Големите технолошки компании ја презедоа контролата врз општествените аспекти, економијата и националната безбедност

Граѓаните сè почесто ги живеат своите животи во дигиталниот простор кој националните влади не можат целосно да го контролираат, пишува Ијан Бремер за „Форин аферс“

Технолошка трансформација на планетата

Државите беа примарни актери во глобалните односи речиси 400 години, но тоа почнува да се менува бидејќи неколку големи технолошки компании им станаа конкуренција за геополитичкото влијание. Последиците од упадот во американскиот Конгрес на 6 јануари е најновиот доказ дека „Амазон“, „Епл“, „Фејсбук“, „Гугл“ и „Твитер“ повеќе не се само големи компании туку ја презедоа контролата врз општествените аспекти, економијата и националната безбедност. Истото важи и за кинеските компании „Алибаба“, „Бајтденс“ и „Тенсент“. Недржавните актери сè повеќе ја обликуваат геополитиката, со тоа што технолошките компании водат на чело. Иако Европа сака да се вклучи, сепак нејзините компании немаат капацитет или геополитичко влијание за да се натпреваруваат со нивните американски и кинески колеги.
Овие компании имаат огромно влијание врз технологиите и услугите што ќе ја поттикнат идната индустриска револуција, ќе одредат како државите ќе проектираат економска и воена моќ и ќе ги редефинираат социјалните контакти. Тие имаат еден вид суверенитет на брзорастечко царство кое се протега надвор од дофатот на регулаторите, наречено дигитален простор. Дали ќе живееме во свет каде што интернетот ќе стане сè поподелен, а технолошките компании ќе им служат на интересите и целите на државите во кои имаат седишта или тие одлучно ќе се борат со владите за да ја добијат контролата на дигиталниот простор, ослободувајќи се од националните граници и наметнувајќи се како една вистинска глобална сила? Дали можеби конечно ќе дојде крајот на ерата на доминацијата на државите, која ќе ја замени една техно-елита која овој пат ќе нуди јавни добра наместо некогашните влади?

Будното око на технолошките компании

Денес, најголемите технолошки фирми имаат две клучни предности што им овозможуваат да создадат независно геополитичко влијание. Прво, тие не функционираат или користат моќ исклучиво во физичкиот простор, туку и создадоа дигитален простор кој претставува нова димензија во геополитиката. Луѓето сè повеќе ги живеат своите животи на оваа огромна територија која владите не ја контролираат и не можат целосно тоа да го остварат. Импликациите од овој факт се пренесуваат во сите аспекти на граѓанскиот, економскиот и приватниот живот. Во многу демократии, политичарите стекнуваат следбеници на социјалните мрежи, што им носат донации и поддршка. Претприемачите така успешно ги градат нивните бизниси, а со помош на алгоритмите големите технолошки фирми дури и ги трансформираат човечките врски на начин што ги насочуваат луѓето како да го поминуваат своето време, кон какви професионални и општествени можности да се стремат и што да мислат.
Втората предност е што нудат широк спектар на дигитални и физички производи што се потребни за водење на едно современо општество. Денешната брзо дигитализирана економија зависи од посложена низа на стоки, услуги и информативни текови. Така, технолошките компании веќе имаат свој удел во обезбедувањето здравствена нега, развој на лекови, автономни возила, електронска трговија, логистика, платежни системи, подводни кабли, телекомуникациски мрежи, апликации за водење дигитално општество, итн. Треба да се истакне дека се и вклучени и ги поддржуваат целите во националната одбрана на една држава. Меѓутоа, владите преземаат чекори за да ја скротат дигиталната сфера, па така технолошката индустрија се соочува со политичка и регулаторна реакција на повеќе фронта. Центрите на податоци на технолошките фирми се наоѓаат на територија под контрола на владите, па така тие подлежат на националните закони. Но, како што технологијата станува сè пософистицирана и расте дигиталниот сектор, така државите и регулаторите дејствуваат со ограничена моќ. Бидејќи технолошките компании обезбедуваат важни дигитални и физички стоки и услуги, државите нема да можат да си дозволат лична саботажа со наметнување на драконски мерки против нив за ограничување на нивната работа.

Државата го возвраќа ударот

Европската Унија (ЕУ) е на браникот на демократските општества што се залагаат за поголем суверенитет над дигиталниот простор. Новиот регулаторен пакет на Брисел ќе ѝ овозможи на Европската комисија нови овластувања да ги казнува платформите на социјалните мрежи за незаконски содржини, да ги контролира високоризичните апликации со вештачка интелигенција и да им стави клуч на технолошките компании кои европските бирократи ќе ги сметаат за премногу моќни. Брисел и најмоќните европски членки сакаат да развијат алтернатива на најголемите платформи за чување податоци, меѓутоа тоа е огромен ризик. Постигнувањето и одржувањето глобално лидерство во сферите како обработка на податоци во облак или полуспроводници наложува огромни одржливи инвестиции на финансиски и човечки капитал, како и блиски врски со потрошувачите и други партнери во сложениот глобален синџир на снабдување. Во наредните десет години, владите и технолошките компании ќе се натпреваруваат за влијание во дигиталниот и физичкиот свет и затоа е потребна подобра рамка за разбирање на целите на компаниите и како нивната моќ е во интеракција со онаа на владите во двете сфери.

