Медиумската писменост – парадокс на толеранцијата

Во една таква борба за јавноста, во која самиот медиум треба да остане неутрален, постои опасност да се добие единствено одмереност (баланс) на веќе етаблираните интереси

Владата го прифати и го призна регистарот на стотина веб-портали како валиден. На листата изработена од медиумски заедници во процесот на саморегулација се портали препознаени како професионални. Ги имаме јасната приказна, јасните вредности и треба да го искористиме тоа за промоција на нашите вредности, преку промоција и активна транспарентност, користење модерни, дигитални комуникации, соработка и зајакнување на медиумската писменост, што од септември се воведува како предмет во основното образование, со цел да се поттикне критичко размислување кај децата.
Слободата на изразување претставува една од суштинските основи на едно демократско општество, еден од основните услови за негов напредок и за развојот на секое човечко суштество.
Потребата од проучување на функцијата на медиумите е поврзана со основните прашања и концепти на медиумската писменост. Функцијата на медиумите е да пренесуваат креирани пораки од некого, создадени за да ѝ го привлечат вниманието на публиката, да пренесат ставови, но и така да се обидат да ги наметнат. Јавноста треба да знае за функциите на медиумите, за да може полесно да ги анализира и сфати медиумските пораки, да разбере зашто се создадени и да ја разбере намерата на оној што ја испратил пораката. Додека весникот како прв масовен медиум имал функција само да информира, со развојот на граѓанското општество, функцијата се променила и се проширила неговата улога. Денес, во демократските општества улогата на медиумите е да промовираат демократски вредности, да се залагаат за слободата на изразување, различности на мислење, јавна дебата и граѓанска партиципација во општеството.

Јавноста, која претходно беше пасивно и аморфно мнозинство што ги апсорбира информациите од медиумите и креаторите на јавното мислење, се трансформира во сложена мрежа на поединци и групи поврзани на различни нивоа. Овие нови чинители во процесот на јавното мислење се своевидни клучки во протокот на информации, клучки што примаат, преработуваат, насочуваат и го забрзуваат проток на информации низ комуникациската мрежа. Комуникациските врски се оформуваат, засилуваат или прекинуваат како динамичен процес. Клучната одлика на комуникациска мрежа е тоа што протокот на информации сега е повеќенасочен, додека сите активни чинители имаат можност рамномерно да примаат, креираат и да дистрибуираат информации. Професионалните медиуми го задржуваат приматот на главни генератори на содржини, но во голема мера ја загубија улогата на т.н. „гате-кееперс“, односно филтри за информациите што се уфрлаат или исфрлаат од комуникациската мрежа.
Во една таква борба за јавноста, во која самиот медиум треба да остане неутрален, постои опасност да се добие единствено одмереност (баланс) на веќе етаблираните интереси.
Да се навратиме на темата што ги следи и опсервира програмската и содржинската понуда во медиумите во Македонија. Борбата за освојувањето на етерот кај нас беше претворена во безобѕирен ситнодуќанџиски профитерски натпревар, хаотични социјални мрежи, каде што од стотици ботови и политички полтрони речиси е невозможно да развиеш нормална политичка дебата. На етерот му се пријде како на маркетиншки колач, кој треба да се освои по секоја цена и да се дели според логиката на пазарот.
Либерализацијата на медиумскиот сектор не беше резултат на осмислена медиумска политика, туку повеќе на хаотично развивање на дејноста. Во практиката ова значеше не само недостиг од цврсти изградени критериуми за влез на сериозни и професионални конкуренти на пазарот туку и препуштање на медиумскиот бизнис на моќници и други поединци што поради различни мотиви имаа амбиција само да станат сопственици на медиуми и да ги користат медиумите за влијание или интерес.

Во сиот транзициски период се натпреваруваат во некритичко и безмилосно разорување на кревкиот медиумски суверенитет, грижливо и макотрпно создаван со децении и како замена и евтина варијанта ни сервираат некритички неограничени количества, дебати, топ-теми, преземени турски, американски, индиски програми – симулации и домашни, нископродукциски жанровски содржини. Во име на високиот рејтинг, секојдневно забрзано и перфидно атакуваат врз перцепциската толеранција и достоинството на гледалиштето, со несовесните и програмските шеми го распарчуваат безмилосно македонскиот етер, нанесувајќи притоа низа несогледливи последици од педагошки, лингвистички и од идентитетски карактер.
Преголемата конкуренција на пазарот влијаеше врз континуираното опаѓање на квалитетот на програмите и содржините. Многу радиодифузери и финансиски и политички го злоупотребуваат медиумскиот простор.
Моментално имаме хаотични социјални мрежи, каде што од стотици ботови и политички полтрони речиси е невозможно да развиеш нормална политичка дебата.
Но македонските граѓани сѐ уште повеќе им веруваат на традиционалните медиуми отколку на интернет-порталите и социјалните мрежи. Тоа не значи дека не ги читаат истражувачките стории на интернет-медиумите, но повеќе веруваат ако за злоупотребите на власта или опозицијата слушнат, прочитаат, видат на традиционалните медиуми, кои покажуваат професионалност и воздржаност кон детали од злоупотребите.

Во глобалниот медиумскиот пандемониум видно место заземаат електронските медиуми – големите телевизии, како Си-ен-ен, РТ, Ал џезеира и редица слични, кои се технолошки супериорни и со големи средства и стратегии се обидуваат психолошки да го затрујат светот со своите системи на илузија и подмолни инсинуации, и со своите медијалистички инструкции кон масите, затапени и збунети луѓе, робовите на моќната и безмилосна светска олигархија, која им дозволува (каква великодушност) да гледаат во кутиите со слики и тон и да ги сонуваат своите идиотски сништа, а притоа да бидат контролирани како стадо, а не почитувани како општество и интелигентна заедница.
Ужасно е тоа какво непочитување кон луѓето и гледачите покажуваат некои од овие медиумски куќи. Нивото на многу од нивните емисии и интерпретации е на толку ниско, што веќе ни најглупавите и најнаивните луѓе на земјава не веруваат во нив.
Демократскиот политички процес и развојот на секое човечко суштество се опции за кои заштитата на слободата на изразување е основна, според Европската конвенција за човекови права. Како принцип, заштитата се однесува на кој било исказ, без оглед на неговата содржина, пренесен од секое лице, група или вид медиум.

Единственото ограничување засновано на содржината се однесува на пренесувањето идеи со кои се промовира нацистичката идеологија, се негира холокаустот и се поттикнуваат омраза и расна дискриминација. Комисија на Европската конвенција за човекови права, во согласност со членот 17 од конвенцијата, одлучи дека слободата на изразување не може да се употребува за да доведе до уништување на правата и слободите доделени со конвенцијата. Таквите одлуки ја применуваат теоријата на парадоксот на толеранција: апсолутна толеранција може да доведе до толеранција на идеи што промовираат нетолеранција, што понатаму може да ја уништи толеранцијата.