„Нова Македонија“ – гласник на македонскиот непокор

Зошто мора да ја одбраниме „Нова Македонија“? Во моментите кога македонскиот народ е исправен пред својот најголем предизвик од обновувањето на македонската државност на 2 август 1944 година, потребен е слободен простор каде што ќе го чуваме споменот за Република Македонија и каде што ќе тлее огнот за нејзиното повторно воскреснување. Има ли подобро место за еден олку нескромен, но насушно неопходен потфат од „старата дама“ на македонското новинарство, дневниот весник „Нова Македонија“?
Вчера, 29 септември 2021 година, се навршија 77 години од излегувањето на првиот број на весникот „Нова Македонија“. „Старата дама“ ги преброди сите сцили и харибди на Македонија. Таа израсна од македонскиот национален вознес во 1944 година, кога македонскиот народ рамноправно се бореше во антифашистичката борба со сите слободарски народи за да ја круниса оваа саможртва со конечното прогласување на современата македонска држава. Првиот печатен медиум на македонски јазик во слободна Македонија беше и остана стожерна одредница за македонското новинарство, школа каде што новинарскиот занает го учеа сите прочуени македонски новинари, но и поле за дебата каде што се прекршуваат клучните политички, економски и културни прашања во современото македонско општество. „Нова Македонија“, исто така, е постојан буквар на македонскиот јазик, школа за описменување на дечињата, утринска молитва за секој македонски мислечки човек и училиште низ кое нужно мора да помине секој македонски општественик, од сите сфери на живеењето во Македонија.

Но „Нова Македонија“ не беше само нем хроничар на современата македонска држава. Низ нејзините страници прво се сонуваа, потоа се скицираа, а на крајот и се изградуваа клучните македонски национални институции, како Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, МАНУ, Македонскиот народен театар, Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, како и сите доброволни здруженија на македонските интелектуалци и на македонските културни работници. Не постои ниту еден сегмент на македонската култура, образование и наука што претходно не бил претставен, оспорен и жестоко издебатиран во написи на „старата дама“.
Низ страниците на „Нова Македонија“ се бистреа сите недоумици околу развојот на македонските државни институции, од дипломатијата и Народната банка на Македонија, преку војската, полицијата, државната администрација, па сè до најсовремените дебати за потребата од нови институционални форми во светот на дигитализацијата. Тука и ден-денес ги проследуваме битките на економистите, на бизнисот и на синдикалните здруженија околу нивните замисли за побрз и подинамичен економски развој, рамномерна распределба на националното богатство, непречен проток на енергијата и на превозот, како и за привлекувањето на странските инвестиции, но и за пласманот на македонскиот извоз во светот. Актуелната, пак, најакутна тема за иднината на Македонија, нашето место во светот на дигитализацијата и роботизацијата, условите во кои ќе опстојува нашиот народ при заеднички европски пазар и паневропски слободен простор за движење, и тука добива значителен простор, како и интересни спротивставени гледишта.

Единствено контроверзно прашање, низ историјата на весникот, беше внатрешнополитичката рубрика, но тоа е тема за посебна анализа и за посебна дебата. Денес, „Нова Македонија“ е ослободена од идеолошкиот баласт и со тешки маки опстојува да се избори против обидите за целосна партиска колонизација на целокупниот јавен простор во Македонија.
За жал, и во 21 век битките за Македонија не се завршени, а македонскиот народ повторно се наоѓа пред нови премрежиња и македонската држава не била никогаш повеќе загрозена, од нејзината обнова во 1944 година до денес. И тука „Нова Македонија“ го зема тешкото бреме на отпорот и го разви бајракот за национална слобода. „Старата дама“ остана како единствен медиум во Македонија што доследно му пркоси на принудното одродување на македонскиот народ и на безумните обиди за бришење на македонската нација и за изградба на нова „северна…“ нација на нејзиното место. Во ова невреме кога македонското име е избришано од сите државни институции, остана уште само „Нова Македонија“ да храбри, да повикува и да обединува, како и да потсетува дека Македонија не може да биде ни слободна ни независна ни демократска сè додека е „Северна…“.
Треба да им се оддаде почит на сопственикот и на уредништвото на „Нова Македонија“ затоа што успеаја да одолеат на сите притисоци при безумниот налет на одродниците во 2017 и 2018 година, па беше одбранет еден мал медиумски простор каде што и натаму се негуваа македонската култура и отпорот кон „северничарењето“. Веројатно уште само тука немало епизоди со надразнувачко наметнување на „Северна…“ секаде онаму каде што може и мора да стои само Македонија.