Борба со водечките технолошки фирми

Ориентациите на технолошките компании не се ништо поразлични од оние на државите, па така во самите нивни рамки се опфатени принципите на глобализмот, национализмот и техно-утопизмот. Глобалистичките фирми како „Епл“, „Гугл“ и „Фејсбук“ функционираат целосно на меѓународно ниво. Водечките кинески компании „Алибаба“, „Бајтденс“ и „Тенсент“ функционираат на сличен принцип, а по првичниот домашен успех тие му фрлија око и на светскиот пазар. Успешноста на кинеските технолошки фирми се должи и на финансиската помош од владата во Пекинг. Покрај тоа, кинеските фирми се типичен пример за партнерска соработка за унапредување на владините приоритети. Технолошките фирми и владите соработуваат во разни дигитални домени, вештачка интелигенција и сајбер-безбедност. Дури и американските глобалистички компании ги привлекува овој модел, па така самиот „Мајкрософт“ има сè поголема улога во контролата на дигиталниот простор во име на американската влада и сојузничките демократии. Во третиот модел на техно-утопизам спаѓаат некои од најмоќните технолошки фирми што ги водат харизматични визионери кои технологијата ја гледаат како револуционерна сила во човечкото секојдневие.

Сценарија за дигиталната иднина

Додека технолошките компании и влади преговараат за контрола на дигиталниот простор, американските и кинеските технолошки гиганти ќе функционираат во една од трите геополитички средини. Според првото сценарио, државата и натаму ќе биде доминантна во гарантирање на безбедноста, законската регулатива, обезбедувањето јавни добра и решавањето на глобалните предизвици, а „патриотските“ технолошки компании ќе бидат наградени за нивната соработка. Во вакво сценарио, Европа би била голем губитник, а нејзиниот технолошки сектор ќе нема избор освен да ја следи агендата на Вашингтон. Светот би станал геополитички понестабилен, со зголемен ризик од стратегиска и технолошка поделба. Во тој случај Тајван би бил главен проблем, бидејќи американските и кинеските компании зависат од водечката тајванска компанија за производство на најсовремени чипови. Според второто сценарио, државата би била во ослабена позиција, а владите ќе мора да го делат суверенитетот над дигиталниот простор со технолошките компании. Водечките технолошки компании би ги надминале ограничувањата за нивните странски операции, водејќи се од аргументот дека загубата на пазарни можности ќе им наштети на иновациите и на способноста на владите да отвораат работни места и да се справат со глобалните предизвици. Во ваков свет, Вашингтон и Пекинг повторно би биле доминантни глобални сили, а Европа би добила шанса да се наметне како бирократски играч. Меѓутоа, третото сценарио предвидува поткопување на државата, а техно-утопистите би ја искористиле разочараноста на граѓаните од владите кои не успеале да создадат просперитет и стабилност. Така, граѓаните би се свртеле кон дигиталната економија и криптовалутите, а светот помалку би можел да се справи со глобалните предизвици. Меѓутоа, владите никогаш не би се предале без жестока борба.

Храбар нов дигитален свет

Во моментов, најголемите светски технолошки фирми проценуваат како најдобро да се позиционираат додека продолжува силното ривалство меѓу Вашингтон и Пекинг. САД веруваат дека нивниот најголем геополитички приоритет е да не бидат надминати од страна на Кина чиј, пак, приоритет е да стои економски и технолошки цврсто пред коалицијата на напредни индустриски демократии што сакаат да го спречат нејзиниот подем. Водечките технолошки компании засега ќе се однесуваат претпазливо за да не ја засилат дополнително владината несигурност за губење на авторитетот.
Ова не значи дека општествата се движат кон можното сценарио за пропаст на државите, крах на владите и распаѓање на границите. Нема причина да се мисли дека овие предвидувања се со поголема веројатност да се остварат денес отколку во 1990-тите. Но, едноставно веќе не може да се зборува за големите технолошки компании како пиони што нивните владини господари лесно ги движат на геополитичка шаховска табла. Тие самите сè повеќе се наметнуваат како геополитички актери. Бидејќи американско-кинеското ривалство игра сè подоминантна улога во глобалните односи, тие ќе имаат зголемена моќ да го обликуваат однесувањето на Вашингтон и на Пекинг. Само со преиспитување на нашето разбирање за нивната геополитичка моќ можеме подобро да го разбереме овој храбар нов дигитален свет.