Прилог кон дефинирање на феноменот власт (македонски примерок), приказна што децата ни ја раскажуваат за да не забегаме

Да претпоставиме дека определено множество со потребен и доволен број граѓани, со парцела и работен простор, со потврдена финансиска моќ има намера да создаде друштво со ограничена одговорност – едно лице или популарно ДООЕЛ. Да претпоставиме дека демократски избраната врхушка на друштвото ги познава процедурата и законите и политичката клима и дека знае како да го напише барањето за добивање дозвола. Да претпоставиме дури и дека уставот по кој се раководи друштвото со ограничена итн. има заслужено високи оцени од меѓународни експерти. Не се сомневаме дека претпоставеното друштво со ограничена одговорност (едно лице) има титулар и дека името е одбрано според традицијата и претставено со респект и надеж.
Сега да претпоставиме (колку и да е неверојатно) дека и покрај горенаведеното, ова друштво (со ограничена одговорност) испраќа (со ограничена одговорност) делегација, која го пријавува и не успева да се регистрира во институциите на системот во првата година. Потоа не успева ни втората,потоа не успева ни првите десет години. И потоа не успева 25 години…
Каде е тајната на неуспехот?…
Внимателно се обидувам да се доближам до тајната низ маглите на оваа секојдневност од СРМ (Социјалистичка Република Македонија) до РСМ (Република Северна Македонија). Забележувам три логични можности:
не е способен основниот конституент на компанијата – најголемото конститутивно множество;
не е во ред со парцелата територијата;
не е способна врхушката.
Не е дека овој попис на можности не е досега разгледуван. На сите овие посоки во досегашните гневни критики и критизерства од експерти, аналитичари, колумнисти, новинари одговорот е одамна дефиниран. Да го повторам: неспособна е власта! Следен чекор во решавањето на проблемот: зошто 30 години постојано се избира неспособна власт? Од понудата на досега разгледуваното низ средствата за јавно информирање ги разгледувам следните популарни одговори:
каков народ – таква власт;
изборите се постојано нелегални;
власта не ја избираат гласачите туку амбасадорот одозгора.
Не го разгледувам првиот заклучок. Го оставам на ниво на традиционална поговорка и не гледам решение. Втората можност носи вистинито тврдење. Изборите се нелегални. Нема избори што не се оспорени! НО според статистичката веројатност и според законите на термодинамиката колку и да се нелегални изборите сепак судбински мора да се појави РЕД во ХАОСОТ и да се создаде власт, која ќе биде успешна до степен да ја оствари предвидената цел. Третиот одговор е реален и точен, но само поради еден аспект, кој досега, иако очигледен, никогаш не бил разгледан или барем начнат со *НОВИНАРСКО* прашање. Да се обидам да го претставам очигледното во секојдневност со многу телевизии, кои етимолошки секогаш гледаат многу далеку.
Дали огромната армија млади (и други исто така кандидати за позиции на власт) знаат што навистина значи власт? Според децениите поминати под лидерство на досегашните избраници, заклучокот е дека: овие поединци никогаш не си го поставиле ова прашање!
Ова може да се докаже, но сметам дека нема потреба. Поважно е следното. Зошто никој С во нашава небаре политика сѐ уште не се прашува што треба да прави македонската власт!? Мислам, пред сѐ, дека треба да го заменам прашањето „ШТО“ со прашањето КАКО! Значи: како се размножи демократијата во македонската политика, која потребно и доволно живееше во едноумие?
Приложувам одговор за расправа: според еволутивниот принцип проста делба и проста суета врхушката на едноумието се подели лево-десно под заеднички именител „демократија“. Потоа новите политички ентитети се издигнаа во истата зграда на СКМ, но секој на покривот над својот влез. Секој од лидЕрите (ова смешно погрешно акцентирање го нудам како доказ за моето тврдење), стана вазалски генерален секретар на СКМ само што не примаше наредби од Белград туку од Брисел и амбасадата. За овој став и за следниот заклучок постојат доволно докази. Внимание! Друштво со ограничена одговорност. Едно лице! Сметам дека е разумно прецизно ако дефинирам вака: не постои демократска партија во Македонија. Не постои македонска политика. Не постои ни идеја што изворно ќе ги дефинира задачите на власта за постигнување каков и да е успех во играта на политиката.

