како сателитски сензор што лови до најмали ситници. Колку и да се обидувавме да го прифатиме како периферен и безначаен, тој беше секогаш тука со нас. Не помалку влијание врз нашето однесување имаа и соседите. Едноставно, постоеше нешто што се нарекуваше заедништво, блискост, солидарност, разбирање. Денес во светот на материјални богатства и располагање, како да се занемарува душата со сите нејзини карактерни црти. Полека но сигурно, се отуѓуваме еден од друг и се затвораме во нашиот внатрешен свет. Имаш очи, не гледаш. Да, гледаш, но ги гледаш само сопствените вредности и интереси. Имаш ум, не размислуваш. Едноставно се роботизираш. Имаш длабок извор на сетила и чувства, кој треба да претставува вистинско богатство, архива на знаење и метод за градење однос со опкружувањето, но и тој како да секне. Стануваме сурови и полни со неразбирање дури и кон самите себе, а камоли кон светот. Сиромаштијата и еднаквоста си имаат свои вредности. Алиенацијата и материјалното ја изопачуваат емотивната и практична слика за нас како луѓе, но никој не може да тврди дека тоа не е вредност што агресивно го носи светот кон повисоко ниво на квалитетно живеење. Се разбира, во мера кога материјата ја всисува емоцијата и ја празни душата до положба на целосна рамнодушност кон тие што не се снашле, не се вклопиле и се неспособни да го проживеат животот како луѓе. Едноставно, нема душа, нема емпатија, нема сочувство со маките на погодениот. Во тој случај, тешко си им на оние што се обидуваат да го разберат светот бидејќи ќе се претворат во осамени страдалници кон кои тој ист свет нема да покаже ниту ронка разбирање. Чинам дека е лажно чувството за слободен свет во кој денес живееме и покрај состојбата кога течат „мед и млеко“.

Станува по малку ама и малку повеќе смешно кога по медиумите и во муабетите помеѓу луѓето ќе се рече дека урнатите параметри на макроекономијата носат економски кризи. Кога нафтата и дериватите енормно го поскапуваат животот и ги генерираат инфлаторните процеси. Живеам на една од најпрометните крстосници во Гостивар. Нема ни минутка да помине без река од автомобили со нервозни возачи. Криза? Ајде ви се молам! Или можеби станува збор за едни исти што се обидуваат да бидат сеприсутни и дома и во Скопје и насекаде низ светот.
Долго, топло лето. Да ја оставиме тешката тема зад нас. Во моето или нашето генерациско минато, летото беше лето. Како изгледа тоа ваше лето, сигурно ќе се запрашаат младите? Ако се запрашаат. Се разбира дека и тогаш имаше високи летни температури. Но и покрај тоа што не постоеја клима-уреди (освен примитивни вентилатори), надвор топлината изгледаше сосема прифатливо. Влијаеше пријатно на организмот. Како амортизери, постоеја големи површини со зеленило, што плански посеано во педесеттите години од минатиот век, што самоникнати заради тоа што градот не беше пренаселен и личеше повеќе на село. Потоа тука беше Вардар со своите бисерно чисти води. Немаше корито, па самиот се грижеше за полевање на површините со кои беше опкружен. Тој ги претвораше во рај. Градежништвото експлодира. Урбаниот начин на живеење се претвори во зовриен котел. Минатото е далечно, тоа бледее, ама не треба никогаш да се заборави. Колку за споредба во случај кога се мери квалитетот на животот. Со духот што со себе го носеше колачето на чичко Гаче, не може да се носи ниту една „бајадера“ или чоколадна форма на денешното јаве. Ова колку за да го истераме нашиот старечки инает.

Авторот е писател

Љубомир Јованоски