Ова мое јавување на некој начин се надоврзува на моето претходно писмо во „Нова Македонија“, а е поврзано и со текстот, исто во „Нова Македонија“, од нашиот еминентен научник Наде Проева за македонското име низ вековите. Овој напис е исклучително за етимологијата (потеклото) на името на Македонија.
Македонија во најстаро време била територијата северно од реката Бистрица (Халиакмон), Лудиас и долниот тек на Вардар. Западната граница била кај Грамос во Пинд и Охридско Езеро. За ова има уште да се зборува. Таа се проширила значително во времето на Филип Втори. Тукидид вели дека Македонците биле освојувачи, кои ги истиснале Траките и Пајонците.

Во антиката Македонците главно се сметаат за негрци, спротивно на грчките желби и фалсификати. Древна Македонија била поделена на Горна и Долна Македонија. Едно од најстарите имиња за Македонија е Ематија (Иматија) (југо-западно во Македонија) (Дотука преземено од Katičić Radoslav. 1976. Ancient Languages of the Balkans.) Според мене, а контроверзно би било можеби, името Ематија доаѓа од индоевропскиот корен *hem- ‘има’ значи ’обилна, богата земја’. Ова го заклучувам врз основа на бругаскиот материјал. (Забелешка: бругаскиот јазик е денешен директен наследник на бригискиот (фригискиот).
Според сè што сум проучувал, не е исклучено за Горна Македонија името да е Бригија (во грчка транскрипција Фригија).
Сега за името Македонија. По никаков редослед: 1. Грчката и омилена западна теорија е дека Македонија доаѓа од македнос што значи ‘висок’. Малку за смеење, наводно дека биле високи луѓе (?!). Има и варијанта Макетос, и Макутија, која, пак, Грците ја изведуваат од грчки макрос ‘долг’ или латински macer ‘слаб’ (ова е веќе секако за смеење). Впрочем грчкото khthṓn ‘земја’ не може да лежи во македонската форма и нр го објаснува првиот дел од името. 2. Некои дури сметаат дека името Македонија е неиндоевропско, остаток од најстарото население на Балканот (пред најмалку 5.000 години).

Еминентниот индоевропеист и светски стручњак за старогрчки, Роберт Бикс ја застапува оваа теза. Како и да е, внимавајте еден стручњак како Бикс вели дека името не е старогрчко! Сосема условно, некои од балканизмите можеби доаѓаат од тоа најстаро време. 3. Една можна етимологија е од бригиската божица Гдан Ма ‘мајка земја’. Со метатеза *Ма-гдан. 4. Според некои мои наоди, може да е и од индоевропскиот корен *maĝ- ‘притиска, збива’, значи ‘збиена’. Бругаскиот материјал го сугерира тоа. Има и една слаба варијанта дека Македонија е од зборот makuti (пак од бругаскиот) што значи ‘средишен, централен’. 5. Според нашиот народ, по народна етимологија, Македонија доаѓа од мака (создадена). 6. (Има и варијанта Mygdonia, која според бругаскиот материјал би значела ‘нашa земја’.)
Јас лично мислам дека името на Македонија е од бригиско потекло, дали како во бр. 3 или 4 или поинаку.
Просудете и сами. Македонија е славна земја, грандиозна тоа веќе се знае, неповторлива, а во јазичен сојуз со Бригите е непобедлива, нескршлива, што би рекле пиреј… (Да посетам дека во македонскиот наш има триесетина збора од бригиско уникатно потекло и граматика што во најголем дел е супстратна. И понатаму, бригискиот и старомакедонскиот се многу блискосродствени, според видните лингвисти индоевропеисти Антоан Меје и Јордан Русу. Ние денешните Македонци, звучи нескромно, го спасивме името од историски заборав. Ќе беше само неугледна провинција на Грција, која, впрочем, долго време не го употребуваше името Македонија, туку ја викаше Северна Грција. И сега, чие е името?

(Илија Чашуле, професор по лингвистика на универзитетот „Меквори“ во Сиднеј, Австралија, индоевропеист, балканолог и македонист, и академик, надвор од работниот состав, на МАНУ)