Резултат: македонската цивилизација е сведена (во период од 3 децении прокоцкани можности) на публика (главно делегирана преку инструментот „мнр“), која крадешкум ѕирка преку високиот прозорец (парапетот е висок и мора да се прескокнува) за да ни прераскаже за „величието на големиот запад“, за „малата земја – малиот народ“, за „домашните задачи“ и за „крајот на денот“.
Сега назад кон тајната: што треба да работи македонската власт?
Признавам: смела советодавност од поединец, кој никогаш непосредно не учествувал во играта на власта, но уверен дека осознал нешто и сторил нешто во градителството, таа елементарна функција на власта и… Се осмелувам да предложам:
ПРОЕКТНА ПРОГРАМА ЗА ГРАДБА НА МАКЕДОНСКА ВЛАСТ
На дадените локации на улицата Илинденска и на улицата 11 Октомври во постојните објекти на ЦЕКА и ВАРДАРСКА БАНОВИНА инвеститорот бара да се проектира МАКЕДОНСКА ДЕМОКРАТСКА (читај НАРОДНА) ВЛАСТ со следните проектантски задачи.
Афирмација на цивилизациските вредности на македонскиот народ со соодветна почит на придонесот на малцинските народи.
Враќање на традиционалното достоинство на македонската власт.
Враќање на економското достоинство на Македонските производи.
Враќање на Македонското национално единство.
При решавање на функционалната целина да се наведат сите обврски што мора да ги носи секој конструктивен елемент на македонската власт со спецификација на содржината, која како градежна норма треба да ја поседува секој носител на функција, да се наведе кој дел и во кое количество на годишно ниво ќе мора да преземе и да реализира од 4-те наведени проектантски задачи.

Посебни барања на проектната програма:
Со оглед на досега покажаното непримерно лошо искуство, последиците укажуваат дека македонската власт и по 25 год. владеење сѐ уште нема дефинирано ниедна позиција на управување од премиер до министерства, а функционира по инерција од срамежливата небула СФРЈ и со маглива претстава за секоја позиција во номенклатурата на власта, мошне невешто ископирана од сличните позиции кај славните западни демократии во светот. Затоа, оваа проектна програма бара прецизно дефинирање на функцијата македонски претседател во простор – време, овде – сега, македонски премиер во простор – време овде – сега, македонски претседател на парламентот во простор – време овде – сега, македонски министри во простор – време овде – сега, македонски амбасадори со специфика на земјата во која нѐ претставуваат, но во простор време овде сега. Проектната програма исто така бара дефинирање на процентот на остварување на преземените обврски во дадениот мандат и бара да се востанови листа на критериуми за успешност, која ќе биде објавувана во Службен весник со рејтинг за успешност и неуспешност со што ќе се оневозможи повторување на погрешните избори.
ДОПОЛНИТЕЛНО БАРАЊЕ
Инвеститорот бара од проектантот одговор и на следните прашања:
Дали во македонската власт ПРЕМИЕР треба да значи генерално, само функционер што насобраните пари од даночните обврзници ги распределува како што мисли дека треба?
Дали министер во македонската власт значи функционер што ги распределува распределените пари во својот ресор како што мисли лидерот на неговата партија?
Дали претседател на Собрание е функционер што раководи со парламентот како што ќе нареди лидерот на неговата партија?
Дали амбасадор значи да раскажуваш дека си бил амбасадор кога ќе ти престане мандатот или амбасадор е личност што со својата снага и авторитет на меѓународен план обезбедува пријатели на Македонија, кои застануваат зад Македонија во меѓународните предизвици…? И…
Дали воопшто постои дефинирање на работните задачи на клучните функции во врвот на македонската власт…?
Дали народните пратеници се личности со свој став или статисти, кои следат едно исто сценарио во неуспешна претстава скоро цели 30 години…? Инвеститорот бара идејното решение да се разработи подетално за да може главниот проект да биде предаден во најкраток можен рок… се разбира бидејќи епидемијата предолго спокојно се шири.
Инвеститор: МАКЕДОНСКИ ГРАЃАНИ…….С Ф С Н