Деновиве имав можност да зборувам со повеќе македонски интелектуалци и културни дејци. Општ е впечатокот на мнозинството дека биле изненадени од агресивноста на наметнатите властодршци и на нивните бучни поддржувачи во јавната сфера во последниве неколку години, а многумина биле обземени од чувство на беспомошност поради немото рушење на македонската држава, обезличувањето на македонските национални институции и сите удари врз македонската самобитност. Меѓутоа, токму објавата на прогласот на МАНУ, УКИМ и на МПЦ на страниците на „Нова Македонија“ и потоа серијата колумни на претседателот на МАНУ, академикот Љупчо Коцарев, им покажале дека отпорот е жив и дека Македонија не е мртва.
Од друга страна, Македонија претрпи еден застрашувачки удар врз нејзиниот уставен систем и демократски поредок. Токму домашните владини институции пристапија кон газење на јасно изразената волја на македонскиот народ на референдумот од 30 септември 2018 година кога Македонците ја одбија промената на името. За среќа, низ страниците на „Нова Македонија“ и сега, иако многу срамежливо, се дискутира за обновата на демократија и за ослободувањето од челичната тупаница на актуелната власт, иако обвиткана во кадифени ракавици со европски симболи.

Во оваа дигитална ера кога јавниот простор е пренатрупан од разни приватни интереси, лоби-групи, пари за влијание врз јавното мислење од сите можни туѓински центри, најдобра одбрана на здравиот разум е самоникнатата јавна дебата. Често во дебатите многумина се прашуваат „зошто интелектуалците молчат“. Отворените страници на „Нова Македонија“ се најдобар доказ дека не молчи македонската интелигенција, туку дека е претешка борбата против опортунизмот, малодушноста и интелектуалната мрзливост во оваа земја. Општествениот статус, работното место или некои други синекури не се одлика на интелектуалците, туку исклучиво јавно искажаниот збор и јасно одбранетиот став. Тоа што се гледа на јавната сцена, посебно низ живата дебата на страниците на „Нова Македонија“, тоа е македонската интелигенција и автентичната самоникната македонска јавна дебата.
Оттука, нужно е да се одбрани „Нова Македонија“, таа „стара дама“ на македонското новинарство. Не случајно уредништвото на весникот ја одбра петокраката, обоена со македонските национални бои за ново лого на „Нова Македонија“. Исто како и за време на Втората светска војна и сега пред Македонците стои нова борба за национална слобода и за демократија. Овој пат борбата нема да се води со пушки и со куршуми, ниту пак ќе биде загрозен чиј било живот. Борбата за обнова на Македонија е борба во сфера на културата и борба што ќе се води преку буквите, пишаните, печатените и дигиталните, а засега една од единствените слободни територии ни се страниците на „Нова Македонија“.
Нашата национална борба започна со повикот „Слобода или смрт“, нашата најголема победа ја водеа извиците „Смрт на фашизмот, слобода на народот“, а сега сме обединети под лозунгот „Никогаш ’Северна…‘, само Македонија“. Воопшто не се сомневам во победата на македонскиот народ и во оваа праведна, иако многу нерамноправна, борба, а сигурен сум дека и ова тржество ќе биде објавено и обзнането на целиот свет преку насловната страница на „Нова Македонија“.